Бизнис вести

„Адриа ервејс“ ги приземји авионите

Авиокомпанијата соопшти дека ги прекинала сите летови планирани за денеска и утре поради немање пари. Оваа авиокомпанија има летови двапати дневно на релацијата Скопје-Љубљана

вторник, 24 септември 2019

Авиокомпанијата „Адриа ервејс“ објави дека ги прекинала сите летови планирани за денеска и утре поради немање пари, јавија локалните медиуми во Словенија.

Од „Адриа ервејс“ велат дека биле принудени на ваков чекор поради недостиг на пари, додека во изминативе неколку дена на компанијата ѝ беа запленети три авиони поради неплатени фактури за нивно изнајмување.

Менаџментот на компанијара побарал четири милиони евра од Владата на Словенија за да го санира проблемот, но тие средства не биле одобрени. Компанијата соопшти дека се во тек преговори со стратешки партнери и дека ситуацијата може брзо да се промени.

„Одлуката за прекинување на летовите се должи на недостигот од пари што и се потребни на авиокомпанијата за да продолжи да работи. Компанијата интензивно бара решение во соработка со потенцијален инвеститор. Целта е да се овозможи ’Адриа ервејс’ повторно да лета“, велат од компанијата во извинување до патниците и партнерите.

Авиопревозникот кој некогаш беше државен, е приватизиран во 2016 година и продаден на германскиот фонд „4К Инвест“. Словенечките медиуми посочуваат дека потоа биле продадени или дадени под закуп сите авиони на компанијата, но дека долгот постојано се зголемувал кон добавувачите, па според некои извештаи, таа сума изнесува дури 60 милиони евра.

Со одлуката за откажување на сите летови се погодени стотици патници кои резервирале летови, а неизвесна е и судбината на вработените во „Адриа ервејс“. Оваа авиокомпанија има летови двапати дневно на релацијата Скопје-Љубљана.
 

Содржината е прочитана 90 пати.