Бизнис вести

Швајцарски „Баумер“ отвори фабрика во Бунарџик

Инвестицијата во првата фаза изнесува 4,7 милиони евра при што ќе бидат отворени 150 нови работни места, со можност оваа бројка во иднина да се зголеми на 500. Производниот капацитет е сместен на површина од 2.500 квадрати, а на 600 квадратни метри швајцарскиот инвеститор ќе изгради развоен истражувачки центар во кој ќе се обучуваат млади инженери

четврток, 31 октомври 2019

Денеска, во ТИРЗ Скопје 1 во Бунарџик официјално стартуваше со работа „Баумер“, една од водечките компании за изработка на сензори и сензорски решенија за автоматизација на процеси. Во фабриката во Скопје швајцарски „Баумер“ ќе произведува напредна сензорска технологија и други полуфабриканти од електрониката кои потоа ќе се извезуваат.

Инвестицијата во првата фаза изнесува 4,7 милиони евра при што ќе бидат отворени 150 нови работни места, но со можност бројката на вработени во иднина да се зголеми на 500. Во првата фаза на површина од околу 19.000 квадратни метри е изградена зграда со вкупна површина од 4.000 квадрати од кои 2.500 квадрати се производен капацитет, а на 600 квадратни метри швајцарскиот инвеститор ќе изгради развоен истражувачки центар во кој ќе се обучуваат млади инженери

Сопственикот на групацијата Оливер Вице истакна дека нудат вештини за висока технологија, интересни работни места и одлични услови за работа.

„Во првата фаза на изградба компанијата се фокусира на производство и производствен инженеринг. Во следната фаза на проширување се планираат тимови за развој на нови производи составени од инженери за хардвер и софтвер, како и специјалисти за ИТ“, рече Вице.

Премиерот Зоран Заев појасни дека минатата година бил потпишан договор за закуп на градежно земјиште со површина од 19.107квадратни метри во ТИРЗ 1 во Бунарџик,

„Швајцарската компанија ’Баумер’ која денеска почнува со работа во нашата земја е една од најпознатите компании за сензори, инструменти за мерење, испитување и навигација со 38 подружници во 19 земји. Нивните високо технолошки уреди се вградуваат во автомобилската, авио-индустријата, градежништвото, како и изработка на мобилни уреди и инструменти во медицината“, рече Заев на отворањето на фабриката.

Според вицепремиерот Кочо Анѓушев, добро е што сега се отвораат капацитети со висока технологија за разлика од порано кога во државата имало само трудоинтензивни капацитети. Потсети дека во изминатите две години се отворени 30-ина фабрики и 54.000 нови работни места.

„Тоа е начинот како наместо млади луѓе, да извезуваме производи“, рече Анѓушев.

 

Содржината е прочитана 63 пати.