Интервјуа

Интервју со господин Димитар Ѓеорѓиевски, директор на Дирекцијата за заштита на личните податоци

Граѓаните може да се обратат лично до Дирекцијата за заштита на личните податоци, или на info@privacy.mk, да добијат консултација од наша страна за тоа како треба да постапат во конкретен случај доколку се сметаат за загрозени.

вторник, 04 ноември 2014

За периодот од јануари 2014 година досега вкупно има поднесено 336 претставки од граѓани за злоупотреба на лични податоци. Најголем дел се во насока на злоупотреба на личните податоци на социјалните мрежи за бришење на лажен профил на Facebook, за пробиено корисничко име или лозинка на профил, за отстранување на видеа и фотографии и др.

Доколку сметаат дека на каков било начин се злоупотребени нивните лични податоци граѓаните може да се обратат лично до Дирекцијата за заштита на личните податоци, или на info@privacy.mk или на телефонскиот број 3230 635, и да добијат консултација или мислење од наша страна за тоа како треба да постапат во конкретен случај, а ако е потребно може и да дојдат во нашите простории и директно да разговараат со некој од нашите инспектори/задолжени лица за одговор по претставки од граѓани.

Биди внимателен на веб страниците кои нудат подароци, а за возврат бараат размена на лични податоци. Ваквите веб страници најчесто собираат информации за рекламни цели, но тие може да ги продаваат податоците на други, а овие пак на трети лица. Наскоро твојата е-пошта ќе биде преполна. Повеќе на: www.privacy.mk.

МАРИЛИ: Господине Ѓеорѓиевски која е основната фунција и дејност на Агенцијата за заштита на личните податоци? 
ЃЕОРЃИЕВСКИ:
Со Законот за заштита на личните податоци од 2005 година (“Службен весник на Република Македонија” бр. 7/2005), предвидено е основање на Дирекција за заштита на личните податоци, која ќе биде надлежна за вршење надзор над законитоста на преземените активности при обработување на личните податоци и нивната заштита на територијата на Република Македонија. Дирекцијата е самостоен и независен орган со својство на правно лице. Ваквиот статус ѝ обезбедува независност во однос на органите на извршната, законодавната и судската власт, како и во однос на органите на локалната власт. ДЗЛП е креатор на политика за доследно спроведување на прописите за заштита на личните податоци на национално ниво: дава мислења по предлог-закони од различни области, дава мислење по подзаконски акти на контролори во областа на заштитата на личните податоци; врши надзор над законитоста на обработката на личните податоци согласно одредбите од Законот за заштита на личните податоци; издава претходно одобрение за обработка на лични податоци; издава натамошна забрана за обработка на личните податоци на контролорот, постапува по иницијативи од граѓани и поднесени барања за утврдување на повреда на правото, одговара на претставки од физички лица во поглед на незаконитост при обработка на нивни лични податоци, континуирано врши едукација на контролори и обработувачи и дава стручна помош на истите, води прекршочна постапка преку Комисија за одлучување по прекршок во согласност со закон, итн.

МАРИЛИ: Неодамна имавте Конференција за заштита на личните податоци на која присуствуваа претставници од 30-тина земји. Кои се заклучоците кои произлегоа од неа?
ЃЕОРЃИЕВСКИ:
За првпат од основањето на Дирекцијата бевме домаќини на неколку настани, поточно само годинава реализиравме три меѓународни конференции на кои учество земаа претставници од над четириесет земји од Европа и пошироко. Дирекцијата за заштита на личните податоци на Република Македонија беше домаќин на 16-та по ред Конференција за заштита на личните податоци на земјите од Централна и Источна Европа (CEEDPA) која се одржи на 02 - 03 април 2014 година. Во текот на двата работни дена се дискутираше за модернизација на легислативата за заштита на личните податоци, собирање на податоци преку smart уреди, cloudcomputing– одговорности и предизвици за заштита на личните податоци, видео надзор на приватен имот, заштита на личните податоци во изборниот процес.
Заедно со берлинскиот комесар за заштита на личните податоци, бевме домаќин на 55-от по ред состанок на Меѓународната работна група за заштита на личните податоци во телекомуникацискиот сектор, што се одржа во периодот од 05-06 мај 2014 година, во Скопје. На овој состанок беа споделени и разменети искуствата од меѓународни експерти и од земји-членки на Европската унија. Најмногу внимание во дискусиите беше посветено на BIG DATA. Неодамнешната конференција пак – Case Handling Workshop, 6-7 октомври Конференција за постапување по случаи, ги собра скоро сите експерти од над 30 земји од Европа кои дискутираа за повеќе случаи и разменуваа најдобри практики: правото на приватност на интернет и објавување на податоци за цели на судските постапка - правото на фер судење; прекумерна збирка на лични податоци, рамнотежа помеѓу правото на заштита на личните податоци и правото на пристап до јавни документи итн. Ова само ја покажа нашата декларативна заложба за ширење на позитивните практики при решавање на случаи во делот на инспекциски надзор и подигање на јавната свест на граѓаните за нивните права.

МАРИЛИ: Постои ли разлика во европската и македонската легислатива во однос на заштитата на личните податоци?
ЃЕОРЃИЕВСКИ:
Законот за заштита на личните податоци (“Сл. весник на РM” бр. 7/2005) и измените и дополнувањата на Законот („Сл. весник на РM“ бр. 103/08, 124/10, 135/11) е целосно усогласен со директивата на Европскиот парламент и Советот 95/46/EC.

МАРИЛИ: Дали македонските граѓани се свесни за нивните права во оваа проблематика и колку се чести нивните реакции од евентуално нарушување на приватноста на личните податоци?
ЃЕОРЃИЕВСКИ:
Подигнувањето на јавната свест и информирањето на граѓаните за правото на заштита на личните податоци и приватноста e една од приоритетните активности во работата на Дирекцијата. Во континуиран пораст е бројот на добиени претставки во Дирекцијата. Согласно спроведените анализи во Дирекцијата тоа се должи на зголемување на јавната свест за постоењето и значењето на правото за заштита на личните податоци. Развојот на програмските активности и иницијативи, воопшто и работењето на Дирекцијата за заштита на личните податоци, оди токму во таа насока – зголемување на свеста кај граѓаните за правото на заштита на личните податоци. Резултатите извлечени од бројот на добиени претставки од физички лица само говори во прилог на фактот за успешно спроведените кампањи, дистрибуција на информативни материјали и разни иницијативи за промоција во изминатиот период.

МАРИЛИ: Со каков вид на злоупотреби на личните податоци се соочуваат граѓаните, односно за што најчесто се однесуваат нивните претставки? ЃЕОРЃИЕВСКИ: За периодот од јануари 2014 година досега вкупно има поднесено 336 претставки од граѓани за злоупотреба на лични податоци. Најголем дел се во насока на злоупотреба на личните податоци на социјалните мрежи за бришење на лажен профил на Facebook, за пробиено корисничко име или лозинка на профил, за отстранување на видеа и фотографии и др. Само во последните три месеци оваа година добиени се вкупно 80 претставки, од кои 55 или 68% од вкупната бројка се во насока на злоупотреба на лични податоци на интернет/социјални мрежи, хакирани профили, прашања за видеонадзор. Тоа укажува на потребата да се спроведуваат активности и иницијативи за подигање на свеста на паметно користење на интернетот и користење на препораките на ДЗЛП за чување на своите лични податоци. Се разбира, нè радува и фактот што еден дел од бројот на добиени претставки е од државните органи.

МАРИЛИ: Каде можат да се обратат граѓаните и каква правна помош може да користат доколку се злоупотребат нивните лични податоци?
ЃЕОРЃИЕВСКИ: 

Доколку сметаат дека на каков било начин се злоупотребени нивните лични податоци граѓаните може да се обратат лично до Дирекцијата за заштита на личните податоци, или на info@privacy.mkили на телефонскиот број 3230 635, и да добијат консултација или мислење од наша страна за тоа како треба да постапат во конкретен случај, а ако е потребно може и да дојдат во нашите простории и директно да разговараат со некој од нашите инспектори/задолжени лица за одговор по претставки од граѓани.

МАРИЛИ: Фирмите и компаниите не подлежат на заштитата на личните податоци, доколку се чувствуваат загрозени во овој сегмент каде можат да се обратат и кои се нивните права? (се однесува на хакирање на веб страница, е-маил адреси и слично)

ЃЕОРЃИЕВСКИ: Фирмите, компаниите, државните органи се контролори согласно терминологијата во законот за заштита на личните податоци. Тие имаат одредени законски обврски и должности кои треба да ги спроведат за спроведување на прописите за заштита на личните податоци, за воспоставување на технички и организациски мерки за обезбедување тајност и заштита на личните податоци во текот на своето работење. Воедно, може да се обратат во секое време да добијат мислење по документација и подзаконски акти што треба да ги донесат како контролори согласно законските обврски.

МАРИЛИ: Постојат ли конкретни искуства и препораки за младите, како да се заштитат при користење на најактуелните форми на комуникација на интернет (фејсбук, твитер итн.)?

ЃЕОРЃИЕВСКИ: Кога посетуваш некоја веб страна не откривај ги своите лични податоци како на пример:

• е-mail адресата;
• податоците за приватниот живот;
• контакт информации;
• лозинката и ПИН бројот.
Твојот личен податок може да биде искористен за:
• испраќање на спам-пораки;
• злоупотреба на твојот личен профил;
• влез во твојата банковна сметка.
Постави веб пребарувач и користи псевдоним, а не твоето вистинско име. Не го користи основниот пребарувачот за пренесување (спуштање) програми. Биди внимателен на веб страниците кои нудат подароци, а за возврат бараат размена на лични податоци. Ваквите веб страници најчесто собираат информации за рекламни цели, но тие може да ги продаваат податоците на други, а овие пак на трети лица. Наскоро твојата е-пошта ќе биде преполна. Повеќе на:www.privacy.mk

МАРИЛИ: Најавивте проект во кој пред сè ќе биде опфатена младата популација во образовниот систем, за што станува збор?

ЃЕОРЃИЕВСКИ: “Час по приватност“ е мотото под кое Дирекцијата за заштита на личните податоци ги спроведува своите активности, во областа на образованието. Оваа активност е дел од планираните активности во Годишната програма за 2014 година во делот на развој на иницијативи, промоција на правото на приватност и заштита на личните податоци за сектор образование. Како дел од овој проект вклучени се сите средни училишта на територија на Град Скопје каде што инспекторите ја презентираат работата на Дирекцијата за заштита на личните податоци, држат предавања, но беа отворени и прашањата кои најмногу ја засегаат младата популација, а се поврзани со социјалните мрежи, злоупотреба на Фејсбук профили, како и поднесување на претставки до Дирекцијата.
 

Содржината е прочитана 697 пати.