Саем

Над 100 производители на SLOW FOOD салон

Настанот ќе се одржи на 18 и 19 октомври во „Александар палас“ во Скопје и има за цел да ги промовира малите производители на висококвалитетни производи кои треба да ја валоризираат вредноста преку своето знаење и труд

понеделник, 14 октомври 2019

Повеќе од 100 производители ќе ги изложат своите автентични и висококвалитетни производи и ќе ги раскажат своите приказни на првиот „SLOW FOOD салон“ што ќе се одржи на 18 и 19 октомври во хотелот „Александар палас“ во Скопје.

Под мотото „Храната е движење“ настанот има за цел да ги промовира малите производители на висококвалитетни производи кои треба да ја валоризираат вредноста преку своето знаење и труд, а истовремено и да ги едуцира консументите да избираат квалитетна храна и да ја поддржуваат локалната економија и заштитата на животната средина. Покрај можноста да се информираат, посетителите кои ќе можат и да дегустираат од прва рака.

„Храната е енергија која секојдневно му е потребна на нашето тело. Таа е уживање на трпезата, култура што ги зближува луѓето. Во ерата на глобалната трговија храната е брутално сведена на ниво на стока за економска размена и е моќно оружје во рацете на големите индустрии. Системот на храната денес станува значајно еколошко прашање за дискусија и акција. Храната е генератор на одржливиот развој на регионите и проверен извор на благосостојбата на производителите. Храната поттикнува промени во свеста кај консументите. Преку настанот сите заедно да дадеме поттик за креирање позитивна клима за опстојување и развој на малите производства и збогатување на понудата на производи на пазарот“, велат од „Слоу Фуд Македонија“.

Производителите ќе се презентираат поделени во неколку секции: традиционална и органска храна, мали винарии, занаетчиски производители на пиво и даватели на туристички услуги.

Салонот ќе понуди вкусови кои „Слоу Фуд Македонија“ ги заштитува, поддржува и промовира повеќе од 10 години преку својата мрежа, а ќе биде отворен за јавноста во петок, 18 октомври од 14 до 20 часот и во сабота 19 октомври од 12 до 20 часот. Влезници за настанот може да се купат на https://www.karti.com.mk/slow-food.nspx

Слоу Фуд обединува членови, активисти, производители, експерти, готвачи, новинари околу филозофијата „Добра, чиста и правична храна, за сите!“

Поддржувачи на настанот се Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, како и партнерите на сите настани кои ги организира „Слоу Фуд Македонија“ – „Пакомак“, „Горска вода“ и Сакам пиво.мк
 

Содржината е прочитана 92 пати.