Бизнис вести

Вкупно 170 компании ќе добијат финансиска помош од Владата

Вкупната вредност на инвестициите во овие компании изнесува 230 милиони евра, со што се отвораат 4.577 нови работни места, од кои во 2018 година се веќе вработени 2 117 лица

вторник, 15 октомври 2019

Вкупно 170 компании ќе добијат финансиска поддршка од Владата преку програмата на Планот за економски раст.
Информацијата за склучување договори со компаниите е разгледана и усвоена вчера на седница на Владата што се одржа во Битола.

Како што соопштуваат од владината прес-служба, во 170-те компании има компании од трговско-индустриските зони и една од дијаспората, а за оваа финансиска поддршка евалуирани се реализираните инвестиции за 2018 година, а се однесува за инвестициски вложувања за набавка на нови машини и опрема и за инвестиции во објекти и земјиште.

Финансиската поддршка од оваа програма, преку Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот се доделува за реализирани почетни или дополнителни инвестиции неопходни за дејноста, до 10 отсто од реализираната инвестиција и не повеќе од 1.000.000 евра. Средствата за оваа намена се предвидени во Буџетот за 2019 година.

Вкупната вредност на инвестициите во овие 170 компании изнесува 230 милиони евра, со што се отвораат 4.577 нови работни места, од кои во 2018 година се веќе вработени 2 117 лица.

Пренесено од МИА
 

Содржината е прочитана 73 пати.