Бизнис вести

Се спојуваат „Фиат Крајслер“ и „Пежо“

Со спојувањето, новата заедничка фирма ќе стане четвртиот најголем производител на автомобили во светот со очекуван годишен приход од 170 милијарди евра и годишна продажба од 8,7 милиони автомобили

четврток, 31 октомври 2019

Управните одбори на италијанско-американската компанија „Фиат Крајслер“ и на француската групација ПСА, која е сопственик на „Пежо“ и „Ситроен“, го одобрија спојувањето на двете компании. Со спојувањето, новата заедничка фирма ќе стане четвртиот најголем производител на автомобили во светот зад „Тојота“, „Фолксваген“ и „Рено-Нисан“, со очекуван годишен приход од 170 милијарди евра и годишна продажба од 8,7 милиони автомобили.

Кога ќе заврши процесот на спојување, извршен директор на новата компанија ќе биде првиот човек на ПСА, Карлос Таварез, додека претседателот на „Фиат Крајслер“, Џон Елкан ќе биде на истата функција и во новата компанија.

Одлуката за спојување е донесена откако во јуни „Фиат Крајслер“ се повлече од најавената зделка со „Рено“.

Инаку, италијанско-американскиот производител ги поседува и брендовите „Џип“, „Алфа ромео“ и „Масерати“, а дел од новата група би станале и „Опел“ и „Воксхол“.
 

Содржината е прочитана 66 пати.