Бизнис вести

Бизнисмените и испорачаа пет барања на министерката за финансии

Справување со сивата економија и формирање фискален совет и натаму се приоритет и од суштинско значење за економијата, но, стопанствениците бараат и да не се одолговлекува законското воведување на холдингот како форма на организирање на компаниите, укинување на привилегиите на јавниот сектор при наплата преку извршители, како и решавање на проблемите со ДДВ при увоз на суровини

вторник, 08 октомври 2019

Бизнисмените и испорачаа пет барања на министерката за финансии, Нина Ангеловска на првата средба во Стопанската комора на Македонија. Справувањето со сивата економија и формирањето фискален совет и натаму се приоритет и од суштинско значење за економијата, иако се иницијативи покренати од бизнисот за кои нема решение со години. Но, стопанствениците бараат и да не се одолговлекува законското воведување на холдингот како форма на организирање на компаниите, укинување на привилегиите на јавниот сектор при наплата преку извршители, како и решавање на проблемите со ДДВ при увоз на суровини.

Првиот човек на Стопанската комора, Бранко Азески повторно побара бизнис заедницата да биде вклучена во процесот на креирање на политиките поврзани со економијата.

„Не бараме ништо што не може да се реализира или е спротивно на конкретните економски текови, туку работи кои ќе ја подобрат бизнис климата. Имаме пет барања коишто се однесуваат на клучни прашања што биле третирани во изминатиот период, за Законот за холдинг друштва, членот 218 од Законот за извршување, за признатите расходи, имаме иницијатива којашто се однесува на плаќање на ДДВ и негово враќање при влез на суровините. Ќе разговараме како и што може да се направи со нашите иницијативи“, рече Азески.

Министерката Ангеловска истакна дека како човек кој доаѓа од приватниот бизнис ја знае реалната потреба од дијалог помеѓу креаторите на политките и бизнис секторот и во таа насока најави онлајн платформа преку која ќе ги следи предлозите и иницијативите на бизнисмените и редовно ќе ги консултира при донесувањето нови законски решенија.

„Знаете дека доаѓам од приватниот сектор и цврсто верувам дека за да креираме политики за подобра бизнис околина, треба да дискутираме за нив со реалниот сектор. Во таа насока ќе ги разгледаме сите предлози на бизнис секторот. Еден од предлозите кои Стопанската комора го има и за кој можам да кажам дека лично имам волја да се залагаме, е воведување на даночниот календар кој ќе им дава информации на бизнисмените за новите законски решенија поврзани со даноците. Тоа значи предвидлива околина за бизнисот, стабилност за да може да знаат да ги планираат однапред своите активности, да не може да се прават нагли промени кои ќе влијаат на планирањето на фирмите за догодина. Тоа значи шест месеци однапред да му дадеме време на бизнис секторот да се подготви за измените и да испланира за следниот период“, рече Ангеловска.

Министерката најави ефикасна борба со сивата економија која, како што рече, зафаќа од 20 до 40 отсто од економијата. Појасни дека се работи на утврдување на мерката со која се очекува сивата економија да се вклучи во системот на економијата, не само во однос на работната сила, туку и делот на нерегуларани дејности.
 

Содржината е прочитана 28 пати.