Интервјуа

„Викторија Боб ДОО“ веќе 10 години успешно се справува со регулирањето на паричните текови

Интервју со Викторија Рафајловска, генерален менаџер на „Викторија Боб ДОО“ во кое говори за одговорноста да се работи со бројки и профити, за тоа што значат сметководството и консултантските услуги во делот на даночната политика и регулирањето на паричните текови, но и за начинот на кој ги совладува препреките чекорејќи на патот кон успехот како сопственик и директор на компанијата, како сопруга и мајка, како жена

понеделник, 21 октомври 2019

МАРИЛИ: „Викторија Боб ДОО“ одбележува 10 години успешно работење. Кажете ни нешто повеќе за компанијата, со што точно се занимава, какви услуги нуди? 
РАФАЈЛОВСКА:
Како компанија од областа на сметководството и консултантските услуги во делот на даночната политика и регулирањето на паричните текови, советувањето и наоѓањето безброј финансиски решенија, ВИКТОРИЈА-БОБ ДОО оваа година слави мал јубилеј, 10 години успешно постоење и опстојување на пазарот, справувајќи се со предизвиците на сѐ она што значи успешно наоѓање адекватни решенија за секоја компанија бидејќи секоја компанија е посебен предизвик и посебна приказна сама по себе.

МАРИЛИ: Дали Вашите услуги ги користат исклучително правни или, пак, Ви се обраќаат за помош и физички лица, со оглед на тоа што нудите консултански услуги? 
РАФАЈЛОВСКА: Ние, како консултанти, се трудиме на секој клиент што ќе ни се обрати за помош, совет или решавање на проблем, без разлика дали станува збор за правно или за физичко лице, да му ја дадеме потребната информација, да го идентификуваме проблемот, успешно да го решиме и со позитивен резултат да излеземе пред нашите ценети клиенти.

 Во нашата компанија имаме безброј ценети клиенти на кои им посветуваме максимално време користејќи ги сите ресурси со кои располагаме, без разлика дали станува збор за сметководствен проблем, правен проблем, проблем од областа на даночната регулатива, пресметка на профити, работа на проекти и проектни задачи, тендерски документации, субвенции, вработувања, спортски донации, соработка со странски компании, увоз-извоз, компании со мешовит капитал и сл.

МАРИЛИ: Да се работи во светот на бројките, пресметките на профити, даноците и слично е исклучително тешка, но истовремено и максимално одговорна работа. Од каде љубовта кон сметководството?
РАФАЈЛОВСКА: Точно, да се работи во светот на бројките е исклучително тешка работа и многу одговорна, меѓутоа, кога потекнувате од семејство каде што за економијата, бројките и профитите слушате од најмали нозе, од дедовци, чичковци, татко и други, многу е очигледно дека уште во најрана возраст некаде длабоко во вашата глава се врежуваат некои нешта и, полека и смирено, го чекаат вистинскиот момент кога ќе испливаат и ќе ве насочат во еден сосема непознат правец, различен од оној за кој сонувате како дете.

МАРИЛИ: Во младоста не сте биле само вљубеник во театарската уметност, туку и активно сте учествувале во многу аматерски театарски претстави во Гостивар? Сепак, ѝ дадовте предност на економијата, а не на уметноста. Што беше пресудно професионалниот ангажман да го насочите кон бројките, а не кон зборовите?

РАФАЈЛОВСКА: Како што веќе напоменав, кога си дете, сонуваш многу нешта, на пример, сонуваш да бидеш актерка како во мојот случај. Јас уште од најрана возраст учествував во многу детски, а подоцна и во многу младински аматерски драмски престави. Мој омилен жанр беа комедиите. Сакав да ги гледам луѓето барем за момент среќни и тргнати од секојдневните проблеми.
И денес го сакам тоа, па можеби и поради тоа на сите проблеми со кои се соочуваат моите клиенти им приоѓам со насмевка, позитивна мисла и разговор. На тој начин за секој има надеж и верување дека неговиот финансиски проблем, всушност, не е проблем, туку само правилно расудување и донесување на некои важни одлуки и решенија во вистинско време и на вистински начин.
Пресудниот момент поради кој се одлучив за бројките наместо за зборовите беше токму тоа што веќе го напоменав, а тоа е врежаноста на некои нешта длабоко во вашата глава, генетската предодреденост да се оди по стапките на предците. Можеби, сепак, тоа е нешто на кое денес немам соодветен одговор, но знам дека солидно и успешно се снаоѓав и сѐ уште се снаоѓам и во едната и во другата професија, колку тие и да немаат никаква допирна точка.

МАРИЛИ: Кое е основното мото од кое се раководите?
РАФАЈЛОВСКА:
За мојата компанија јас често велам дека е моето трето дете. Дете што треба да израсне во една прекрасна млада дама полна со самодоверба, знаење и искуства собрани низ годините наназад. Основното мото по кое се раководам е: „Секој ден носи нови можности - прифати ги и храбро продолжи.“
Како голем поборник и поддржувач на жените во бизнисот, на сите млади жени и девојки можам да им порачам само едно: имајте сон и тој сон нека стане ваша реалност. Имајте визија и преточете ја во идеја и храбро тргнете во нејзина реализација.

Мојата посебна задача како сопственик и директор на компанијата е да покажам и да докажам дека жената е жена, мајка, кралица што успева во секоја сфера од животот, оди со гордо крената глава по патот зацртан до целта, без разлика со колку препреки и да се соочи чекорејќи по тој пат. Иако различни по многу нешта, ние жените, сепак, сме исти, јаки, вредни и истрајни во своите цели и во извршувањето на своите задачи. Наедно тоа ќе и мотото по кое ќе се води нашето здружение на жени, кое набрзо ќе биде формирано во нашиот град и во кое ќе членуваат сите оние жени на кои им е потребна морална, советодавна или која било друга поддршка за храбро и истрајно да дојдат до својата цел, да бидат успешни и ценети кралици во својата област.

МАРИЛИ: Колку поддршката на семејството е битна за да биде една жена успешен менаџер, особено кога станува збор за сопруга и мајка? Како ги усогласувате професионалните и приватните обврски, како го исполнувате слободното време?

РАФАЈЛОВСКА: Да се биде менаџер, сопруга и мајка не е воопшто лесно. Тоа се три големи предизвици исправени високо пред едно кревко суштество наречено жена. Исклучително тешко, дури и невозможно е сите тие три професии да се вклопат во една единствена целина. Како жена менаџер се трудам во областа на бизнисот да ги координирам и да ги решавам работите што не секогаш се лесни. Како мајка, пак, се трудам да ги следам случувањата и трендовите на моите двајца тинејџери, да бидам во чекор со нивното време, нивните новитети, во чекор со нивните потреби, прашања и идеи. Како сопруга се трудам да го сослушам и да бидам во чекор со својот сопруг, кој ми е огромна и можеби и единствена најголема поддршка во сето она што досега сум го постигнала, тој бил и сѐ уште е огромен поддржувач на сите мои минати и идни планови.

А, што се однесува до слободното време, со сите мои обврски, искрено, ретко и го имам. Но кога ќе го зграчам, добро го менаџирам и го користам за некоја добра прошетка со семејството, дружба со пријателите на некоја убава седенка разменувајќи по убава шега или евоцирајќи спомени.
 
Содржината е прочитана 922 пати.