Бизнис вести

Македонија на 82. место по конкурентна економија во светот

На прво место е Сингапур кој ги симна САД од врвот позиционирајќи ги на второ место на годинашниот извештај на Светскиот економски форум, во кој се анализира конкурентноста на економијата со мерење фактори како што се макроекономска стабилност, инфраструктура, пазар на трудот и иновативен капацитет

понеделник, 14 октомври 2019

Северна Македонија се наоѓа на 82 место на листата за конкурентност на Светскиот економски форум, што е за две места погоре од последното рангирање. Од регионот најдобро рангирани се Словенија која е на 35 и Бугарија на 49 место.

Во годинашниот извештај на прво место е Сингапур, кој ги симна САД од врвот позиционирајќи ги на второ место во извештајот во кој се анализира конкурентноста на економијата со мерење фактори како што се макроекономска стабилност, инфраструктура, пазар на трудот и иновативен капацитет.

Сингапур оваа година доби најдобри оценки за својата инфраструктура, здравство, пазар на трудот и финансиски систем.

„САД остануваат иновациска сила и покрај губењето од Сингапур“, се вели во извештајот.

Една од причините за успехот на Сингапур и на Виетнам е американско-кинеска трговска војна. Во извештајот се вели дека двете азиски економии имаат корист од глобалните трговски тензии, бидејќи трговијата се пренасочува во овие земји. Виетнам „заработи“ десет поени од минатата година, и се искачи на 67. место од 137 земји.

На врвот на листата се најдоа и Хонг Конг, Холандија и Швајцарија. Хонг Конг се искачи за четири места од минатата година и покрај политичката криза која се одрази на економскиот раст.
 

Содржината е прочитана 67 пати.