Бизнис вести

Бугарката Кристалина Георгиева е новата директорка на Меѓународниот монетарен фонд

Новата директорка на светската финансиска институцја ја чекаат многу предизвици, како што е забавениот раст на светската економија заради ескалација на трговските тензии меѓу САД и Кина

четврток, 26 септември 2019

Управниот одбор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја одобри Кристалина Георгиева за извршен директор на институцијата, откако на сослушувањето таа ги убеди дека е соодветна за позицијата. Со тоа, бугарската економистка Георгиева стана прва личност надвор од Западна Европа на највисоката позиција на оваа светска финансиска институција.

Георгиева (65) досега беше извршна директорка на Светска банка, а претходно потпретседател на Европската комисија задолжена за буџетот и човечките ресурси. На чело на ММФ доаѓа на местото на Кристин Лагард, која беше првата жена што ја предводеше оваа институција во 2011 година, а во јули поднесе оставка откако лидерите на ЕУ ја избраа за претседател на Европската централна банка.

Кристалина Георгиева, позната како директна личност и промотор на родовата еднаквост и борбата против климатските промени, ја чекаат многу предизвици, како што е забавениот раст на светската економија заради ескалација на трговските тензии меѓу САД и Кина.

„Огромна е одговорноста да се биде на чело на ММФ во време кога глобалниот економски раст продолжува да биде фрустрирачки, трговските тензии продолжуваат и долговите се на историски високо ниво. Наш непосреден приоритет е да им помогнеме на земјите да го минимизираат ризикот од кризи и да бидат подготвени да се справат со кризите. Притоа, не смееме да заборавиме на нашата долгорочна цел – поддршка на стабилни монетарни, фискални и структурни политики за градење посилни економии и подобрување на животот на луѓето. Тоа, исто така, значи и решавање на прашања како што се нееднаквост, климатски ризици и брза технолошка промена. Предупредувачките светла се појавија и ние треба да бидеме подготвени за тестирање“, рече Георгиева по нејзиното назначување во седиштето на ММФ во Вашингтон.

Георгиева имаше силна поддршка од францускиот претседател Емануел Макрон, а беше поддржана од други земји на Европската унија, како и од САД. Таа беше единствениот кандидат за шеф на ММФ, на чие чело досега имало пет Французи, двајца Швеѓани и по еден Белгиец, Холанѓанец, Германец и Шпанец.

 

Содржината е прочитана 77 пати.