Бизнис вести

Владата најави можност за одложување на оданочувањето на капиталните добивки

Станува збор за оданочување со 15 проценти на диведендите, приходите по основ на кирии, на добивки од игри на среќа, на заштедите кои граѓаните ги чуваат во банка ако каматите годишно надминат 15 илјади денари, за каматите од хартиите од вредност, како и заданок на каматите од заемите. Мерката треба да стартува во 2020 година

четврток, 03 октомври 2019

Владата размислува да го одложи оданочувањето на капиталните добивки кое треба да стартува од следната година, најави вчера вицепремиерот за еономски прашања, Кочо Анѓушев. Станува збор за оданочување со 15 проценти за диведендите, приходите по основ на кирии, на добивки од игри на среќа, на заштедите кои граѓаните ги чуваат во банка, ако каматите годишно надминат 15 илјади денари, за каматите од хартиите од вредност, како и данок на каматите од заемите.

„Сакаме да го стимулираме пазарот на капитал, сакаме да го стимулираме развојот на берзата. Доколку е тоа една од мерките коишто треба да се направат за да биде тоа стимулирано, секако ќе разговараме и за таа опција“, рече Анѓушев.

Оваа новина беше донесена лани со измени на Законот за личен доход, кога беше воведен и прогресивниот персонален данок. Промените ги иницираше тогашниот министер за финансии Драган Тевдовски, чија теза беше дека со тоа ќе се соберат повеќе пари во државната каса, а ќе се постигне и поголема еднаквост. Минатата година Владата го воведе прогресивното оданочување, но оданочувањето на капиталните добивки го одложи за една годнина, односно, за 2020 година.

Комисијата за хартии од вредност веќе поднела иницијатива до Владата и до Министеството за финансии за измени и дополнувања на Законот за личен доход со кои бара одложена примена. Освен бизнис-заедницата, и брокерите и банкарите се на став дека двојното оданочување негативно ќе влијае врз прометот на берзата.

Директорот на Македонска берза, Иван Штериев тврди дека со воведувањето на оваа владина мерка негативни ефекти ќе претрпат домашните инвеститори и вели дека треба да се земе во предвид и дилемата што ќе се случува со задолжителната котација која важи до април идната година.

„Генерално, доколку се гледаат статистичките податоци на Берзата од претходниве неколку години, процентот на учество на странци е многу мал, така што не верувам дека евентуални даночни промени би имале ефект на одлив на странски инвестиции. Ние треба да работиме на други полиња да ги привлечеме странските инвеститори на берзата. Но, ефекти од оданочување на капиталните добивки на домашните физички лица кои се многу активни, би имало“, рече Штериев.

 

Содржината е прочитана 65 пати.