Бизнис вести

Анѓушев: „Очекувам годинава економските параметри да бидат најголеми во последните 15 години

Според вицепремиерот за економски прашања, клучно е во наредниот период да се смени образовниот систем во земјава кој треба да продуцира кадри што ќе бидат употребливи за стопанството и да се зголеми соработката на странските инвеститори со домашните компании

среда, 02 октомври 2019

„Очекувам во 2019 година економските параметри да бидат најголеми во последните 15 години, како и во третиот и четвртиот квартал да продолжи растот што почна во претходни квартали“, рече вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев на панелот „Патот кон просперитет“ на Самитот за Западен Балкан што вчера се одржа во Скопје во организација на „Економист“.

Тој нагласи дека во 2018 година во земјава имаше 700 милиони долари директни странски инвестиции, или повеќе од 6,5 проценти од бруто домашниот производ.

„Ако во октомври се слушнат добри информации, верувам дека странските директни инвестиции ќе бидат уште поголеми отколку во 2018 година, кога имаше рекордно ниво на вакви инвестиции во досегашната историја на земјата“, рече Анѓушев.

Тој нагласи дека во моментов се преговара со компании од развиениот технолошки свет за инвестиции во земјава и додаде дека ако се помине добро, можно е да се привлечат над 100 милиони евра нови инвестиции.

Анѓушев посочи дека земјава станува атрактивна за странски директни инвестиции и е поконкурентна на ова поле во споредба со останатите земји од Западен Балкан.

Според Анѓушев, клучно е во наредниот период да се смени образовниот систем во земјава кој треба да продуцира кадри што ќе бидат употребливи за стопанството. Тој додаде дека клучно за земјава ќе биде да се зголеми соработката на странските инвеститори со домашните компании. Како добар пример за успешна странска инвестиција ја истакна „Герешајнер“, која во моментов ги завршува градежните активности на нивниот објект за производство на амбалажа за фармацевтската индустрија и веќе објави оглас за вработување на лица со почетна плата од 700 евра, а за инженерите и над илјада евра.

Пренесено од МИА
 

Содржината е прочитана 62 пати.