Интервјуа

Интервју со г-ѓа Лабина Митевска, директор на Фестивалот „Манаки“

Денес сум многу горда на „Манаки“, направивме многу промени, она што сакавме да го направиме е публиката да се врати во киносалите. Сакавме Фестивалот да го доближиме до граѓаните и на еден нов начин да пристапиме и да работиме со медиумите.

среда, 03 септември 2014

Марили: Госпоѓо Митевска, филмот „Пред дождот“ беше отскочна даска во Вашата кариера. Што се случуваше потоа на што работевте?
Митевска: После „Пред дождот“, за мене беше период на цунами, ќе ти се појави во животот, и после тоа треба да застанеш на нозе и да видиш дали сакаш да продолжиш со филмската индустрија или не. Бев многу мала, имав 18 години, и во истовреме шокирана од сето тоа што се случи. Се сеќавам, после „Пред дождот“, колку што беше убаво, процесот на снимање, една година патувања, како навлегував во филмската индустрија, толку повеќе не ми се допаѓаше. Некако, имав чувство дека сретнав многу извештачен свет, многу неискрени насмевки, многу неискрени разговори, многу светло, многу сјај, многу козметика, многу костуми, а сето тоа не ми беше она вистинското. Јас сум порасната во фамилија каде што сè е многу искрено и директно, и поради тоа не бев сигурна дали сакам да продолжам да се занимавам со филм. Отидов во Данска, на Европскиот филмски колеџ, каде што земав часови и потоа почна сè. Прво ми се јави Мајкл Винтерботом, кој во тој период за мене беше, и сè уште е еден од најинтересните европски филмски режисери и ме повика да работам со него на „Welcome to Sarajevo“. Не можев да го одбијам, затоа што гледав негови филмови и беше режисер со кој би сакал да работам. Направив со него еден филм, потоа тој подготвуваше друг филм со Рејчел Вајз, и во другата главна улога требаше да влезам јас, ме повика да работам и не можев да го одбијам. Полека почнав да навлегувам во филмската индустрија и... почна сето тоа да ми се допаѓа, но најмногу тој процес на снимање, на подготовка на улога, на длабочината во која можеш да креираш. Но, исто така сфатив дека после тоа што се случува со филмот, дека е дел од твојата професија, сите тие фестивали, тие интервјуа, и дека мора да сфатиш дека си дел од професијата, и дел од глумата која треба да си ја завршиш заедно со улогата која што си ја подготвувал. Оттогаш одлучив да работам на филмови кои навистина ми се допаѓаат, не прифаќав сè, во меѓувреме отидов во Америка на школување и различни ворк-шопови за глума, и еве денеска веќе 20 години се занимавам со ова, имам околу 22 филма зад себе, и можам да кажам дека сум многу задоволна, многу среќна од она што сум го сработила.

Марили: Спомнавте некои имиња, режисери, дали би спомнале и некои актерски имиња, со коишто сте се сретнале во Вашите професонални ангажмани, снимање филмови и сл.
Митевска: Во филмската индустрија кога одиш на фестивали постојано се среќаваш со големи имиња. Кога си дел од жирито на фестивалите се среќаваш со автори, режисери, сценаристи... Во Чешка работев со Питер Зеленка, кој е исто така еден од најпросперитетните сценаристи и режисери и имав прекрасна соработка на филмот „Loners“. Во Германија соработував два-три пати за филм со Warchild и многу други.

Марили: Сите претходни настани, подготовки за снимања, улоги, сигурно му претходат на Фестивалот „Манаки“. Како одлучивте да се вклучите во организацијата на овој Фестивал?Митевска: Пред 12 години, кога ја основав продуцентската куќа со брат ми и сестра ми, наивно влеговме во светот на филмот, затоа што Теона тогаш заврши магистерски студии во Tish School во Њујорк режија, и требаше да работиме краток филм. Позајмивме пари од банка за да го изработиме филмот во Македонија, и сфативме дека... имавме многу тежок период, затоа што бевме две жени и работевме тука во еден мачо-свет. Потоа филмот отиде на Берлинскиот фестивал, почнавме да работиме нов долгометражен филм – истото ни се случи, и пред да почнеме да работиме, рековме добро ќе направиме сопствена компанија, за да можеме да ги држиме конците во свои раце.  Да се навратам на „Манаки“, почнав да се бавам со продукција, направивме неколку успешни филмови, за потоа (пред 4 – 5 години) да ме повикаат за да го преземам „Манаки“.
Во првиот момент не бев сигурна затоа што имав многу работа, и сега имам зошто јас живеам од својата глума и од продукација со која почнав активно да се занимавам. Но, на „Манаки“ му требаше пресврт, да се случи нешто ново. Направив програма, и влегов во тоа, но од денешна перспектива кога размислувам, да знаев колку работа има, никогаш не би го презела. Денес сум многу горда на „Манаки“, направивме многу промени, она што сакавме да го направиме е публиката да се врати во киносалите.  Сакавме Фестивалот да го доближиме до граѓаните и на еден нов начин да пристапиме и да работиме со медиумите. И бев свесна дека мора да донесам некоја ѕвезда, која ќе биде атрактивна, но ќе ми помогне да го подигнам фестивалот на едно повисоко ниво. Бидејќи сме фестивал со скромен буџет, во однос на другите фестивали во светот, сепак успеавме. Првата година ја донесовме Викторија Брил, втората година - Дерил Хана, третата година - Кетрин Денев, минатата година Изабел Лупер, така што сите овие големи звезди во светската кинематографија ни помогнаа „Манаки“ да се подигне на едно повисоко ниво. Паралелно со нив, ги носевме најдобрите директори на фотографија, така што сега „Манаки“ е манифестација којашто љубителите на фимот со нетрпение ја очекуваат.

Марили: 

Сега е рано да откриваме што ќе имаме во септември, но ветувате ли дека повторно ќе имаме ѕвезда, повторно гламур и сè што ѝ треба на нашата публика?
Митевска: 

Да, сè уште е рано. Мислам дека сите манифестации во Македонија ние самите не знаеме да ги цениме и да ја покажеме важноста на истите. Кога одам во Париз, Лондон, Берлин, на филхармонија или на театар, во Кан, на билетот ти пишува дека мораш да се облечеш свечено. Тоа значи, за жената свечен фустан, за мажот вратоврска и црн смокинг. Буквално, во Кан на црвениот тепих, ако мажот нема лептир-машна го враќаат. Мислам дека тој принцип кај нас го немаме, ние одиме во театар како... нели... го немаме тој однос на респект, ниту кон тетатарот ниту кон балетот, и воопшто кон уметноста.
Не велам дека во Македонија секоја манифестација треба да биде со црвен тепих, но сметам дека треба да имаме две-три манифестации каде луѓе ќе дојдат и ќе се чувствуваат убаво во најубавата свечена тоалета. Бидејќи, од 17-тата година сум на тие црвени теписи го знам тоа прекрасно чувството. Тоа е начин да ѝ оддадеш почит на уметност и на себеси.

Марили: Рековте дека во филмската индустрија е претежно машкиот свет. Дали работите се менуваат, дали воопшто работите се придвижуваат кон жените? Дали Вие во Вашата продукција повеќе ги вклучувате жените, какво е Вашето согледување? Митевска: Мислам дека состојбата во тој еден свет е навистина трагична. Некако, работите се менуваат, но многу бавно. Некои факти од минатата година за целата филмска индустрија говорат дека на светско ниво жените биле присутни само 16%, што е во опаѓање затоа што пред 3 години биле 18%. Ова покажува дека наместо да се зголемува има тренд на опаѓање. Од тие 16%, во најдобра позиција се продуцентите, ги има околу 25 продуценти, директори на фотографија 2%, композитори речиси нема. Една од најлибералните компании „Дизни“, најголемата компанија во светот, после 73 години, повторно вработува жена-режисер. „Снежана и седумте џуџиња“ е дело на жена-режисер и после 73 години, а сега за „Frozen“ повторно земаат жена.
Кога го преземав „Манаки“ минатата година, значи најстар фестивал посветен на директорите на фотографија, во својата 34-та година, првпат ѝ дадовме специјална награда „Камера 300“ на жена-камерманка Агнес Годар. Првпат после 34 години. Откога сум јас во „Манаки“, секоја година се трудам во главна конкуренција да донесам да има барем две-три жени. Минатата година имавме две жени директорки на фотографија во главната конкуренција, но ги нема многу, не се многу присутни.

Марили: На што се должи тоа, малку имаме образовен кадар или тешко се пробиваат?
Митевска:
Тешко се пробиваат. Во Белград на конференција зборувавме за тоа. Значи, она што се случува на академијата се скоро пола-пола. На пример, се пријавуваат и прифаќаат половина жени, половина мажи. Но, кога ќе излезат и кога ќе се соочат со светот, мажите многу побрзо се снаоѓаат, жените почнуваат да стагнираат и голем дел од нив се откажуваат. Последниве три години на Кан, тоа се огромни дискусии значи, минатата година немаа ниедна жена.

Марили: Како го чувствувате тоа Вие лично како жена, мислите ли дека едноставно не се навикнати да ја гледаат жената во оваа професија?
Митевска:
Кога почнавме со Теона да се занимаваме со продукција (не како актерки) беше навистина тешко, бидејќи прво е машкиот свет. Првиот судир, кој ни беше е кои сте вие две мали да...? Посебно што режисерот и продуцентот се столбот, тие диригираат, ги даваат наредбите на цел тим од 100 луѓе кои го снимаат филмот, тоа е воспоставена хиерархија. Се создаде состојба кои се оние две жени да ни кажуваат, осебно што првиот филм на Теона беше доста машки, со акција, па секојдневно имавме дискусии од типот од каде знаеш ти како жена да режираш акција. Ни беше тешко да покажеме деке знаеме. Во тоа време македонскиот филм се создаваше во долгови и екипата беше недоисплатена. Како продуцент во првите два филма најважно ми беше да ја стекнам довербата кај екипата, кај тие мажи кои имаат по 50 – 60 години, да им платам на време, за да продолжам понатаму. Прво што ми беше дека ако навреме плаќам како што сум ветила првата бариера ќе ја истуркам.
Но, тој проблем веќе го немаме, луѓето нè знаат, ни веруваат, секој филм на Теона е дистрибуиран на најдобрите фестивали. Еве, јас сум единствен продуцент жена во Македонија која работи, Теона е единствена, имаме уште една, Анета Лешниковска, од филмски режисери.

Марили: Имавте поддршка од Министервото за култура, направивте голема модерна сала технички опремена, токму заради тоа што успеавте да направите голем фестивал со многу гости?
Митевска: Министерствто за култура е главно и фала му на Господ што министерката за култура е жена, со која имаме фантастична соработка, не само за „Манаки“, туку и за продукцијата што ја работиме. Министерката Канческа-Милеска е жена која е фантастично свесна за културата и што претставува културата за една земја. Посебно за Македонија. Ние со култура одиме напред затоа што имаме неверојатни актери, ансамбли, писатели, музичари и сл.

Марили: Да позборуваме и за финансиската страна за да се функционира беспрекорно. Што значи за Вас ВИП, како постојан партнер во бизниот, како поддршка, како голем спонзор?
Митевска:
Нема филмски фестивал и манифестација, без главен партнер. Кога дојдов тоа беше главен проблем, зошто „Манаки“ никогаш немал партнер. Се советував со Сараевскиот филмски фестивал, којшто е најголем во регионот и во Источна Европа и со Карлови Вари и тие ми посочија дека морам да најдам партнер кој ќе чекори заедно со мене и кој нема да биде партнер кој ти ги дава средствата и готово те заборава, туку ќе чекори со тебе. За среќа тоа го пронајдов во ВИП. Првата година не бев сигурна, бидејќи чекав да видам како ќе помине, и не сакав со никој да се врзувам и мислам дека тоа беше добра одлука, затоа што втората година имав три понуди.
Со нив, од ноември почнуваме да ја подготвуваме креативата за следната година, и во тоа едно партнерство, ние секој втор-трет ден се слушаме. Разменуваме идеи, мејлови, секојдневно работиме на материјалите. Ова ми е важно, бидејќи да се направи фестивалот во Битола и пополека да се качува и да се движи кон другите светски фестивали не е едноставно. Работите никогаш не се врзани само за материјалното кога имате и секојдневни проблеми. На пример, немаме столици, ми требаат 15 перничиња и сл., кога имаш ваков партнер на кој можеш да му се јавиш и да му кажеш сè станува полесно.
Исто како во филм, кога имаш добри копродуценти, а за секој филм имам 4-5 од Белгија, од Словенија, од Германија. Ги бирам најдобрите затоа што јас не сум многу искусна во филмската продукција и секогаш ми било важно да имам поускусни, кои би можеле да ме советуваат.
Никогаш не сум работела како менаџер, но кога дојдов во „Манаки“, во мислев дека партнерот кој ќе го изберам треба да ми помага и финансиски во подготвување на буџетот, но и во работата со спонзорството. Имаме компании кои можат да ги отворат вратите, не знам зашто тоа не го прават, зашто не го гледаат интересот во спонзорирање, во давање средства во културата, па еве и во спортот.

Марили: Колку според Вас маркетингот во Македонија е вистински практициран и постои ли желба кај компаниите да се рекламираат и да ја поддржат културата во кој било аспект од неа?
Митевска:
Мислам дека ние немам добри менаџери, и во маркетингот и во културните институции. Мислам дека маркетингот и културните манифестаци се два различни аспекта и не се спојуваат и не си го гледаат интересот. Да не бидам погрешно разбрана дека се фалам, ама искуството од „Манаки“ покажа дека овие две работи одлично функционираат заедно.
Сега можам да ги бирам моите партнери и да ги бираме своите спонзори. Одлучив дека не сакам мали. Мислам дека она што го постигнавме со „Манаки“ секој може да го постигне. Мислам дека од времето на социјализмот и комунизмот сме навиканти на готово, државата ќе ми даде и тоа е тоа. Но, времињата се многу променети, да, државата ти дава, но и ти мораш да работиш 24 часа 365 дена во годината. Мора да се спојат многу работи, посебно сега кога се отвораат европски фондови за култура, но ни фали самоиницијатива и самодоверба. Луѓето се задоволни со малку, ако имаат 100 гости, ние на „Манаки“ имаме 800, што го немаат ни големите фестивали во Европа.

Марили: Ја спомнувате Вега, која Ви дава цврстина, енергија, волја и за живот и за работа. Колку детето во животот на жената ги менува работите?
Митевска:
Порано никогаш не сум размислувала така, јас сум некој кому работата многу му значи, креативноста многу ми значи, и во состојба сум да работам 20 часа дневно. Секогаш сум викала дека мојата работа и мојата креативност за мене се најважни. Сè додека не ја добив Вега. Мајка ми ми зборуваше, но нели никогаш не веруваш додека не го доживееш лично. Теона стана мајка пред 11 години, го роди нејзиниот син. Секогаш ја гледав Теона со голема почит, затоа што успеа во овие 11 години да направи три долгометражни филмови, четвртиот го спрема, и да биде супер мајка, плус жена режисер. А, за секој филм монтажа правиме пет месеца во Германија, звук три месеци во Словенија. Откога се роди Вега имам многу повеќе енергија, секогаш сум била добро организирана, но сега сум екстра добро организирана и многу сум покреативна. Со Вега почнав да работам после два месеци и со мене патуваше до 11 месец. Се разбира имав цела војска која ми помагаше и сè уште ми помага. Мајка ми и Горан, мојот партнер, не би можела без нив никако.
Кога ќе станеш мајка на друг начин ги сфаќаш работите, сфаќаш што е важно, сè ќе се реши нема проблем кој не може да се реши на еден или на друг начин. Сè повеќе луѓе се плашат да имаат деца и семејство затоа што мислат дека ќе ги сопнува. На запад и не е така лесно, таму ти треба поголема организација или средства за бејбиситер, но светот се менува, ќе се снаоѓаш – за сè има решение.


 

Содржината е прочитана 669 пати.