Бизнис вести

Стартуваше електронското идавање Сертификат за потекло

Сојузот на стопански комори денеска го промовираше дигиталниот Сертификат за потекло, меѓународен трговски документ со кој извозно ориентираните компании го докажуваат потеклото на стоката

петок, 27 септември 2019

ТИФИ ГРУП, увоз-извоз од Велес е првата компанија во државава која започна да го користи електронскиот Сертификат за потекло. Сојузот на стопански комори на Мaкедонија (ССК) стартуваше со дигитални Сертификати за потекло, промовирајќи го денеска пред домашните компании.

Електронското издавање Сертификат за потекло, кој претставува меѓународен трговски документ што се користи за да се одреди потеклото на стоките за службени, комерцијални и финансиски потреби при извоз, практично, ќе значи заштеда на време и средства за компаниите, но и подобрување на сигурноста за веродостојност на самиот Сертификат. Овој документ досега се издаваше исклучиво во хартиена форма со придружна документација, што одземаше премногу драгоцено време.

Претседателот на ССК, Данела Арсовска рече дека дигитализацијата на деловните процеси е во функција на подобрување на услугите што ги нуди Сојузот за компаниите со цел зголемување на продуктивноста и конкурентноста на деловната заедница.

„Водејќи се од глобалните трендови, Сојузот од денеска стартува со новата услуга за компаниите што ќе значи полесно, поефикасно и побрзо дигитално издавање Сертификати за потекло за производите наменети за извоз. Досегашниот процес на хартиено издавање на Сертификатот одземаше драгоценo време - подигнување на документацијата, пополнување од страна на компаниите и повторно доставување за верификација. Сегашната процедура ќе се одвива електронски во целина, со што се скратува значително од времето за администрирање на сертификатите, но се заштедува не само време, туку и трошоци за пaтување од и до местото на издавање, а дополнително се зголемува транспарентноста на севкупниот процес“, рече Арсовска и додаде дека електронскиот Сертификат за потекло е средство за олеснување на трговско опкружување и е неопходен при извоз на македонските извозни компании.

Сертификатот за потекло на реномираната светска компанија ESS CERT, која управува со најголемата електронска мрежа на сертификати за потекло во светот, опфаќа 240 стопански комори, го користат 14 земји од Европа, Америка, Африка, Азија и Океанија, кон кои се приклучува и Македонија. Сертификатот за потекло се користи во меѓународните трговски трансакции и со него се потврдува дека наведениот производ исполнува одредени критериуми за потекло од одредена земја. Истиот, се доставува до царинскиот орган на земјата увозник за да се оправда подобноста на производот за влез.

 

Содржината е прочитана 71 пати.