МАКЕДОНИЈА

Наградна игра „Мој ДДВ#МојаНаграда“

Во наградната игра која ќе стартува на 25 ноември ќе учествуваат сите граѓани кои скенираат фискални сметки преку апликацијата МојДДВ

четврток, 10 октомври 2019

Владата ќе организира наградна игра „Мој ДДВ#МојаНаграда“ во која ќе учествуваат сите граѓани кои скенираат фискални сметки преку апликацијата МојДДВ. Од Министерството за финансии појаснуваат дека ќе се делат награди на дневно ниво, ќе има 15 награди месечно, како и две главни премии. Односно, фискалните сметки кои ќе бидат недобитни на дневно ниво ќе учествуваат во месечното извлекување, додека недобитните скенирани сметки на месечно ниво ќе учествуваат во извлекувањето на двете главни премии. Сите награди ќе бидат парични.

Од Владата велат дека целта на наградната игра е да се мотивираат и да се наградат граѓаните да бидат даночни инспектори и да и помогнат на власта во борбата со сивата економија и даночната евазија.

Фондот за наградната игра, која што треба да започне на 25 ноември е 31 милион денари, односно 500.000 евра и сите награди се парични. Среќните добитници ќе се избираат преку Државната лотарија, а повеќе детали за апликацијата и наградната игра ќе бидат соопштени дополнително.

Министерката за финансии Нина Ангеловска вели дека наградната игра „МојДДВ#МојаНаграда е унапредување на мерката МојДДВ, која дава резултати и ќе биде дополнителен мотив на граѓаните во борбата против сивата економија.

„Наградната игра ’МојДДВ #МојаНаграда’ е еден вид унапредување на мерката која до сега даде резултати. При креирањето на наградната игра тимот кој работеше ги зема предвид и бројните предлози што пристигнаа од граѓаните и задоволство ми е да ви кажам дека добар дел од нив ќе бидат и инкорпорирани во унапреденото решение. Исто така, беа земени предвид успешни најдобри практики од други земји. И не само тоа, туку одиме чекор повеќе и покрај наградувањето наградната игра има и едукативни елеметни кои ќе влијаат на финансиската писменост“, изјави министерката Ангеловска.

Повеќе од 150.000 корисници со апликацијата мојДДВ скенираат над 7,5 милиони сметки на месечно ниво. Првата исплата на остварениот поврат на ДДВ ќе се реализира на крајот на годината. Над три милиони евра ќе бидат вратени кај граѓаните за првите три месеци од стартот на мерката.

 

Содржината е прочитана 408 пати.