МАКЕДОНИЈА

Над 3 милиони евра ќе се вратат кај граѓаните од поврат на ДДВ за три месеци

Парите од повратот за месеците јули, август и септември ќе легнат на трансакциските сметки на граѓаните до крајот на декември годинава

вторник, 01 октомври 2019

Нешто над три милиони евра изнесува вкупната сума што ќе се врати кај граѓаните од повратот на 15 проценти од пресметаниот ДДВ за првите три месеци од стартот на реализацијата на мерката, соопшти Управата за јавни приходи (УЈП). Парите од повратот за месеците јули, август и септември ќе легнат на трансакциските сметки на граѓаните до крајот на декември годинава.

„Од воведувањето на мерката на 1.07.2019 до 30.09.2019 година регистрирани се 170.378 корисници на апликацијата МојДДВ, скенирани се 22.670.713 фискални сметки, остварен е промет од 11.423.978.620 денари, вкупен ДДВ од 1.241.434.628 денари, додека повратот на 15 % од пресметаниот ДДВ изнесува 186.215.194 денари, односно, 3.028.000 евра“, соопшти УЈП.

Согласно Законот за враќање на дел од ДДВ за физичките лица, за месеците октомври, ноември и декември исплата на средствта ќе се врши во текот на месец февруари, потоа во април ќе се исплаќа за месеците јануари, февруари и март, во август за месеците април, мај и јуни и во ноември за месеците јули, август и септември.

 

Содржината е прочитана 279 пати.