Бизнис вести

Финансиска едукација на Југоисточна Европа, петта средба на работната група

На првата сесија на состанокот се зборуваше за глобалните трендови на полето на финансиската едукација и финансиската инклузија, а излагања имаа и претставници на Меѓународната мрежа за финансиска едукација при Организацијата за економска соработка и развој (ИНФЕ-ОЕЦД) и на Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ)

петок, 27 септември 2019

Претставници на централни банки и регулаторни институции на националните финансиските системи од регионот денеска присуствуваат на петиот состанок на Регионалната работна група за финансиска едукација на Југоисточна Европа, што се одржува во Скопје.

На состанокот, чиј домаќин е Народната банка се разговара за досегашниот напредок на полетото на финансиската писменост и финансиската иклузија во регионот, како и за натамошното засилување на активностите во оваа сфера.

„Финансиската писменост е значајна од повеќе аспекти – овозможува носење соодветни одлуки од страна на секој поединец, особено во услови на брз раст на нови финтек-производи и услуги, придонесува за одржување на вкупната финансиска стабилност, поттикнува домашно штедење коешто е клучно за инвестиции, како и побрза реална конвергенција на економиите и обезбедува поддршка за повисока финансиска инклузија, којашто, пак, е клучна за инклузивен економски раст“, истакна гувернернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на отворањето на состанокот.

Таа се осврна на актуелните состојби за нивото на финансиската едуцираност во Југоисточна Европа, коишто укажуваат на потребата од уште поголемо и посоодветно вложување во оваа сфера.

На првата сесија на состанокот се зборуваше за глобалните трендови на полето на финансиската едукација и финансиската инклузија, а излагања имаа и претставници на Меѓународната мрежа за финансиска едукација при Организацијата за економска соработка и развој (ИНФЕ-ОЕЦД) и на Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ). Беа разменети мислења за најсоодветните начини на прифаќање на дел од овие глобални трендови преку натамошните активности во регионот.

Како што беше истакнато на почетокот на состанокот, особено е важно што кај финансиските регулаторни институции од регионот постои желба и подготвеност за координирано спроведување на голем дел од натамошните активности на регионално ниво. Во тој контекст, во рамки на состанокот се очекува да биде потпишани првиот меморандум за соработка меѓу повеќе централни банки од Југоисточна Европа на полето на финансиската едукација и финансиската инклузија.

На состанокот ќе се одржат и три тематски сесии на кои учесниците одделно ќе се осврнат на досегашните институционални искуства на национално ниво, на полето на финансиската писменост и инклузија. Последната сесија ќе биде фокусирана на размена на мислења за идното делување на централните банки и другите финансиски регулатори во оваа сфера.

Во изминатиот период Народната банка ги засили своите активности за подигнување на финансиската писменост кај нас, а од оваа година и финансиската инклузија е дел од нејзината работна агенда.

Пренесено од МИА
 

Содржината е прочитана 54 пати.