Интервјуа

Личниот развој претставува храброст да се нурнете во длабочините на сопственото битие

Интервју со Елена Антоновска, сопственик и генерален менаџер на „Арс Луцида“ која заедно со Огнен Јанески ја промовира својата прва книга „Муабети за личен развој“. Промоцијата е на 31 октомври во МКЦ

вторник, 29 октомври 2019

МАРИЛИ: Повод за ова интервју е новата книга „Муабети за личен развој“ за која промоцијата ќе се одржи на 31 октомври. Што претставува оваа книга, чии автори сте Вие и Огнен Јанески?
АНТОНОВСКА:
Оваа книга е плод на една долгогодишна соработка, дружење и заедничко растење, кое започна во 2014година, кога со Огнен се сретнавме првпат и решивме да направиме серијал од емисии со кои би ја поттикнале публиката на размислување, би ја информирале и би ја едуцирале на различни теми од областа на развојот, кои потоа ги проширивме на теми од животот. Овој серијал траеше можеби две сезони во емисијата „За животот“, каде реализиравме околу 40-ина емисии со длабоки и навистина интересни содржини, разработени и раскажани на лесен, разговорен јазик. За нас, заедничките емисии беа време кога навистина пониравме длабоко во себе, ни беа безвременски, но и забавни во исто време, па сакавме на публиката некако да ѝ ја доближиме атмосферата и знаењата кои и двајцата ги имаме во изобилство, а тоа да остане како пишан збор.

МАРИЛИ: Колку време созреваше идејата за оваа книга и зошто се определивте за ваква форма пренесување знаења и искуства, односно, зошто е во печатено издание, а не во сега актуелните електронски форми?
АНТОНОВСКА:
Малку сме олд скул јас и Огнен, за нас книгите се непроценливо богатство, па сметавме дека читањето вистинска книга во физички облик, со мирис на боја, сепак, е незаменливо искуство. Иако се работи за ТВ - емисии и за нивни транскрипти, како една специфична пишана форма, сметавме дека е најадекватна за да ја пренесе енергијата на емисијата и на нашите разговори.
Инаку, ни беа потребни три години да ја реализираме идејата за книгата „Сѐ во свое време“ рекле мудрите луѓе. Веројатно за сите нешта во животот е потребно ние да созрееме, па тие да се случат.

МАРИЛИ: Постои ли дефиниција за тоа што претставува личен развој и кога една индивидуа може да смета дека постигнала личен развој? 

АНТОНОВСКА:Постојат дефиниции кои се однесуваат на личен развој, иако сметам дека личниот развој е толку широка тема што не влегува во една дефиниција. На пример, една од нив (Википедија) вели дека личниот развој покрива активности кои ја зголемуваат свесноста и идентитетот, развива таленти и потенцијали, гради човечки капитал и ја зголемува вработливоста, го подобрува квалитетот на живот и придонесува кон реализација на соништата и аспирациите. Концептот вклучува формални и неформални активности за развивање на другите луѓе со помош на учител, водич, советник, менаџер, коуч или ментор. Личниот развој трае цел живот...
Според тоа, клучот е во патувањето, а не во дестинацијата. Поетично кажано, личниот развој претставува храброст да се нурнете во длабочините на сопствената личност или сопственото битие. Тоа е патување на кое ги откриваме бесконечните можности на нашето битие, учиме да ги видиме, искористиме и да создадеме живот на изобилство, напредок, добро здравје и среќа.
Може да се каже дека не постои конечно постигнување на оваа тема, туку едноставно континуирана желба, напор, труд и работа кон промена, самореализација и мастерство или самоконтрола. Оној што се познава себеси, го познава целиот Универзум, па личниот развој, всушност, постојано нѐ води кон самоспознавање, едноставност и мудрост, кон длабоки знаења за кои немаме претстава дека постојат.

МАРИЛИ: Мудростите на личниот развој влечат корени од древните народи кои важно место му давале не само на умот, туку и на срцето. Што вели денешната наука, на кое значајно енергетско ниво е срцето во нашиот организам и колку е важно работите што ги правиме, да ги правиме од срце?
АНТОНОВСКА:
Новите истражувања покажуваат дека човечкото срце е многу повеќе од пумпа која нѐ одржува во живот. Тоа претставува и еден вид пристапна точка кон изворот на мудрост и интелигенција на кој можеме да му се обратиме за да живееме балансиран живот, со поголема креативност и зголемени интуитивни способности. Сето ова е важно заради зголемување на личната ефективност, подобрување на здравјето и постигнување на зголемено чувство на исполнетост.
Со векови срцето се сметало за извор на емоции, храброст и мудрост. Во последните три децении се изведуваат истражувања за физиолошките механизми преку кои комуницираат срцето и мозокот и за тоа како срцевите активности влијаат на нашата перцепција, емоции, интуиција и здравје. Во смисла на тоа како стресните, но и пријатните емоции како сочуство, љубов, милост итн.влијаат на активноста на автономниот нервен систем, хормоналниот и имунолошкиот систем.Резултатите покажуваат дека променливоста на срцевиот ритам влијае на севкупниот телесен систем. Со прости зборови, начинот на кој се чувствуваме ја одредува реакцијата и симптомите на телото во широка смисла и влијае на мозочната активност, когнитивните процеси, нивото на стрес и функционирањето на нервниот, хормоналниот и имунолошкиот систем.

Истовремено, срцето се однесува како да има своја сопствена интелигенција и ум, и потврдено, има свое електромагнетно поле, па влијае на нашата свест, перцепција, интелигенција и на начинот како ние одговараме во секојдневните интеракции. Нормалната работа на срцето доведува до зголемени когнитивни функции, саморегулација, емоционална стабилност и резилиентност. Уште повеќе, неговото електромагнетно поле е 5.000 пати посилно од електромагнетното поле на мозокот, нормално се простира надвор од телото, носи информации кои влијаат на околината и на сите живи битија, нѐ поврзува индивидуално и колективно на ниво на човештво, а и со електромагнетното поле на планетата Земја.
Се чини дека сѐ уште немаме многу фактички познавања, но од досегашните развојни научни студии се наѕира голема одговорност во контекст на тоа како секој од нас го живее сопствениот живот, а со тоа како влијае и придонесува (или не) на глобално ниво. Не само од научен, но и од духовен, човечки аспект, срцето е центар на балансот, на чистотата и љубовта, па можеме да кажеме дека секогаш имаме избор да живееме духовно и возвишено од позиција на љубов или човечки -со страв, од позиција на его. Овој избор е еден од најголемите и најпредизвикувачки избори во животот кој нѐ издвојува од толпата и нѐ насочува кон различен, автентичен и магичен животен пат, кој може да биде пример за и другите да го направат истото, а заедно да креираме нов, поинаков и подобар свет за сите. Впрочем и Изворот го подржува само она што срцето и душата го сакаат.
Оттука, следува и одговорот на прашањето колку е важно работите што ги правиме, да ги правиме од срце? Најважно!

МАРИЛИ: Веднаш ја најавувате и следната книга која ќе биде продолжение на првата. За што ќе зборува таа и кога може да ја очекуваме?
АНТОНОВСКА: 
Да, планираме и прв дел во скоро време, бидејќи како и сите различни луѓе и ние почнавме наопаку, од вториот дел. Нејзината содржина ќе биде поспецифична, во смисла, во неа ќе бидат обработени конкретни теми од она што го работиме во „Арс Луцида“, како методи со кои луѓето можат да се служат на нивниот пат на личен развој. Таа ќе има повеќе едукативна природаи ќе има за цел да отвори нови видици и перспективи, а со тоа и подигање на свеста и промена. Очекуваме дека ќе ја издадеме некаде по Нова година, за да оставиме простор публиката да се насладува со моменталното издание.
Сигурна сум дека тоа нема да биде крај, всушност, ова е само почеток на многу издадени пишани дела како сведоци за идните поколенија.

МАРИЛИ: Што уште „Арс Луцида“ работи во овој период во однос на обуките за личен развој?
АНТОНОВСКА:
Програмата на „Арс Луцида“ е секогаш шаренолика и разновидна, па така и во тековниот период имаме различни видови активности. На пример, редовно ги одржуваме обуките за енергетски методи (Реики, Pranic Healing, Access Bars), потоа имаме еднодневни работилници базирани на коучинг за себеспознавање и за креирање на живот кој го посакуваме (Што е потребно за среќа?), како и дводневнитрансформативни, интерактивни и интегративни работилници кои ги опфаќаат сите аспекти – физички, емоционален, ментален, духовен и енергетски аспект на индивидуата (Soul Healing).Постојано имаме предавања и кратки работилници. Всушност, секогаш за секого по нешто. 

МАРИЛИ: Со Вашата работа сте присутни и во регионот. Наведете каде најчесто држите предавања и обуки?
АНТОНОВСКА:
Имајќи го на ум „глобалното влијание“ и мојата карактеристика на истражувач, патувач и пронаоѓач, сакајќи да допреме до што повеќе луѓе и да го споделиме и да го раскажеме она што го знаеме, тргнавме на патување околу светот. Досега тоа го правевме во Србија, Косово, Босна, Германија, Шпанија итн., а отсега и повеќе од тоа. Светот е наш, а ни небото не е граница, доколку имате широко срце и мисија која е поврзана со другите луѓе. Јас сум секаде каде мојата енергија е потребна. Патувањата се само начин да оставиме траг и да осветлиме уште еден мал дел од Земјината топка за добробит на сите.

МАРИЛИ: Каде и како се надградувате во следењето на современите методи за личен развој?
АНТОНОВСКА:
Бидејќи често патувам, се трудам да го спојам убавото и корисното и да извлечам максимум од секое мое патување. Најчесто се надградувам во соседните земји, а доколку некоја програма не е достапна на овие простори, тогаш се зафаќам со подолги дестинации. Последниот предизвик беше Тренингот за тренери на Erickson Coaching International кој се одржа во Бугарија, Банско. Велам предизвик, затоа што тој тренинг го чекав 10 години, траеше 8 интензивни дена и беше од напредните тренинзи.

Инаку, Erickson Coaching International е мојата „матична“ коучинг институција, континуирано ги посетувам нивните програми кои се сертифицирани во Интернационалната коучинг федерација и кои се бодираат како континуирана коучинг едукација во истата. Но, секако дека не останувам само на тоа.

МАРИЛИ: Актуелноста на Вашето работење во регионот е поткрепена со регионални промоции. Каде ќе сепромовирате во овој период?
АНТОНОВСКА:
Октомври оваа година изгледа ни се погоди како месец за промоција. Книгата ќе ја промовираме на 31 октомври 2019, во 19 часот, во МКЦ клуб – ресторан. Сите сте поканети.
Но, пред тоа, на 19, 20.10.2019 учествувавме на 9. Конгрес „Исхрана на иднината“ во Нови Сад, каде оваа година бевме само изложувачи, а следната година и предавачи на Конгресот. Само мало појаснување. Конгресот „Исхрана на иднината“ е мултидисциплинарен и меѓународен. Темите со кои се занимава се личен напредок, однос кон животната околината, иновации, подобрување и зачувување на здравјето,и сите аспекти на поздрав и на посреќен начин на живот. Ги надминува географските рамки и граници и здружува експерти од различни професии и полиња на интерес за подобро утре, не само индивидуално како поединци, нации, народи, туку и како граѓани на светот, што е ретка шанса за секој од нас. 

МАРИЛИ: Колку е напорно да се одржува успешноста во бизнисот, со оглед дека сте една од најуспешните жени менаџери?
АНТОНОВСКА:
Хммм, напорно... Искрено да ви кажам, немам впечаток дека е напорно. Ако си ја сакате работата, нема да работите веќе ниту еден ден во животот, така беше, нели?
Многу е важно да дефинираме што е за нас успех, односно да сме усогласени и ОК со себеси и да не бркаме нечии туѓи дефиниции и цели. Штом сме усогласени, сѐ едноставно тече, а ние само следиме и исполнуваме.
Доколку си ја најдеме мисијата или животната цел, едноставно се стремиме кон нејзино исполнување и тука нема што повеќе. Има откажувања, предизвици, промени, турбуленции, прилагодувања, проблеми, умор од секој тип, но, го гледам тоа како нормално и како симптом дека нешто се случува, динамично е, се развиваме.
Истовремено ви е потребна огромна енергија, тим, креативност и иновативност, лидерство и личен развој за да можете да истраете во посветеноста и улогата која ја имате во овој живот. Среќни сте ако сето тоа го постигнете и го зберете на едно место.
И никогаш, никогаш не се откажувајте од себеси и од сопствениот живот, вклучувајќи ја и работата.

МАРИЛИ: Колку слободно време има Елена Антоновска и како го поминува?
АНТОНОВСКА:
Не сум некој кој сака да има слободно време Секогаш си наоѓам занимација, дури и кога изгледа дека ништо не правам. Во занимација влегува и времето поминато со себе, за одмор, патување, пишување, читање и молчење. Ретко се движам во големи групи,имам тесен круг на драги луѓе и пријатели, интровертна сум, ја сакам тишината и пријатноста на мојот дом и природата. Ја почитувам и сакам интимата на мојот животен простор, физички и метафорично. И моите мачки, сеприсутни во него 
Јас сум тоа што сум, цело време.
 

Содржината е прочитана 413 пати.