Интервјуа

Интервју со госпоѓа Бранка Славеска, генерален менаџер на Карловачка пивовара

Во денешно време секоја компанија мора да ги оствари своите цели за да опстане во бизнисот. Од пресудно значење е да се биде и да се остане конкурентен. Како што кажав, не е важно дали сте од Македонија или од каде било, дали сте жена или маж.

вторник, 23 септември 2014

МАРИЛИ: Госпоѓо Славеска, како една Македонка стана претседател на управата на Карловачка пивовара?
СЛАВЕСКА:
По дипломирањето на Машинскиот факултет во Скопје во 1998 година, кога стапката на невработеност меѓу младите официјално беше над 40%, се прашав: „Што сега?“ Јас сакам акција и динамика во животот и сакав нешто што ќе ми овозможи постојано да се надградувам, затоа што, кога дипломирав, имав чувство дека не знам ништо. На почетокот на 1999 година, Пивара Скопје објави оглас за слободно работно место за комерцијалисти за развој на пазарот. Ова беше почетна позиција во секторот за продажба. Конкурирав, но конкурираа уште неколку стотици луѓе, а за ова работно место работодавецот бараше само осуммина кандидати. Имавме буквално пет круга интервјуа и тестирања, а последниот, петти, круг беше интервју со генералниот директор Светозар Јаневски и со целиот раководен тим. Се сеќавам дека господин Јаневски ме праша: Вие сте инженерка, вие сте дипломиран конструктор на моторни возила, зошто конкурирате за ваков вид работа? Се насмеав и му одговорив дека девет години за 8 Март продавав цвеќе на плоштадот и дека тоа не го сметав за понижување, па така нема да се срамам ниту да редам шишиња во фрижидер. Но ако сметаат дека можам подобро од тоа и дека можат да ме искористат за нешто попаметно, зависи од нив. Изгледа дека на некој начин тоа беше пресудно за нивната одлука и ми дадоа шанса. Сметам дека најдобар начин да се научи бизнис е да се поминат сите нивоа, од најдолното ниво нагоре, така што сум среќна што ја имав таа можност. Во 2005 година почувствував дека е време за промена, па го презедов работното место комерцијална директорка во Тиквеш. Во 2006 година добив покана да одам во Виена како директорка за развој на продажни канали во HEINEKEN. По Виена, бев директорка за продажба и за дистрибуција на HEINEKEN во Белорусија во период од три години (од 2009 до 2012 година). Потоа бев назначена за извршна директорка за продажба во HEINEKEN Русија, а кон крајот на 2013 година ме пратија во Хрватска како генерална директорка на Карловачка пивовара.

МАРИЛИ: Имавте среќа да бидете во една од најдобрите компании во Македонија. Како решивте да одите во странство?
СЛАВЕСКА:
Имав среќа да работам за една од најдобрите компании во Македонија, имав среќа моите раководители да бидат подготвени да ме подучуваат, да инвестираат во моето знаење и да преземаат ризици. Затоа што кога некому ќе му дадете повисока позиција, тоа претставува определен ризик за менаџерот. Јас не сум единствената на која ѝ била дадена можност во Пивара Скопје, меѓутоа, веројатно сум една од малкумина што успеаја да дојдат до позиција на меѓународно ниво. Шансата секогаш постои, прашање е само кој ќе ја земе и ќе ја искористи. Не се согласувам со генерализираните констатации за општеството. Општеството не е тука за да ги решава нашите деловни проблеми или, да кажеме, кариери. Општеството е тука за да решава општествени проблеми - инфраструктура, законодавство итн. Доколку сакате да создадете кариера во меѓународна компанија, мора да го прифатите и патувањето. Тоа значи да го менувате местото на живеење, ако е потребно, бидејќи денес е речиси невозможно некој да стане генерален директор на мултинационална компанија ако нема меѓународно искуство. Една од главните вредности што ги бараат мултинационалните компании е големината на знаењето и разновидноста на искуството што опфаќа различни пазари, како и широко разбирање на прашањата. Колку повеќе патувате и колку повеќе средини менувате, толку подобро сте позиционирани да се соочите со предизвиците и да процените што е најдобро за бизнисот.

МАРИЛИ: Кога заминавте од Македонија, дали Вашите изгледи беа исти како во Пивара или дури подобри за да Ви овозможат да се развивате како менаџер, да се здобиете со знаења?
СЛАВЕСКА:
Од моментот кога заминав, па до ден-денес нема година и да не сум поминала некоја сериозна обука. Обуките, обично, се сеопфатни и траат пет дена или повеќе. Секогаш има нешто да се научи, а многу обуки организираме и преку интернет. Откако почнав да работам, не поминува ниеден момент да не учам. Постојаното едуцирање и обука се од клучно значење.

МАРИЛИ: Дали тоа значи дека сте поминале низ многу тренизни и дека сте постигнале многу реални резултати за да дојдете до оваа позиција?
СЛАВЕСКА:
Јас имам мошне природен тек на мојата кариера што секогаш ме носеше едно скалило погоре кон поодговорни позиции. Покрај функционалните и техничките компетенции, потребно е да се развиваат и лидерски вештини и компетенции. Бев назначена за прв директор за продажба и дистрибуција во Белорусија кога HEINEKEN во 2008 година купи две пиварници во Белорусија. Моја задача беше да ги имплементирам и да ги воведам стандардите на HEINEKEN во работењето во Белорусија. Успешно го завршив тоа, а тоа ме однесе на друга предизвикувачка позиција со уште поголема одговорност, на големиот руски пазар.

МАРИЛИ: Каква е состојбата сега во Heineken, дали имаат поинаков став кон странците или тоа воопшто не им е важно? Дали им даваат позиции, со оглед дека Вие сте Македонка што успеала?
СЛАВЕСКА:
 Искрено, никогаш не сум размислувала за тоа. Јас бев свесна од каде доаѓам, од мала држава со 2 милиона жители, која во основа е речиси непозната за повеќето европски држави. Деведесет проценти од луѓето во Европа не ги засега политиката и тие не ги знаат нашите проблеми. Јас работам за приватна компанија чиј сопственик е холандското семејство Heineken, кое одлучува за лидерите што ќе раководат со бизнисот што го имаат во различни држави. За нив не е битно дали сум Македонка или Австријка. Она што им е битно е што ти ѝ даваш на компанијата.

МАРИЛИ: Велиме, среќа во Пивара, па среќа во Heineken. Дали воопшто станува збор за среќа? Или е во прашање таква организациска поставеност во компаниите каде што изборот на квалитетни луѓе е нешто најважно?

СЛАВЕСКА: Во денешно време секоја компанија мора да ги оствари своите цели за да опстане во бизнисот. Од пресудно значење е да се биде и да се остане конкурентен. Како што кажав, не е важно дали сте од Македонија или од каде било, дали сте жена или маж. На менаџерот му се даваат задача и цели, а негова е одлуката да го состави својот тим. Повторувам, во денешно време се битни резултатите и односот кон работата. На пазарот на трудот постои огромен број висококвалификувани луѓе. Има многу добри професионалци и амбициозни таленти, па така конкуренцијата на пазарот на трудот е многу голема. Според тоа, очигледно е дека е важно да се биде на вистинско место во вистинско време, но без стручноста и вештините што се бараат тоа е бескорисно. HEINEKEN, дефинитивно, е компанија каде што прво се зема предвид квалитетот на луѓето, компанија што ги цени работата, посветеноста и лојалноста. Во тој поглед HEINEKEN како компанија и јас како генерална директорка на Карловачка пивовара, првенствено бараме најдобри работници што можат да ги остварат целите на компанијата.
Можеби е фер да се каже дека секој не е подготвен да прифати големи обврски. За жените менаџери, исто така, многу е важно до кој степен имаат поддршка од своето семејство. Ако имате семејство што не може да ѝ даде на жената поддршка да биде успешна во својата кариера и во исто време да биде добра сопруга и мајка, тогаш е многу потешко. Поради тоа, многу амбициозни жени одлучуваат да останат сами, бидејќи не можат да ја најдат вистинската рамнотежа.

МАРИЛИ: На нашата манифестација Изборот на жени менаџери, нашите менаџери, кои доаѓаат од големи корпорации, често кажуваат дека дури и во европски рамки не можат да се најдат многу жени менаџери.
СЛАВЕСКА:
Да, состојбата е таква насекаде, тоа не се однесува на некоја конкретна држава. Како што веќе споменав, за жените менаџери е многу важно да имаат поддршка од семејството. HEINEKEN е компанија што ги препознава значењето и важноста на семејството и поради тоа дава голема поддршка во одржувањето на семејството. HEINEKEN води грижа за своите вработени и ги почитува вредностите на своите менаџери. Секој менаџер го организира своето време така како што најмногу му одговара. Накрај, мене ме интересираат резултатите, како што ги интересираат и моите претпоставени. Што се однесува до HEINEKEN, тој им нуди помош на менаџерите да постават правилна рамнотежа меѓу семејството и работата. HEINEKEN е единствена мултинационална пиварница во светот што е во сопственост на семејство, а овде семејството како вредност многу се цени. Тоа многу ни помага да се одлучиме, барем мене ми помогна да се одлучам, да се селам од една држава во друга.

МАРИЛИ: Кои се Вашите обврски во компанијата, дали можете да ги наведете?
СЛАВЕСКА: Карловачка пивовара има 160-годишна традиција, оваа година го слави 160-годишниот јубилеј и, нормално, таа е една од најстарите пиварници во регионот што успешно опстојала на овие простори и сè уште постигнува резултати. Сè ова ја прави огромна мојата обврска како регионален генерален директор, прво да го одржам континуираното работење на пиварницата и да овозможам таа и натаму да работи и да постигнува резултати. За да успееме во тоа, јас лично сум одговорна да обезбедам три важни работи: квалитет, луѓе и одржлив развој. Во однос на квалитетот, без оглед колку е тешко да се води бизнис во денешно време, колку се скапи суровините, ние никогаш не смееме да отстапиме од квалитетот. Но се обидуваме да заштедиме и да го подобриме начинот на работа преку заштеда на енергијата, заштеда на водата, ресурсите, а тоа, од друга страна, одлично се вклопува во стратегијата за водење сметка за животната средина, еколошките аспекти и одржливиот развој на бизнисот. На почетокот на јуни, Карловачко доби награда за најдобар производ избран од страна на потрошувачите во Хрватска, кога ќе се земе предвид односот на цената и на квалитетот. Исто така, во овој период ни беше доделена слична награда и во Босна, за квалитет на Карловачко Радлер. Потоа, неодамна, како дел од регионот Централна и Источна Европа ни беше дадено признание од HEINEKEN за извонредни резултати во имплементација на иновацијата на безалкохолно пиво. Како дел од овој проект, Карловачка пивовара го усоврши Карловачко 0,0% Махх и се истакна како компанија што покажа лидерство во брзината и во подготвеноста за споделување на знаењата со колегите од други компании HEINEKEN. Не многу потоа, добивме награда, на глобално ниво, за најдобро Heineken референтно пиво. Како што гледате, за нас квалитетот е врвен приоритет. HEINEKEN не дозволува употреба на емулгатори, ние не користиме ГМО суровини, кај нас сè е природно. Исто така, фокусирани сме на квалитетот на луѓето. Во денешно време од луѓето се бара да бидат флексибилни и способни за мултитаскинг затоа што бизнисот не ви дозволува да имате исклучително високи и фиксни трошоци. Од друга страна, технологијата е поусовршена и ја овозможува флексибилноста што е потребна за да се одговори на барањата на нашиот бизнис.

МАРИЛИ: Што можете да кажете за иновациите? Вистинските пазарни економии им обрнуваат внимание на иновациите?
 
СЛАВЕСКА:
Единствен начин да се опстане денес во една компанија за производи за широка потрошувачка е со помош на иновации. Го споменав Карловачко безалкохолно пиво што го пуштивме во продажба, а кое е сосема различен вид пиво. Исто така, лансиравме и нов радлер што го нарековме ЛАГАНИНИ, тоа е хрватска кованица за „олабави се, земи време за малку одмор“. Иновациите во однос на производите се од огромна важност. Ние постојано воведуваме иновации во производи, како во системите, така и во процесот на работа и во технологијата.

МАРИЛИ: Веќе споменавте неколку брендови на чие ниво Heineken е позициониран во светски рамки? 
СЛАВЕСКА:
HEINEKEN е меѓународна компанија, има портфолио од повеќе од 260 брендови во светот. HEINEKEN е единствена компанија за производство на пиво, која е присутна во 190 држави низ целиот свет, со околу 85.000 вработени на глобално ниво и со пиварници во повеќе од 70 држави во светот. HEINEKEN е трета компанија за производство на пиво во светот, а број еден во Европа.

МАРИЛИ: Каква е соработката со македонскиот пазар?

СЛАВЕСКА: Ние работиме во еден регион. Хрватска и Македонија се дел од Централноисточна Европа, регион што има 15 држави. Соработуваме секојдневно и може да се каже дека споделуваме иста стратегија, имаме ист пристап кон пазарот. И додека заедно развиваме определени стратегии на регионално ниво, секоја од нас работи локално.

 МАРИЛИ: Во делот на промоцијата и на маркетингот, како се организирани Вашите кампањи? Каков е односот на една голема корпорација во овој сегмент?
СЛАВЕСКА: Нашиот став е многу едноставен, сè што правиме треба да одговори на потребите и на очекувањата на нашите потрошувачи. Ова значи дека дури и пред да почнеме да развиваме одреден производ, посветуваме внимание на тоа што сакаат да консумираат и да пијат потрошувачите. Најголем дел од современиот маркетинг се занимава со одредени елементи што му се важни на едуцираниот потрошувач. Тоа се нарекува маркетинг со увид на потрошувачот (consumer insight marketing), од кој се очекува да му каже на потрошувачот – Разбирам што сакаш и што очекуваш од мене, а јас можам да ти го дадам овој производ. На пример, неодамна го лансиравме Amstel Premium Pilsener, кој им упатува на нашите потрошувачи со подарок на време. Amstel Premium Pilsener врие малку подолго за да обезбеди свеж, избалансиран, полн вкус. За некои пива од брендот Пилснер минимално време за вриење и ферментирање е 11 дена, но за Amstel Premium Pilsener тоа трае најмалку 16 дена. Исто така, се користи специјален квасец и поради тоа процесот на ферментација е побавен. Овој вид производство обезбедува свеж, избалансиран и чист вкус, без овошна нота и без арома на јачмен. Во еден свет што брзо се движи, брзината не е секогаш добра. Понекогаш, со малку повеќе потрошено време добивате многу поголем квалитет. Поради оваа причина пораката „добро потрошено време“ е главна комуникациска порака на овој бренд. Одвојте време за вистинските работи, споделете Amstel Premium Pilsener и уживајте.


МАРИЛИ: Дали имате некои статистички податоци за тоа колку средства се одвојуваат за меркетинг во Вашата корпорација? Колкави заштеди се остварени во Карловачка пивовара? 
 СЛАВЕСКА: Големите компании вложуваат огромни пари во комерцијални инвестиции. Секоја компанија има сопствена политика кога е во прашање процентот на инвестирање. Овие бројки можат да се движат од 20% од вкупниот приход на компанијата и можат да достигнат до 40%, па дури и до 50%. Особено е важно да се има континуитет и постојаност во комуникацијата со потрошувачите.

МАРИЛИ: Фактите неминовно зборуваат за Вас како успешна, како некој што направил многу за својата кариера. Како воспоставувате рамнотежа со приватниот живот?
 СЛАВЕСКА: Јас навистина ја сакам својата работа. Еден од главните двигатели на секоја жена што е менаџер првенствено е нејзината љубов кон работата. Ако не ја сакате својата работа, не можете да ја сработите така како што треба и со одредена енергија. И не само тоа, не можете да бидете толку инспирирани и да правите баланс со приватниот живот.

МАРИЛИ: Дали сметате дека за да се биде успешен менаџер, треба да имате нешто во карактерот или тоа може да се научи?
 СЛАВЕСКА: Искрено, целта на мојот живот не е да бидам менаџер, туку лидер. Лидерството сосема се разликува од менаџментот. Речиси секој може да биде менаџер, тоа е вештина што се учи. Меѓутоа, малку е поинаку да се биде лидер. За лидерство треба да го имате тоа нешто што доаѓа однатре. Генерален директор за мене е само титула. Моја амбиција е моите луѓе во средината во која работам да гледаат на мене како на лидер. На пример, лидерство значи да можете да ги придвижите луѓето кога немаат доволно енергија, да можете да гледате подалеку и луѓето да веруваат во вас и да ве следат. Големите лидери можат да ги иницираат работите што се случуваат во општеството и пошироко, тие имаат влијание.

МАРИЛИ: Вие сте млада и полна со енергија, но имате многу исцрпувачка работа. Каде и како ја дополнувате енергијата за работа?
 СЛАВЕСКА: За секој што сака да гради кариера, без оглед дали е тоа кариера на лидер или на менаџер, поддршката од семејството е многу важна. Јас сум среќна што имам семејство што има целосно разбирање за мојата работа. Ако имам некоја работа да завршам до доцна навечер, а не сум му се јавила на сопругот, тој нема да ми се јавува за да праша каде сум. Целосно сум ослободена од домашните работи. Нашиот тригодишен син дефинитивно ни дава мене и на мојот сопруг дополнителна енергија за да ја издржиме нашата работа во различни држави, бидејќи тој работи во Рим, а јас во Загреб. Ние не сме секогаш заедно како семејство и тоа е цената за кариерите што ги имаме и двајцата. Кога би ви кажала дека е лесно, би ве излажала. Но ние не се фокусираме на она што е лошо. Нашето мото е секогаш да гледаме во она што е добро и да го живееме животот како секој ден да ни е последен. 

МАРИЛИ: Како го организирате слободното време?
 СЛАВЕСКА: Секогаш читам, без оглед дали е тоа стручна литература или нешто друго. Читам во авион, всушност, јас секогаш нешто читам. Најдобриот дел од она што ми ги „полни батериите“ е мојот син, прошетките со него, семејството, патувањата со сопругот итн. Она што најмногу ми недостига од Македонија се моите пријатели. Сега не доаѓам многу често, само еднаш годишно. Но внимателно следам што се случува во Македонија.

МАРИЛИ: Како се одвиваат работите на светско ниво? Вие сте постигнале успех во голема европска компанија што, исто така, е голема и во светски рамки. По што сме ние различни од нив како основа за успех?
СЛАВЕСКА:
Никаде не е идеално. Јас сум живеела во различни држави. Можам да кажам дека живеам во Рим каде што е мојата адреса на живеење, а живеев во Австрија, Белорусија, Русија. Сега сум во Хрватска. Меѓутоа, секој во мојата компанија знае дека јас сум Македонка, јас не сум го изгубила мојот идентитет. Без оглед каде одиме, важно е да останеме она што сме. Во сите книги за лидери ќе прочитате за автентично лидерство. Лично мислам дека автентичноста ми помогнала во кариерата. Поради тоа, повторувам, не смееме да заборавиме кои сме. Стил на лидерство не може да се научи, тој е вроден во личноста. Тој треба да се негува и мораме да вложиме максимум за да бидеме во можност да ги максимизираме нашите позитивни страни. Мораме да бидеме оптимисти.
 
Содржината е прочитана 685 пати.