Интервјуа

Интервју со г-ѓа Весела Честоева, директор на Археолошкиот музеј на Република Македонија

Следната недела на останатите музејски експонати ќе се придружат и златната маска и златната ракавица од Лихнид, кои сега се изложени во Манхинг, Германија, на изложбата Златните лица на македонските кралеви, која е дел од проект финансиран од ЕУ.

вторник, 11 ноември 2014

По повеќе од 30 години, Македонија со новиот Археолошки музеј го доби најсовремениот музејски простор за соодветно чување и презентација на богатото движно културно наследство кое е потврда на цивилизацискиот континуитет на нашите простори.

 Тематската распределба на движните музејски артефакти се следи според хронолошки редослед линијата на човековата еволуциска егзистенција и развој на нашата македонска почва од најстарите почетоци и зачетоци на културите, што значи најпрво од предисториските епохи на каменот, потоа епохите на металите кога се зародуваат никулците на бронзено добната цивилизација, потоа низ епохата на антиката кога се оформуваат и зрачат раните антички цивилизации на античките Македонци, Пајонци, Пелагонци, Агријани, потоа низ македонската цивилизација на римските периоди, раниот и полниот среден век, и секако доцниот среден век.

Во поставката се изложени посебно квалитетните вази од Демир Капија меѓу нив прочуената хидрија насликана од уметникот Мејдиј. Бронзениот штит на античкиот македонски крал Деметриј од Бонче. Наскоро ќе се придружи и златната архајска маска од Лихнид која е во моментот на изложба во Манхинг во Германија.


МАРИЛИ: Госпоѓа Честоева, неодамна беше промовирано отворањето на Археолошкиот Музеј, кој е грандиозно здание. Што претставува музејот за државата?
ЧЕСТОЕВА:
Да, неодамна Археолошкиот Музеј на Македонија свечено беше пуштен во употреба од страна на премиерот на РМакедонија, господинот Никола Груевски и министерката за култура, Елизабета Канчевска-Милевска. По повеќе од 30 години, Македонија со новиот Археолошки музеј го доби најсовремен музејски простор за соодветно чување и презентација на богатото движно културно наследство кое е потврда на цивилизацискиот континуитет на нашите простори.
Сакам да истакнам дека тој претставува гордост, достоинство, еден од најблескавите објекти во круната на современата македонска цивилизација на Република Македонија, но и образец, модел кој што недвосмислено го покажува патот за современиот цивилизациски развој на секој македонски град, воопшто за нашата цивилизација која го чекори патот за асоцијација во големото семејство на европските народи.

МАРИЛИ: Музејот располага со артефакти кои се доказ за нашето богато културно наследство. Каква е тематската распределба на артефактите?
ЧЕСТОЕВА:
Тематската распределба на движните музејски артефакти се следи според хронолошки редослед линијата на човековата еволуциска егзистенција и развој на нашата македонска почва од најстарите почетоци и зачетоци на културите, што значи најпрво од предисториските епохи на каменот, потоа епохите на металите кога се зародуваат никулците на бронзено добната цивилизација, потоа низ епохата на антиката кога се оформуваат и зрачат раните антички цивилизации на античките Македонци, Пајонци, Пелагонци, Агријани, потоа низ македонската цивилизација на римските периоди, раниот и полниот среден век, и секако доцниот среден век.

МАРИЛИ: Од кои сè локалитети се артефактите и одејќи по периоди, што посебно би издвоиле?
ЧЕСТОЕВА: Во најрепрезентативната музејска поставка на Република Македонија се изложени артефактите од позначајните локалитети од палеолитот и особено од неолитските населби од Пелагонија. Би ги издвоила артефактите од железновременските населби и некрополи од Исар Марвинци ,потоа од времето на раноантичката цивилизација во Македонија вниманието го пленат бројните златни, сребрени и бронзени монети од голем број македонски, пајонски, аријански и пелагонски локалитети, меѓу нив например сребрените монети на пајонскиот крал Авдолеон од Градиште Младо Нагоричани.Во поставката се изложени посебно квалитетните вази од Демир Капија меѓу нив прочуената хидрија насликана од уметникот Мејдиј. Бронзениот штит на античкиот македонски крал Деметриј од Бонче. Наскоро ќе се придружи и златната архајска маска од Лихнид која е во моментот на изложба во Манхинг во Германија.
Изложена е реконструираната погребна ритуална кочија од Делчевско со прекрасните бронзени апликации. Стаклената ваза од Таранеш од Дебарско, од типот вас диатрета, една од ретките откриени во целиот свет. Реконструирана е презвитеријалната олтарна целина на ранохристијанската базилика кај Суводол.

МАРИЛИ: Каква е безбедноста во музејот за ова непроценливо богатство за нашата земја?

ЧЕСТОЕВА: Во моментов Археолошкиот музеј е опремен со најсовремените безбедносни мерки според најновите музејски технологии вградени како во самите витрини, така и преку безбедносните камери во салите. Овој видеонадзор овозможува 24 мониторинг контрола на просторот кои се менаџирани со посебен софтвер.

МАРИЛИ: Моментално во музејот посетителите може да ја видат изложбата на античките мозаици од Равена. Што претставуваат овие мозаици во вкупното светско наследство?
ЧЕСТОЕВА:
Источно римскиот цар Јустинијан I кој што е роден во Скопско, успеал повторно да ја обедини најголемата средоземноморска империја во 6. век н.е. Равенските мозаици се ремек дело на равенските уметнички мозаичарски ателјеа на 6. век од н.е. На овие репрезентативни ѕидни мозаици се претставени ликовите и фигурите на царот Јустинијан и неговата сопруга Софија со своите дворски свити. Тие се изработени во знак на благодарност за архиепископскиот статус на Равена во тоа време, одобрен од страна на големиот Јустинијан. Се работи за првите копии на најрепрезентативните мозаични ремек дела на доцната антика на почвата на Италија што еве денес може да ги види и нашата македонска публика во Археолошкиот музеј на Македонија.

МАРИЛИ: За посетителите сигурно посебна атракција ќе биде и еден од саркофазите на Александар Велики, чија единствена копија се наоѓа во музејот. Што претставува овој саркофаг и како ја обезбедивте неговата копија?
ЧЕСТОЕВА:
Репрезентативната копија на таканаречениот Александров саркофаг пренесен во Турција од Сидон во Либан, дојде како подарок од пријателската Република Турција. Називот Александров дошол поради релјефно претставените сцени од битките на Александар. Се работи за единствена копија на саркофагот на Балканскиот Полуостров, а неговото набавување претставува резултат на добрите билатерални односи што Република Турција ги воспоставува со Република Македонија.

МАРИЛИ: Агенцијата „Марили“ има посебна читачка публика поради традиционалните проекти за жените менаџери, па затоа нè интересира да ни кажете нешто повеќе за постојаната постановка на праисториските дами?

ЧЕСТОЕВА: Човековиот развој како што е познато еволуирал низ епохите на машкиот ловечки палеолит потоа неолитскиот матријархат, со повторната доминација на мажите во епохите на металите и низ антиката и средниот век. Фокусот на темата за предисториските дами е сосредоточен на потсетувањето на времињата кога жената родилка и домаќинка се обидувала да го заокружува и одржува семејството. За ова зборуваат бројните претстави на женските фигурини од нелитот констатно откриени на археолошките локалитети во Република Македонија.

МАРИЛИ: 

За ноември е најавено доаѓањето на нашите значајни артефакти – златната маска и златната ракавица, кои за првпат посетителите ќе можат да ги видат во Музејот. Овие артефакти неодамна беа на изложба и во Германија. Каде се одржа оваа изложба и за што поточно станува збор?
ЧЕСТОЕВА:
Изложбата Златните лица на македонските кралеви која е дел од проектот Судир на културите („Clash of Cultures“) финансиран од ЕУ преку комисијата за образование аудиовизуелност и култура веќе цело лето се одржува во германскиот град Манхинг, поточно во Келтско-римскиот музеј чиј организатор е токму Археолошкиот Музеј на Македонија во соработка со Завод музеј Охрид и Музеј на град Неготино.


 Овие ценети експонати за околу една недела ќе бидат вратени во Македонија и ќе бидат промовирани во Археолошкиот музеј на Македонија. Хронолошки гледано се работи за постар временско цивилизациски сегмент, архајскиот период кога на македонската почва се оформуваат првите држави, во случајот со темата на изложбата тоа е златната погребна маска од Лихнид и други предмети од таканаречената Требенишка архајска култура. Вториот хронолошки сегмент презентира келтски гробни предмети од раната антика откриени во градот Лихнид, кои што припаѓале на Келти кои го бранеле градот Лихнид во немирниот премин од 4. во 3. век пред н.е.

МАРИЛИ: Колкава е посетеноста за овој кус период од отворањето на Музејот и каков тип на посети може да се направат?
ЧЕСТОЕВА: Ценејќи ја централната местоположба на музејот и константната циркулација на наши и странски посетители во централното градско подрачје на Скопје, музејот секојдневно го посетуваат голем број посетители. Според нашата евиденција од првиот работен ден, 19 октомври до 11 ноември низ музејските порти влегоа околу 4.000 посетители.Нашето задоволство е големо и поради фактот дека голем процент на посетите го чинат школските едукативни посети на ученици од основните и средните училишта, а секако и студиските посети на некои од факултетите.

МАРИЛИ: Археолошкиот музеј влезе во потесната конкуренција на меѓунродниот конкурс за рангирање на културни објекти што се одржува во Италија. За каков ранг од европско и светско ниво станува збор?
ЧЕСТОЕВА:
Со задоволство можам да изјавам дека Археолошкиот музеј на Македонија, пред неколку дена ја истакна својата номинација на конкурсот за најдобар музеј на Европа во организација на Европската музејска академија што ќе се одржи во март 2015 година во Бреша, Република Италија. Дел од жирито оваа недела беше во посета на музејот. Во периодот што следи нашиот музеј треба да достави програма до споменатата Музејска академија врз основа на што ќе биде извршено рангирањето.
Имајќи предвид дека нашата музејска поставка е засега уникатна и специфична според музејскиот амбиент, секако опремена со најсовремените музејски стандарди и техничко-музејски амбиентални и реконструктивни решенија во кои важна улога играат освен археолошките музејски артефакти во витрините, уметничките слики со реконструкциите на најразлични сцени и детали од животот на македонските предци, како и карактеристичните восочни фигури на истакнати ликови од историскиот живот на луѓето на почвата на Република Македонија, јас искрено се надевам дека би требало да забележиме висок резултат.

МАРИЛИ: Како жена на која ѝ е доделена менаџерската функција за еден ваков грандиозен објект, колку е напорно и одговорно да се сработи сето ова, и што ви претстои во наредната 2015 година?
ЧЕСТОЕВА:
Патот што го поминав беше прилично тежок, имајќи предвид дека оформувањето на Музејот започна речиси од нула. Сепак, благодарение на огромната поддршка на господинот Никола Груевски, претседателот на Владата на Република Македонија, потоа госпоѓа Елизабета Канческа-Милевска, министер за култура на Република Македонија, квалитетниот археолошки кадар што го преземав од Музејот на Македонија, а што го дополнив со младите археолози, кустоси и водичи и други логистички кадри, успеав да ја завршам примарната задача.
Но, сега е на ред втората фаза во дооформувањето на Музејот, поставката, анализа на работата, коригирањето на ситните пропусти. Потоа реализацијата на дополнителните изложби од кои еве тече изложбата на мозаиците од Равена, наскоро доаѓаат Златните лица на македонските кралеви од Манхинг. Кон крајот на декември ги излагаме археолошките експонати од владините капитални проекти.
Во текот на наредната година планираме најмалку уште една изложба надвор од Република Македонија, во Европа, која во догледно време ќе ја најавиме.
 

Содржината е прочитана 801 пати.