МАКЕДОНИЈА

„Арцелор Митал“ е виновен за загадувањето на Вардар, се излеало железо и киселина во реката

Еколошкиот инцидент настанал откако се случила хаварија во погонот Лужилница. Казната за ваков инцидент изнесува од 70.000 до 100.000 евра

вторник, 24 септември 2019

Излевање на матријал измешан со железо и киселина од погоните на компанијата „Арцелор Митал“ која се наоѓа во кругот на поранешната фабрика „Железарница“ е причина за загадувањето на реката Вардар завчера во Скопје, при што дојде до помор на риби, соопштија од Државниот инспекторат за животна средина ((ДИЗС).

Надлежните од „Арцелор Митал“, кој е преземен од „Либерти Хаус Груп“ ги известиле инспекторите дека еколошкиот инцидент е предизвикан откако се случила хаварија во погонот Лужилница на компанијата.

„Во работните простории на компанијата дошло до пукање при што се случило излевање на материјал измешан со железо и киселина без соодветно да биде третиран во системот за отпадни води. Поради тоа е предизвикано излевање на видно обоена црвеникаво-жолта отпадна вода во реката Вардар во утринските часови на 22 септември“, информираат од Инспекторатот.

Оттаму додаваат дека по извршениот увид е направен записник, а по добивање на деталниот извештај за причините кои доведоа до инцидентот, ќе се постапи согласно законските прописи. Доколку се констатира дека инцидентот е од трета категорија, законот предвидува предизвикувачот да плати глоба од 70.000 до 100.000 евра.

А, за тоа дали ќе следи и кривична пријава, од Инспекторатот се воздржани и не сакаат да коментираат. Велат дека најпрвин треба да се добијат резултатите од лабораториските испитувања, по што ќе се утврдува дали постои и кривична одговорност.

Сепак, не е исклучена можноста да се земе како олеснителна околност тоа што „Либерти Хаус Груп“ го пријавил инцидентот кој настанал поради хаварија во погонот Лужилница, па во Вардар се излеаја нетретирано железо и киселина што предизвика масовен помор на риби. Дали ваквото признание, како и соработката со надлежните ќе влијаат за намалување на казната, останува да се види.
 

Содржината е прочитана 103 пати.