Култура

Промовирана книгата „Муабети за личен развој“ од Елена Антоновска и Огнен Јанески

Во ова невообичаено литературно дело се содржани транскрипти од разговорите помеѓу Елена и Огнен водени во 40-ина емисии од тв серијалот за животот емитуван на ТВ24 во период од 2014 до 2016 година

петок, 01 ноември 2019

Вчеравечер во клуб ресторанот МКЦ се одржа промоција на првата книга „Муабети за личен развој“ од авторите Елена Антоновска и Огнен Јанески.

Во присуство на бројни гости поддржувачи на личниот развој, но и на пишаниот збор беше промовирано ова невообичаено литературно дело во кое се содржани транскрипти од разговорите помеѓу Елена и Огнен водени во 40-ина емисии од тв серијалот за животот емитуван на ТВ24 во период од 2014 до 2016 година.

Размислувањата за животот и психолошките ситуации во кои се наоѓа секој од нас прават поучно четиво од оваа книга во која главниот мотив на авторката е дека личен развој се постигнува со давање и со поддршка.

Спонтаноста на разговорите од тв серијалот ги побудуваат размислите за личните дилеми на авторот коишто имаат универзално решение како одговор во психологијата. Во таа насока авторот Огнен Јанески вели:

„И, тоа е она што книгата го учи, дека не можете секогаш сам. Некои можат, но некои мора да бидат поттурнати, поттикнати. Таква е и нашата ситуација, затоа што Елена ме поттурна, ме поттикна и на крајот рече – погледни, јас ја испечатив книгата“, вели Јанески.

Се очекува и новата книга, која, всушност, ќе биде прв дел а ќе се однесува на сите методи и техники на личен развој.

Ова издание, пак, веќе се преведува во Србија, Бугарија, а во преговори е превод и за Хрватска. Зошто книгата „Муабети за личен развој“ е интересна регионално и каде сме ние во регионот по однос на личниот развој, авторката Елена вели:

„Ние чувствуваме многу големи тежини, имаме некое бреме како народ, како територија, и многу потешко доаѓаат кај нас новините, како прво од тој апсект, аспект на методи, личен развој, начини, техники, источни вештини и потешко ги примаме, што е многу интересно. За разлика од нас, горе некаде, посеверно, тие се 10-ина години понапред. Мислам дека нам ќе ни треба време, иако се движиме. А, тоа е добрата вест“, вели Антоновска.

Новинарското искуство на Огнен Јанески, пак, му говори дека премногу сме се изгубиле во колективното, а личното сме го заборавиле. Но, гледано регионално, општествата кои се слични на нашето се турбулентни, тешки и мачни за живеење, но, како што вели тој, сепак, мора да се најдеме себе си, иако тоа тешко ни оди, но, сепак, оди.

„Позитивното е во тоа што се движиме, не тапкаме во место“, заклучува Јанески.

 

Содржината е прочитана 432 пати.