Бизнис вести

Аерозагадувањето и иднината на работните места ќе бидат главни теми на Самитот „Македонија2025“

На 8. Самит што ќе се одржи од 13 до 15 ноември се очекуваат над 50 истакнати говорници и разновидна публика составена од 400+ менаџери, директори, претприемачи, членови на академијата, успешни млади професионалци, високи функционери и дипломати

петок, 18 октомври 2019

Иднината на работните места и справувањето со загадувањето на воздухот ќе бидат централните теми на годинашниот, 8. Самит „Македонија2025“, што ќе се одржи од 13 до 15 ноември во хотел „Мериот“ во Скопје.

Главната извршна директорка на организацијата, Никица Мојсоска Блажевски појасни дека на првата тема која се однесува на иднината на работните места и вештините ќе говори Алис Стеинглас, основач на фондацијата „Код.орг“ (Code.org) која има организирано настани со поранешниот американски претседател Барак Обама. Нејзина цел е зголемување на свеста за важноста на дигиталните вештини.

„Втората тема е животната средина. ’Македонија2025’ секоја година организира панел посветен на оваа тема, но на годинашниот Самит фокусот ќе биде на загадувањето на воздухот, односно на справувањето со овој проблем“, рече Мојсоска Блажевски потенцирајќи дека на Самитот ќе присуствуваат повеќе меѓународни институции коишто финансираат проекти од областа на аерозагадувањето и животната средина, градоначалници и компании, на кои ќе им бидат презентирани можностите како да аплицираат за проекти и да помогнат во решавање на проблемот.

Самитот „Македонија2025“ претставува водечка регионална платформа за споделување на последните светски трендови во бизнисот, економијата, технолошките иновации и етичкото лидерство. Оваа година организаторот очекува над 50 истакнати говорници и разновидна публика составена од 400+ менаџери, директори, претприемачи, членови на академијата, успешни млади професионалци, високи функционери и дипломати. Самитот ќе понуди богата тридневна програма, исполнета со 10+ панел-дискусии и засебни тематски сесии.


 

Содржината е прочитана 75 пати.