Бизнис вести

Потребна е поголема вклученост на жените во носењето клучни политики

Само пет отсто од бизнисте во земјава се основани од жени, а само 12 проценти од компаниите ги водат жени, беше речено на првиот Мастерклас „е-Трговија за жени“ на тема „Патеката до инклузивна дигитална економија: како да изградите успешен е-бизнис за жени претприемачи“ што деновиве се одржува во Скопје

понеделник, 28 октомври 2019

Потребна е поголема вклученост на жените во носењето клучни политики, искористување на потенцијалот на технологиите за нивна поголема инклузија и креирање на локални, регионални и глобални мрежи на жени претприемачи, беше истакнато на првиот Мастерклас „е-Трговија за жени“ на тема „Патеката до инклузивна дигитална економија: како да изградите успешен е-бизнис за жени претприемачи“ што деновиве се одржува во Скопје. Организатор на настанот се Министерството за финансии, УНКТАД (Конференција за трговија и развој на Обединетите нации) и Асоцијацијата за е-трговија.

Министерката за финансии, Нина Ангеловска истакна дека само пет отсто од бизнисите во земјава се основани од жени, а само 12 проценти од компаниите ги водат жени. Таа рече дека е неопходно тие да се охрабрат за нивна поголема инклузија во економијата ишто повеќе да се вклучат во бизнисот, особено во е-во трговијата.

„Задоволство ми е што оваа иницијатива почнува токму од Република Северна Македонија. Поради пониското учество на жените на пазарот на труд, регионот губи 20 проценти од растот на БДП, додека земјава 16 проценти, покажуваат податоците на Светска банка. Ако ова го имаме предвид, треба да креираме паметни политики за поголема вклученост на жените, еднакви шанси и можности за сите кои ќе придонесат за поголем економски раст, бидејќи нивното невклучување значи загуба за економиите. Сакам да ги охрабрам сите жени да целат високо, да веруваат во себе, да го искористат потенцијалот на технологиите и дигитализацијата и постојано да се надоградуваат“, рече Ангеловска.

Таа посочи дека првиот мастер клас на УНКТАД на оваа тема, чиј домаќин е Скопје, треба да придонесе да се промовираат успешните приказни на жените во бизнисот и да се охрабрат други, зашто можностите и предизиците се големи.

Програмскиот менаџер на УНКТАД за е-трговија за жените, Кендас Нкот Бисек забележувајќи дека жените немаат еднаков пристап до ресурсите, истакна дека ползата од оваа иницијатива не е само постигнување родова еднаквост, туку и успешно вклучување на жените во бизнисот и креирањето политики.

„Жените претприемачи се соочуваат со бројни бариери, како пристап до финансии, вештини и поддршка за раст на бизнисот, што се случува особено во земјите во развој. Целта на иницијативата ‘е-трговија за жени’ е да креира силна мрежа на жени и да ги инспирира жените да ги искористат можностите и да се вклучат во дигиталната економија“, рече Бисек и најави дека мастер класови на оваа тема ќе бидат одржани и во другите земји од регионот.

На дводневниот настан во Скопје учествуваат 50 жени од земјава и од регионот кои имаат свој е-бизнис или работат во областа на дигиталниот бизнис.

Ова е единствен Мастерклас од иницијативата „е-трговија за жени“ на УНКТАД кој се одржува во Европа. Продолжува во Кина, Индонезија, Иран, Мексико, Руанда и Брегот на Слоновата Коска.
 

Содржината е прочитана 57 пати.