Бизнис вести

САД најави 25 проценти царини за шкотското виски, италијанското сирење и француските вина

Администрацијата на Доналд Трамп ја донела одлуката по пресудата на СТО со која ЕУ е прогласена за виновна затоа што го субвенционирала „Ербас“

четврток, 03 октомври 2019

Се заострува трговскиот конфликт меѓу САД и ЕУ. По воведувањето царини за челик и алуминиум, сега администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп најави воведување на 25 проценти царини на европските производи: француските вина, италијанското сирење и вискито од шкотско потекло, во висина од 7,5 милијарди долари. Одлуката е резултат на пресудата на Светската трговска организација (СТО) со која ЕУ е прогласена за виновна затоа што го субвенционирала „Ербас“.

Всушност, ЕУ се соочува со царини од 10 проценти на воздухоплови и 25 проценти на други стоки во најголем дел од четирите земји кои го поддржуваат „Ербас“: Франција, Германија, Шпанија и Британија. Канцеларијата на трговскиот претставник на САД (УСТР) објави список на стотици европски производи на коишто ќе им бидат наметнати нови царини. Како што пренесува „Ројтерс“, на списокот за нови царини се наоѓаат голем број на европски производи, вклучително и бисквити, салама, јогурт и путер, но во многу случаи списокот се однесува само на производи од некои земји на ЕУ, како што се на пример кафе од Германија и делови за камера или британска волна и прекривки. Засега од царини се спасија италијанските вина, тестенини и маслиновото масло.

Претседателот Доналд Трамп ја поздрави одлуката на СТО нарекувајќи ја „голема победа“ за САД, а успехот за спорот кој се водеше цели 15 години си го препиша себе си.

„Постигнуваме многу победи во СТО. Сите овие земји не поткраднуваа долги години, но знаат дека јас им застанав на патот“, рече Трамп.

Но, и Европската унија, исто така, би можела да добие право да им наметне царини на САД следната година, доколку СТО донесе одлука дека и американските субвенции за „Боинг“ се нелегални, а во рамките на комплицираниот спор кој двата најголеми светски производители на патнички авиони го водат со години.
 

Содржината е прочитана 67 пати.