МАКЕДОНИЈА

Стопанската комора бара да се укине Законот за трговија на зелените пазари

Причина за ваквото барање е, како што велат од Групацијата на организатори на пазари при Комората, тоа што Законот за пазарџиите наметнува давачки кои ги нема во Европската унија, а дополнително ќе влијае на опаѓањето на прометот на зелените пазари и на намалување на бројот на пазарџиите

понеделник, 21 октомври 2019

На два месеци пред официјалната примена на Законот за трговија на зелените пазари, Стопанската комора на Македонија бара негово целосно укинување, или евентуално да се интервенира со измени на останатите закони што ја регулират дејноста. Причина за ваквото барање е, како што велат од Групацијата на организатори на пазари при Комората, тоа што ваквиот Закон за пазарџиите наметнува давачки кои ги нема во Европската унија, а дополнително ќе влијае на опаѓањето на прометот на зелените пазари и на намалување на бројот на пазарџиите.

Законот беше донесен во јануари 2018 година и требаше да почне да се применува од почетокот на 2019, но неговата примена беше одложена за една година по бурните реакции на пазарџиите и на организаторите на пазарите. Сега, доколку, сепак, стапи во сила од јануари наредната година, може да се случи над 6.000 пазарџии да излезат од пазарите и да станат сива економија, што заедно со конкуренцијата од големите маркети каде се нудат овошје и зеленчук, ќе значи загуба во обем од два милиони евра, предупердуваат од Групацијата.

„Најголем проблем е предвиденото постоење на Комората на закупци на тезги, којашто не само што го обременува нивното работење со документација, туку дополнително прави проблеми од финансиски аспект, бидејќи повлекува финансиски трошоци на закупците на тезги кои се несоодветни и неприфатлови. Обременувањето на закупците на тезги директно ќе се одрази на работењето на организаторите на пазари“, рече денеска на прес-конференција Даниела Михајловска Василевска од Стопанската комора.

Според Комората, последното законско решение е беспредметно вклучително и во делот на планираното воведување лиценци, затоа што регистрацијата што сака да се постигне и сега постои преку Управата за јавни приходи. Организаторите на пазари со постојните законски решенија се должни на месечно ниво да ја известуваат УЈП кој се има закупено тезга на зелените пазари врз основа на што се оданочуваат закупците. Тоа, укажуваат, треба да се стави во некоја форма, но во рамки на системот на државните институции бидејќи

„Се што е предвидено да функционира во Комора на закупци на тезги сега е регулирано и можеби треба да се преформулира во одреден сегмент и да остане во државните институции, а не надвор од институциите. Финансиското оптоварување на закупците на тезги, преку она што треба да го прави и ќе биде овластена Комора на закупците е дополнителен трошок и апсолутно може да биде причина за излегување на дел од закупците на тезги надвор од пазарите, што, пак, значи намален промет на пазарите, намалени даноци и поттикнување на сивата економија и нелојална конкуренција надвор од зелените пазари. Согласно бројот на тезги, трошоците може да бидат и до два милиони евра на ниво на цела дејност, односно, тоа се пари што ќе треба да ги платат закупците“, рече Михајловска Василевска и најави дека утре ќе имаат состанок со сите организатори на пазари и по што, со заедничкиот став се обратат до надлежните институции.

Инаку, на зелените пазари моментално се активни повеќе од 15.000 тезги.

 

Содржината е прочитана 282 пати.