Култура

Утре почнува 38.издание на Скопскиот џез фестивал

Фокусот на годинашната програма на фестивалот, кој ќе трае до недела ќе биде одбележување на 50-годишнината од германската издавачка куќа „ECM Records“

среда, 16 октомври 2019

Култните гитаристи од САД – Дејвид Торн и Фред Фрит со неговото трио ја имаат честа утре да го отворат 38-то издание на Скопскиот џез фестивал во Националната опера и балет (НОБ).

Фокусот на годинашната програма на фестивалот, кој ќе трае до недела ќе биде одбележување на 50-годишнината од германската издавачка куќа „ECM Records“.

„Од деветте групи или изведувачки имиња на главната програма, шест се практично заштитен знак на ЕСМ. Останатите три групи, исто така ги конципиравме да бидат на некој начин во стилот на карактеристиките, отвореноста, авангардноста на ЕСМ“, рече директорот на фестивалот Оливер Белопета, потенцирајќи дека Скопски џез фестивал има огромна репутација во светот која е постигната поради засебноста и оригиналноста на самата програма и храбриот програмски пристап.

Неофицијалната програма на фестивалот започнува денеска со презентација на документарниот филм Sound and Silence во МКЦ Кино Фросина и концерт на Next to Silence, додека утре, 17 ноември на истата локацја ќе има презентација на книгата фотографии на Зига Коритник. На 18 ти октомври во Клуб Епицентар ќе има настап Nicola Conte j Set, а на 19 октомври во МКЦ Дансинг салата концерт на Џијан Емиј и The Magical Orchestra.

Главната програма започнува на 17 со музичките џез уметници Дејвид Торн, композитор, тестуралист, гитарист, импровизатор, филмски композитор и продуцент, а во истата таа вечер на сцената на НОБ ќе настапи и англискиот гитарист, композитор, иноватор и импровизатор Фред Фрит со неговото трио, кој е активен на авангардната музичка сцена уште од шеесеттите години на минатиот век.

„Втората вечер носи еден ориентален призвук и ориентална магија со еден извонреден квартет од Грција кој го води Сократис Синопулос, многу познат музичар и музички професор кој свири инструментот кој е типичен за јужните делови на Грција, лира. По него еден човек кој ни недостасувал сите овие години, Ануар Браем прв пат настапува, најголемиот мајстор на арапската лејта, која се вика ут. Во сабота од Норвешка, можеби нивниот учен композитор, аранжер и највреден кој ни недостасувал во целиот серијал на прекрасна норвешка музика и норвешки композитори кои ги имало многу на Скопскиот џез фестивал, Јон Балке со еден од своите многубројни проекти. Оваа вечер ќе има и втор концерт со легендарните Art Ensemble of Chicago во еден проширен состав“, изјави Белопета.

Затворањето на 38 то издание на џез фестивалот ќе биде на 20 октомври со француската басистка, импровизаторка и компизторка Џоел Леандре, пијанистот Торд Густавсен и Џејмс Брендон Луис саксофонист од поновата генерација на госпел и блуз музичарите.

 

Содржината е прочитана 326 пати.