Бизнис вести

Македонија на 17. место според „Дуинг Бизнис“

Ова претставува пад од седум места во однос на лани, кога беше рангирана на 10 позиција, но според Светска банка, падот е поради променетата методологија која ги пресметува условите за водење бизнис

четврток, 24 октомври 2019

Во конкуренција од 190 држави, Македонија се најде на 17. место според „Дуинг Бизнис“, што претставува пад од седум места во однос на лани, кога беше рангирана на 10 позиција. Сепак, од Светска банка велат дека падот е поради променетата методологија која ги пресметува условите за водење бизнис.

„Дуинг бизнис“ ги оценува земјите според критериумите за леснотијата при отворање, затворање на фирма, даночните регулативи, пристапот до кредити за фирмите, како и брзината за добивање струја и друго. Според сите овие критериуми, на врвот на листата е Нов Зеланд, а по него се Сингапур, Хонк Конг, па Данска.

Инаку, во извештајот Македонија земјава се споменува како една од најдобрите 20 држави во светот за водење бизнис. „Дуинг Бизнис“ нотира дека земјава направила промени во делот на вработувањето, како намалување на должината на пробниот период, воведување приоритетни правила во случаите со отпуштања од работа заради вишок, превработувања и отпремнини.

Од Владата соопштуваат дека според извештајот земјава е лидер во регионот и појаснуваат дека е забележан напредог кај три индикатори: добивање на градежни дозволи, пристап до електрична енергија и спроведувањето на договори.

„Во последниот извештај на Светска банка ‘Doing Business 2020’ Република Северна Македонија е рангирана на 17-то место меѓу 190 држави во светот. Оваа позиција на листата и понатаму ја прави нашата земја лидер во регионот, и според условите за водење бизнис и е рангирана подобро од Турција (33), Словенија (37), Србија (44), Црна Гора (50), Хрватска (51), Романија (55), Косово (57), Бугарија (61), Грција (79), Албанија (82) и Босна и Херцеговина (90)“, се вели во соопштението од Владата.

 

Содржината е прочитана 57 пати.