Бизнис вести

Конференција за технолошки иновации во осигурителниот сектор

Дигитализирање на осигурителната индустрија во Македонија е целта на конференцијата „Insurtech Skopje 2019“, која овие два дена се одржува во организација на Агенцијата за супервизија на осигурувањето и Стопанската комора

среда, 02 октомври 2019

Само 20 проценти од услугите што ги пружаат 11-те компании на македнскиот осигурителен пазар се дигитализирани, а едвај половина од нив нудат онлајн услуги. Ова покажува дека осигурителната индустрија во земјава се уште е далеку од дигитализацијата, што значи дека тешко го фаќа чекорот со напредните технологии.

Пазарот на осигурување и компаниите во Македонија сè уште функционираат на традиционален начин со директна продажба. Во оваа сфера дигитализацијата е на самиот почеток, а онаму каде е воведена, како што е во делот на продажба и проценка на штети, таа е на пониско ниво. Од Агенцијата за супервизија на осигурувањето сметаат дека доколку компаниите од осигурителниот сектор не се дигитализираат, тогаш се осудени на пропаст.

Токму дигитализирање на осигурителната индустрија во Македонија е целта на конференцијата „Insurtech Skopje 2019“, која овие два дена се одржува во Скопје во организација на Агенцијата за супервизија на осигурувањето и Стопанската комора. Дигитализација на европскиот извештај за пријава на штета, онлајн компарација на цени на осигурување од автоодговорност и КАСКО, како и решение за прибирање и обработка на податоци за возење, се дел од дигиталаните решенија што денеска ги презентираа претприемачи и стартап компании на денешната сесија на која се претставија девет стартап компании.

„Ова е одлична можност за нивно промовирање, а за осигурителните компнии, пак, да разгледаат можности за инвестирање и поддршка на стартапите кои ќе помогнат во подобрување на работните процеси во друштвата за осигурување“, рече директорот на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Климе Поповски.

А, Кофи Бенделак, главен извршен директор на „Insurtech Israel“ потенцираше дека напредокот во осигурителната технологија може да донесе профит и придобивки за сите во македонската осигурителната индустрија, која, според негово мислење ќе има големи промени во годините што следат.

„Сметам дека осигурителната технологија во Македонија е мошне активна во последниот период, исто како и Агенцијата за супервизија на осигурувањето. Во Израел има илјадници стартапи и ги организираме како заедници за да си помогнат сами на себе и полесно да се пробијат на пазарот. Имаме дваесетина компании кои се занимаваат со осигурителна технологија и се мошне поврзани со заедницата која им дава можност да одат понатаму и да напредуваат. Стартапите не ги финансираат осигурителните компании, туку се само нивни кленти. Финансиите доаѓаат од компании како нас, а не од осигурителните компании, бидејќи доколку ги финасира некоја осигурителна компанија не ќе може да соработуваат со останатите осигурителни компании“, рече Бенделак.

Претседателот на Агенцијата за супервизија на осигурување, Климе Попоски посочи дека како регулатор само сакаат да направат поволна регулаторна рамка за да може секој да го најде својот интерес и оти создаваат платформа за комуникација помеѓу осигурителните компании во земјава и стартапите, додека прифаќањето на промените и примената на напредните технологии зависи од визијата на менаџментот во компаниите.

 

Содржината е прочитана 55 пати.