Интервјуа

Интервју со г. Душко Миновски, државен советник во Министерството за труд и социјална политика

Жена свесна за себе, за своите потреби, потребите на членовите на семејството, силно мотивирана и покрај ангажманите и обврските може да го постигне посакуваниот баланс, но секако со заемност и поддршка од партнерот.

четврток, 09 октомври 2014

МАРИЛИ: Господине Миновски, познавајќи ја проблематиката на домот, семејството, дискриминацијата и семејното насилство како службите, институциите и државата се справуваат со возможните проблеми во оваа проблематика?
МИНОВСКИ:
Дефинитивно има системска реакција за сите наведени феномени кои за жал ја поткопуваат семејната заедница и поединецот! Имено, во Законот за семејство, Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, Законот за заштита и спречување од дискриминација се предвидени мерки и заштитни механизми кои даваат гаранција дека секој граѓанин ја има потребната институционална заштита од државата. Од тој аспект имаме системска реакција, но секако недостасува поголема активност во подигнување на свеста за присутност на овие појави кај нас, начините на справување и можностите за користење на заштитните механизми.

МАРИЛИ: Каков е статусот на жената во нашето општество, а каков е статусот во светски рамки, кои права ги ужива таа?
МИНОВСКИ:
Мора да го напоменам истразувањето на ОН кое е спроведено во целиот свет, и поразувачките заклучоци дека и во еден ваков степен на развиен цивилизациски свет сѐ уште жената е најдискриминираното суштество на земјата. Во тој контекст, а тргнувајќи од традиционалните, културолошките и општествените односи кај нас, може да констатираме дека сѐ уште е присутен доминантниот машки модел на односи, но секако и придвижување на работите, под влијание на развиениот запад, кон еднаквост меѓу половите. Тука имаме своевиден дисбаланс, па во одредени области имаме навистина сериозен демократски исчекор во смисла на еднаквоста на половите, но во политиката и политичките односи сѐ уште доминира мажот.

МАРИЛИ: 

Брачната заедница во Република Македонија се склучува помеѓу маж и жена, што значи здраво семејство за едно општетсво, и што се презема за подигање на свеста по ова прашање кај нашата популација?
МИНОВСКИ:
И, покрај тоа што имаше одредена реакција од некои општествени чинители (пред сѐ граѓански организации), околу измените на Уставот на РМ, во делот на уредување на брачната заедница меѓу маж и жена, сметам дека на тој начин се следи т.н. природен принцип кој препознава исклучиво заедница на хетеро партнери и деца. Секако дека со тоа не ги негираме индивидуалните права на сексуална ориентација, но до нивото на лични права, онаму каде се допира во нарушување на природниот принцип, треба и соодветна реакција на системот. За таа цел, Министерството за труд и социјална политика, одредени граѓански организации прават силни заложби со одржување на трибини, работни средби, тркалезни маси… со крајна цел афирмирање на бракот и семејството како примарна заедница во која најадекватно се воспитуваат и подигаат идните генерации.

МАРИЛИ: Според некои статистики разводот во Македонија е сѐ почест. Кои се причините за ваквата појава? Дали е тоа еманципацијата на жената, нејзината кариера, желбата да се биде самостоен?
МИНОВСКИ: 

Едноставно, одредено влијание, едукација, поголема свесност за себе и своите интереси не може да се спречи. Така што евидентно е дека имаме зголемен број на разводи, но уште позагрижувачки е фактот дека тоа се прави со одредена, да ја наречам-леснотија, без посебен ангажман на партнерите да извлечат максимум во надминувањето на недоразбирањата и брачните проблеми. Па така, имаме разводи и по само неколку или само една година од брачно живеење. Спектарот на причините е доста “шаренолик”, па тука секако влијание има необезбедената константна егзистенција на семејната заедница (проблем со вработување), па подложноста на семејството на одредени девијантни појави (алкохолизам, дрога и сл.), па прозападното влијание во смисол на индивидуализмот и перцепција само за себе и своите потреби, еманципацијата на жената и останато.

МАРИЛИ: Колку трката по време и пари влијае на семејството, и колку мајката или таткото е потребно да бидат присутни во одгледувањето на здраво поколение?
МИНОВСКИ:
Евидентно е дека и покрај сѐ уште присутната невработеност, сите како да сме во некоја општа трка. Сѐ помалку време за најважната животна улога - Родителството. Па оттаму и присуството на т.н. емоционална тапост, во смисла дека имаме родители кои не знаат да ги сакаат своите деца, па без да знаат емоционално ги лишуваат од најважната нивна улога, да бидат покрај нивните деца и кога се радосни, и кога се тажни, бесни и сл. Не е поентата само да им обезбедат физичка заштита (дом, облека, храна), мора постојано бидат покрај децата да ги поддржуваат, придружуваат и на тој начин емоцинално да ги созреат своите наследници.

МАРИЛИ: Од аспект на семејното насилство дали образованието и статусот на жената овозможуваат таа полесно, односно потешко, да се справи со вакви проблеми?
МИНОВСКИ:
Дефинитивно! Колку жената е посвесна за себе и својот интегритет, потребата на децата да не се сведоци на насилството на нивниот татко, кон нивната мајка, толку истата ќе донесе вистинска одлука во вистинско време дека треба да пријави и да ги искористи сите механизми за да излезе од една за неа мачна состојба. Значи, сепак образованието е битен фактор во препознавањето на можностите за почитување на самите себе си, а во контекст на ова и баланс и хармонија во себе, што пак ќе се рефлектира и кон нашите најблиски кои нѐ опкружуваат.

МАРИЛИ: Жената во фокусот на општеството како мајка, сопруга и бизнисменка – како и дали е возможно да се постигне баланс и да се биде успешен на секое поле, секако да не ја заборавиме тука и улогата на таткото, маж, и сопруг?
МИНОВСКИ:
Сѐ е до постигнатата индивидуална социјална и емоционална зрелост. Вакви партнери нема постојано да се жалат за недостиг на време, премногу обврски, и сл., туку на еден коректен и почитувачки однос ќе ги усогласат потребите и обврските. Тука огромно влијание има и новиот развиен технолошки развој, кој дополнително нѐ пасивизира во неопходната социјална интеракција. Жена свесна за себе, за своите потреби, потребите на членовите на семејството, силно мотивирана и покрај ангажманите и обврските може да го постигне посакуваниот баланс, но секако со заемност и поддршка од партнерот.

МАРИЛИ: Белата чума во државава е темата на која сѐ повеќе и сѐ почесто се дискутира, дали сметате дека жената е таа која сѐ помалку се одлучува за ново поколение создавајќи кариера или има и други фактори? Како државата се справува со овој проблем, кои се нејзините механизми?
МИНОВСКИ:
Ова е навистина сериозен проблем, кој не е присутен само кај нас, туку во речиси цела Европа. Постојат голем број причини, фактори кои не одат во прилог на одржувањето и ревитализацијата на општеството. Владата прави сериозни обиди да ги искористи сите потенцијали и ресурси со што би се создале повеќедетни семејства (отворање на детски градинки, поволни можности и за приватна иницијатива, спортски сали, сервиси кои би им помагале на семејствата, дисперзија на факултети итн). За таа цел се подготвува и нова демографска стратегија која ќе опфати голем број мерки, со крајна цел подигање на свесноста за најголемото богатство на човекот - децата!

МАРИЛИ: 

Имајќи ги в обѕир Вашите постојани ангажмани како го планирате Вашето слободно време, што е она што Ве прави среќен и исполнет?
МИНОВСКИ:
Па, како човек кој е нагласено социјализиран, потребата од комуникацијата со моите пријатели, ми е особено важна. Неврзани разговори, следење на фудбалските натпревари во силните европски лиги, но незаменливо е дружењето со моите две мали внучиња Филип и Андреа, кои растат во Велес, па така секој слободен миг го користам за да ги видам и се дружам со нив. Тоа дружење е непроценливо.
 

Содржината е прочитана 741 пати.