Интервјуа

Интервју со г-ѓа Мирјана Марковска-Андревски - адвокат, претприемач, медијатор, арбитер

Иднината на современата жена е во претприемаштвото, во можноста за избор на нејзиното економско осамостојување, основање на сопствено претпријатие - жената претприемач е еден од генераторите на успешни семејни бизниси и нови работни места.

среда, 22 октомври 2014

Женското лидерството го третирам не како феминистичка, туку како економска категорија. Имено со економското јакнење на жените, нивна постојана едукација, сметам дека женското лидерство е во сериозен подем во нашата земја, и за Македонија можам слободно да кажам дека ги има најдобрите практики и е лидер во споредба со другите земји во регионот.

МАРИЛИ: Почитувана г-ѓа Марковска-Андревски, честитки за магистерскиот труд под назив “Улогата на жената лидер во процесот на решавање деловни конфликти со примена на алтернативни методи арбритража и медијација” којшто минатата недела го одбранивте на Факултетот за туризам и менаџмент во Скопје. Од каде потекнува идејата токму оваа тема да ја земете за свој магистерски труд?

МАРКОВСКА-АНДРЕВСКИ: 

Темата на магистерската работа “Улогата на жената лидер во процесот на решавање деловни конфликти со примена на алтернативни методи арбритража и медијација” ја одбрав како спој од три дисциплини кои обединуваат еден процес, а тоа е процес на решавање на конфликтите во деловното односно бизнис опкружување. Сакајќи да го обединам мојот професионален ангажман на адвокат, определбата да ги имлементирам алтернативните постапки како медијатор и арбитер со мојата активност во проектите за поттикнување на женското лидерство во Република Македонија, фокусот го поставив токму на улогата на жената лидер во процесот на донесување на одлуки. Во истражувањето на улогата на жената лидер во процесите за решавање на деловни конфликти користејќи алтернативни методи на судската постапка се стекнав со драгоцени сознанија кои ќе ги урнат бариерите кои попречуваат заземањето на одлучувачката позицијана жените и ќе помогнат во унапредувањето на женското лидерство, медијацијата и арбитражата. Практична цел беше да се детектираат слабостите и да се дадат соодветни препораки кои ќе помогнат во јакнење на капацитетите на улогата на жената лидер, како што се: Охрабрување на жените да заземаат позиции преку мотивација и систематски пристап кон искористување на постоечките капацитети и креирање на нови.
Промовирање на потреба од донесување на закон за нормирање на учеството на жените во бизнис сферата на ист начин како што тоа е опфатено во политиката. Формирање на катастар на женски бизниси.
Инвестирање во јакнење на капацитетите, вршење на обуки и креирање на мрежа која користејќи ги традиционалните женски вештини и решенија ќе прифати и креира алтернативи во решавањето на деловните конфликти. Потреба за промовирање на методи и истакнување на позитивните искуства при учеството на жените во бизнисот. Имајќи ја предвид комплексноста и интердисциплнарноста на темата на магистерската работа, непроценлива помош имав од менторот проф. д-р Виолета Миленковска што придонесе во голема мера процесот на постдипломски студии да ги заокружам со титулата цума сум лауда како најдобар магистрант на Универзитетот за туризам и менаџмент.

МАРИЛИ: Вие сте жена која води приватен бизнис, но истовремено сте основач и член на многу организации во коишто членуваат жени. Сметате ли дека женското лидерство е во подем во нашата земја?
МАРКОВСКА-АНДРЕВСКИ:
 

Веќе 17 години градам успешна деловна приказна на жена-адвокат, експерт во сферата на деловно право, сопственик на адвокатска канцеларија Марковска-Андревски работејки и градејќи се низ многу комплексни меѓународни инвестициски проекти. Јас сум основач и потпретседател на Здружението на жени менаџери “ЕЛИТ чија главна определба е да ги охрабрат жените да заземат одлучувачки позиции односно преку бројните активности и мотивациски говори да поттикнат, омасоват и промовираат жени лидери во сите сфери на општеството, со што ќе се зголемат капацитетите во процесите на раководење и донесување одлуки. Женското лидерството го третирам не како феминистичка, туку како економска категорија. Имено со економското јакнење на жените, нивна постојана едукација, директно се влијае на намалување и сметам дека женското лидерство е во сериозен подем во нашата земја, и за Македонија можам слободно да кажам дека ги има најдобрите практики и е лидер во споредба со другите земји во регионот. Лично, активно сум вкучена во повеќе менторски мрежи и во проекти кои го промовираат женското лидерство истакнувајќи ги најдобрите искуства, како мотивациски говорник со задача да ги охрабри жените да зазмемат одлучувачки позиции. Имено, ние во Македонија имаме подеднакви права и можности и општеството подеднакво вложува во градење на капацитетите на двата пола, но и покрај немањето правна бариера жените поради традицијата, менталитетот, пристапот до финансии, немање на соодветни бизнис обуки, недоверба во опружувањето не се одважуваат да ја консумираат можноста да започнат деловна приказна, туку запираат некаде на патот со оцени за технички пречки. Мојот придонес го гледам токму во охрабрувањето на жените да се одважат и да започнат своја деловна приказна.


МАРИЛИ: 
Постои ли според Вас разлика помеѓу жена-лидер и жена-менаџер? Сметате ли дека за лидерство треба да се имаат некои природни предиспозиции?
МАРКОВСКА-АНДРЕВСКИ:
 Новите технолошки промени битно го менуваат начинот на кој луѓето работат, комуникациите на луѓето, внатре во фирмата и надвор од неа, а ги менуваат и односите во сферата на конкуренцијата. Сите овие промени имаат значаен одраз и врз лидерството, односно водството на фирмите. Денес се смета дека без вистинско лидерство, фирмите не можат да постигнат натпросечни перформанси - напротив, тие би стагнирале на ниво на просечност или би тонеле кон потпросечноста. Во услови на турболентни промени на секоја организацијата и се потребни раководители кои се способни да го водат процесот на промена.Во услови на транзиција и демократија, жените претприемачи претставуваат значајна сила во пораст, иако нивната севкупна улога во деловните и јавни политички арени честопати е отежната заради недоволно разбирање, законски препреки и традиционалната улога за раѓање. Сепак, иднината на современа жена е во претприемаштвото, односно во можноста за избор на нејзиното економско осамостојување, основање на сопствено претпријатие – самовработување. На тој начин, токму жената претприемач е еден од генераторите на успешни семејни претпријатија и нови работни места.
Многу истражувања покажуваат дека жените претприемачи и лидери, многу повеќе од своите колеги мажи, ги поддржуваат вработените во нивните амбиции за дополнително образование, ја поддржуваат тимската работа, ја намалуваат хиерархијата и настојуваат да квалитетот на нивната понуда биде во постојан раст. Жените трошат повеќе пари за школување на своите вработени, бидејќи веруваат дека тоа ќе овозможи поголема конкурентска способност на друштвото. Женскиот стил на раководење е изграден на развојот на поединецот – вработен.
Истражувањата по методологијата на ГЕМ – Global Entrepreneurship Monitor од 2012 година, воспоставена од Колеџот Бабсон и од Лондонската школа за бизнис претставува најголемо истражување за претприемништво во светот, односно годишна оценка на претприемништвото на национално ниво, покажуваат дека меѓу клучните причини за релативното мало учество на жените во бизнисот претставува недовербата. Од друга страна, во исто време, претприемачката активност на жените е во пораст кога имаат непречен пристап до ресурси. Женскиот начин на раководење е препознатлив. Аналитичарите сметаат дека во малото стопанство квалитетот на работните места е релативно низок, платите обично се пониски, а и бонитети има помалку отколку во големите претпријатија. Но, од друга страна студиите за жените претприемачи/лидери, покажуваат дека жените во основа нудат еднакви услови на вработување. Работното место кое го креира жената претприемач и лидер, во споредба со просекот во малото стопанство, обично е многу посигурно. Но, од друга страна, според економските показатели, женските претпријатија не растат со такво темпо како претпријатијата кои ги основале мажи. Ова се должи на некои трошоци за поголемата грижа за вработените, квалитетот и меѓусебните односи.
Карактеристики на жената лидер:
• жени лидери се поагресивни и убедливи,
 • имаат посилна потреба да ги спроведат задачите до конечниот исход ,
• манифестираат поизразена подготвеност за преземање на ризици во споредба со лидери од машки пол,
• повисок степен на подготвеност за отворен однос, консензуално одлучување, кооперативност и колегијалност,
• повисок степен на толеранција, чувство за градење на интерперсонални односи, а заради природните предиспозиции на жената за анализа на меѓучовечките односи и од емоционален аспект.
Горенаведените карактеристики утврдени од студија на „Caliper“- компанија за менаџмент-консалтинг од Принстон, САД. Неодамнешните истражувања покажаа дека претежно „општите“ квалитети, како секогаш фини и полни со разбирање, се женски квалитети, додека претежно „организациските“ квалитети како самоувереност и натпреварувачки дух се одлики поврзани со мажите.

Токму овие организациски карактеристики се сметаат за круцијални во успешното лидерство. Но, и покрај тоа што сѐ уште преовладуваат стереотипите - на лидерската позиција скоро секогаш да биде поставен маж, се повеќе почнуваат да се јавуваат мислења дека лидерството е всушност „двополова“ професија.

 
Денес на македонската економија и требаат храбри, иновативни, експертски и позитивни индивидуи и компании кои ќе ги мотивираат и охрабрат жените во РМакедонија, со цел за:
• Обезбедување на поддршка и мотивација од страна на раководни лица од машки пол за позитивен импакт врз активностите на жените претприемачи и унапредување на женското лидерство,
• Унапредување на ефикасноста на мрежната поврзаност меѓу македонските жени - бизнис лидери,
• Споделување и користење на туѓи искуства за надминување на општествените бариери во развојот на женското лидерство,
• Мотивирање на жените и нивно насочување кон позитивните примери за зајакнување капацитетите на женското лидерство во Р Македонија.
Многу експерти наведуваат дека жените претприемачи и лидери, многу повеќе од своите колеги мажи, ги поддржуваат вработените во нивните амбиции за дополнително образование, ја поддржуваат тимската работа, ја намалуваат хиерархијата и настојуваат квалитетот на нивната понуда да биде во постојан раст. Студиите на Бостонскиот универзитет покажуваат дека „жените се покооперативни, неформални, своето лидерско однесување го градат на меѓусебното разбирање“. Спротивно на ова, мажите лидери тежнеат кон компетитивен, формален и систематичен менаџмент. Со други зборови кажано, жените целиот свој живот биле воспитувани така да ги хранат и поддржуваат другите. Таа природна особина, заедно со работливоста ја користат во претприемаштвото исто така како и во работата со луѓето: тие своите соработници ги поддржуваат во нивните амбиции. Жените, успехот во работата го мерат на друг начин. Секако, дека сакаат профит, но воедно сметаат дека нивната највисока цел е постигната со тоа што вработените се развиваат и што очекувањата на купувачите се исполнуваат.  

МАРИЛИ: Вие сте еден од првите овластени медијатори во РМакедонија. Колку медијацијата и арбитражата се воопшто користени правни инструмети во нашата држава?
МАРКОВСКА-АНДРЕВСКИ:

Да, со медијација се занимавам од 2006 година и сум еден од првите медијатори во РМакедонија. Медијацијата е потпомогнато и олеснето преговарање, односно вонсудска, неформална, доброволна и доверлива постапка, во која двете страни се договараат да трето неутрално лице (медијатор им помага во решавањето на спорот надвор од судските процедури преку договарања, но без наметнување на решенија од страна на медијаторот). Законот за медијација е донесен на 31.12.2013 година (Службен весник на РМ бр. 188) со чие донесување престана да важи Законот за медијација донесен на 15.05.2006 година (Службен весник на РМ бр. 60. Во Законот за медијација се дефинирани начелата на медијацијата, поимот медијатор, а правно е регулирана и постапката за медијација како и организацијата на медијаторите. Имајќи ги предвид предностите на медијацијата професионално ја препорачувам како екстремно економичен и ефикасен начин за решавање на конфликтите, па оттаму и мојот личен ангажман во подобрување на состојбите.  Анализирајќи ги бројните законски можности, акционите програми на Владата, многубројните заложби на сите стејкхолдери во процесот на медијација, сакајќи да успее како процес утврдив дека постои понуда за медијација 166 медијатори, постои побарувачка но нема место каде што тие се среќаваат. Таа бариера со моите колеги од канцеларија ќе се обидеме да ја надминеме. 
Канцеларијата Марковска&Андревски постапувајќи општествено одговорно, а со цел да ја потпомогне имплементацијата на медијацијата исфинансира проект за отворање Центар за медијација, простор кадешто ќе се одвиваат медијации и ќе се среќаваат странките со медијаторите. Просторот се наоѓа на ул.Орце Николов 71 и ќе биде активен кон крајот на ноември. Од 2011 година, сум избрана за арбитер при Арбитражниот суд на Стопанската комора на РМакедонија и член на Управниот одбор на Арбитражниот суд.
Арбитражата е метод на решавање на спорови којшто е алтернатива на државното судење, а се заснова на слободната волја на странките.Арбитражата претставува најраспространет институт за решавање на споровите помеѓу инволвираните субјекти.
Светски глобални корпорации го избираат токму овој начин за решавање на спорови како замена за долгите судски постапки, водени пред сè од предностите на арбитражата манифестирани во куси рокови, непристрасност, можност за избор на арбитри по сопствена волја, пониски трошоци, едностепеност на постапката.За мене и за адвокатската канцеларија М&А судот е алтернатива, а предизвик медијацијата и арбитражата да станат примерен облик на решавање на споровите.
 
МАРИЛИ: Во Вашата адвокатска канцеларија многу е чест пристапот кон медијација и арбитража во решавањето на правните спорови. Што е друго специфично за Вашата адвокатска канцеларија? МАРКОВСКА-АНДРЕВСКИ: Покрај постапки за алтернативно решавање на конфликти ADR, медијација и арбитража, адвокатската канцеларија Марковска -Андревски многу успешно работи на меѓународни проекти за преземање компании во РМ од страна на странски субјекти и јавноприватни партнерства, покрај вообичаените ангажмани, како веќе етаблирана адвокатска канцеларија во сферата на деловното право.

МАРИЛИ: 
Бевте прогласена за една од најуспешните жени менаџери од агенцијата „Марили“. Како од денешен агол ја оценувате оваа манифестација?
МАРКОВСКА-АНДРЕВСКИ:
Да во 2005 година и многу сум горда на признанието жена менаџер. Манифестацијата е токму остварување на идејата за промоција на женското лидерство, остварување на визијата на г-ѓа Трипуновска за јакнење на женското претпиемништво потенцирање на добрите практики и мотивирање за константно подобрување.
Манифестацијата досега за своето 18 годишно постоење презентирала 180 женски успешни приказни и создала непроценливо јака мрежа која верувам дека во овој период на немање на катастар на женски бизниси е единствена статистичка дата база, непроценлив извор и потврда дека во Македонија жените можат.

МАРИЛИ: Кое е Вашето мислење за местото на деловната жената денес во нашето општество?
МАРКОВСКА-АНДРЕВСКИ: Во управните одбори, на одлучувачки позиции. Иако се подобрува положбата, првата жена одлучувач во компаниите се наоѓа во четвртиот ешалон. Несомнено дека наместо проектниот пристап и кампањските промоции на деловните жени нам ни треба и законска регулатива која ќе го обезбеди местото во управните и надзорните одбори и која ќе ја вклучи во системот на управување на средните и големите компании. Постојат деловни жени кои имаат релевантни капацитети, но за жал пристапот до овие позиции е затворен и окупиран. Сѐ до донесување на законско решение, потребно е Владата да обезбеди простор во управувањето на државните компании.

МАРИЛИ: Вие сте многу ангажирана во делот на бизнисот, но и присутна во многу организации и асоцијации, истовремено сте и мајка, па како успевате да го избалансирате своето време и од каде ја црпите енергијата за сите активности?
МАРКОВСКА-АНДРЕВСКИ:
Од секогаш сум била енергична, мобилна и адаптибилна, со теков на годиниве станувам сѐ повеќе ефикасна. Енергијата ја црпам од секојдневните постигнувања, задоволните клиенти, луѓето кои преку медијацијата успеале да го решат конфликтот, досегашните деловни успеси во застапување на странските инвеститори при процесот на инвестирање во Македонија. Секако енергијата се дава и прима. Од луѓето од кои добивам мандат за делување мотивирачки за моите идеи, од активностите кои се предизвик за мене и од сознанието дека одговорно ги движам и подобрувам нештата.
Непресушен извор на енергија и најголем мотивирачки фактор за мојот одговорен развој е синот Тео. Помошта и поттикот кој доаѓа од соработници и моите пријателки кои се извор на позитивна енергија и секогаш имаат некоја нова креативна идеа се непоценливи за мене. Помагајќи на женските бизниси како адвокат што работи деловно право, среќна сум дека се создала здрава база за понатамошен развој на женското лидерство во Македонија.
 
 

 

 

Содржината е прочитана 1399 пати.