Бизнис вести

Доделени Халал сертификати на неколку компании

Халал подразбира дополнителна сигурност во прехранбената инустрија дека производите се здрави и квалитетни и оти не содржат канцерогени елементи, штетни бои, ароми, адитиви и емулгатори кои се забранети со исламските прописи, што подразбира дополнителна сигурност за здравјето на човекот

четврток, 03 октомври 2019

Проценките на Министерството за економија за важноста на поседувањето на Халал сертификатот покажуваат дека овој стандард е многу важен за стопанствениците и производителите во земјава и затоа се субвенционира од државата, истакна денеска министерот за економија, Крешник Бектеши кој заедно со поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи доделија Халал сертификати на неколку компании.

„Министерството за еконимија направи неколку анализи каде утврдивме дека проценката на пазарот на глобално ниво кое се однесува на барањето на овој сертификат надминува 800 милијарди долари, додека на европско ниво над 65 милијарди долари. Ова е важно за економијата, производителите и стопанствениците со цел да можат да добијат нови пазари, а со тоа да го зголемат извозот на нашата држава“, рече Бектеши.

Тој потсети дека од оваа година и угостителско-хотелиерските објекти можат да добијат ваков сертификат за да можат да имаат гости од земјите каде што се спроведуваат вакви стандарди.

Директорот на Агенцијата за Халал стандард при ИВЗ, Мухамер Весели појасни дека Халал стандардот се однесува на целокупната прехранбена индустрија, како што се месото, млекото, млечните производи, кондиторската индустрија, медот, делови на хемиската индустрија, фармација и козметика, кожарската индустрија, производството на вода за пиење, банкарството, градежниството и др.

Халал, рече тој, подразбира дополнителна сигурност во прехранбената инустрија дека производите се здрави и квалитетни и оти не содржат канцерогени елементи, штетни бои, ароми, адитиви и емулгатори кои се забранети со исламските прописи, што подразбира дополнителна сигурност за здравјето на човекот.

Пренесено од МИА

 

Содржината е прочитана 58 пати.