Бизнис вести

ММФ за годинава прогнозира раст на македонската економија од 3,2 отсто

Во последниот извештај оваа финансиска институција за следната година предвидува раст од 3,4 отсто, а до 2024 година очекува македонската економија да расте со стапка од 3,5 отсто.

четврток, 17 октомври 2019

Меѓународниот монетарен фонд ја зголеми проекцијата за раст на македонската економија за годинава на 3,2 отсто, ревидирајќи ја својата првична проекција за стапка на раст од 3 отсто.

Во последниот извештај оваа финансиска институција за следната година предвидува раст од 3,4 отсто, а до 2024 година очекува македонската економија да расте со стапка од 3,5 отсто.

Од земјите во регионот најголем раст годинава се прогнозира во Косово од 4,2 отсто, по што следува Србија со 3,5 отсто. Зад нас се Црна Гора, Албанија и Хрватска со прогнозиран раст од три проценти. За наредната година ММФ предвидува раст од 4 отсто во Албанија и во Косово, 3,5 проценти во Србија, 2,7 во Хрватска и 2,5 отсто во Црна Гора.

Сепак, загрижува прогнозата за светската економија. ММФ очекува таа годинава да биде намалена за 0,2 процентни поени, односно, да расте со стапка од 3 проценти, што е пониско од јулската проекција која предвидуваше раст од 3,2 отсто, пренесува „Ројтерс“.

Во извештајот се проценува дека ревалоризацијата главно се должи на растечките последици од глобалното трговско превирање. Прогнозата е дека трговската војна меѓу САД и Кина ќе го намали глобалниот економски раст во 2019 година на најниско ниво од финансиската криза 2008/09 година.

Глобалниот раст се очекува да забрза на 3,4 проценти во 2020 година, како резултат на подобрите перформанси во Бразил, Мексико, Русија, Саудиска Арабија и Турција.
 

Содржината е прочитана 76 пати.