Бизнис вести

Градежниците бараат домашна компанија да го гради новиот клинички центар

Синдикатот за градежништво се сомнева дека тендерот за Клинички центар, што допрва треба да биде објавен, се токми да биде даден на странска компанија, бидејќи со критериумите автоматски се елиминираат македонските компании

петок, 27 септември 2019

Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП) се сомнева дека тендерот за изградба на новиот клинички центар, што допрва треба да биде објавен, се токми да биде даден на странска компанија, бидејќи со дадените критериуми автоматски се елиминираат македонските компании, со што домашните градежни работници ќе се остават без работа.

Синдикалците посочуваат дека за нив се неприфатливи условите што ги поставуваат Владата и Министертвото за здравство, а кои ниедна домашна компанија не ги исполнува. Едиот критериум е компанијта да има изградено таков или сличен објект во последните 10 години, а вториот да даде гаранција од 250 милиони евра.

„Овие услови не може да ги исполнат домашните компании, но тоа не значи дека немаме фирми кои може да го изградат Клиничкиот центар. ’Гранит’ и ’Бетон’ градат вакви објекти во странство. Не треба тендерските услови да се тенденциозни за работата да ја добие една странска компанија. Оваа држава ја изградиле наши домашни компании и неприфатливо е проекти како што е овој, што се најавува дека ќе чини до 500 милиони евра, да биде даден на компанија надвор од границите на Македонија, а нашите работници да заминуваат надвор од државата на печалба“, рече Иван Пешевски, заменик претседател на Синдикатот за градежништво.

Инаку изградбата на новиот клинички центар ќе се финансира со кредит од странски банки и ќе чини 500 милиони евра. Комплексот ќе се гради во близина на психијатриската болница во Бардовци, а градежните актиности треба да започнат следната година.
 

Содржината е прочитана 64 пати.