Интервјуа

Интервју со г-ца Елена Стефановска, автор и водител на ТВ проект „Живот со стил“

На програмската шема на ТВ 24 Вести веќе е во тек циклусот емисии „Живот со стил“. Ќе најавам возбудлива сезона со атрактивни гости, ќе има и еден ексклузивитет во јануари во европско познато скијалиште со многу позната ѕвезда, ама да не откриваме, сепак нека биде ексклузивно.

среда, 17 декември 2014

Сите ние се радуваме на новогодишните и божиќните празници, во нашиот ТВ проект „Живот со стил“ се трудиме да ја пренесеме еуфоријата која владее низ луѓето, со нивни новогодишни желби и пораки како да влезат во Новата година. Што се однесува до специјални новогодишни емисии - ништо поразлично од минатите, ќе има новогодишни теми, музика, забава со наши познати личности за убав старт на Новата 2015. Во соработка со нашите клиенти ќе бидеме дел од нивните новогодишни прослави. Кон крајот на годината публиката ја советуваме за тоа како најдобро да ја дочека Новата година.


МАРИЛИ: Почитувана госпоѓица Стефановска, Вашиот ТВ проект „Живот со стил“ веќе неколку сезони е присутен на телевизиските екрани, па од каде идејата за овој проект и дали тој ја достигна фазата на развој која ја очекувавте?
СТЕФАНОВСКА:
Живот со стил се емитува веќе четврта сезона на ТВ екраните, веднаш после мала психолошка пауза која ја имав со претходниот проект. Идејата за ваков проект се роди кога се запрашав што би сакала јас да гледам на телевизија, какви информации и совети би сакала да добијам и што би го задржало моето внимание од аспект на гледач, а инспирација добивам од тоа што го гледам околу себе.Секогаш може подобро, меѓутоа во овој момент сметам дека емисијата е на завидно ниво, веќе препознатлива и единствена во Македонија со ваков концепт.

МАРИЛИ: Колку беше тешко една идеја да се преточи во проект и што сѐ му претходеше, во смисла на Ваша професионална подготовка ?
СТЕФАНОВСКА:
Од аспект на автор и водител, се наоѓам во ова поле според моите лични интереси во животот. Имам познавање, искуство и интерес за оваа област која ја обработувам и сметам дека тука можам да го дадам максимуот од себе за целата публика.
Инаку, главна цел е да ја подигнеме свеста за живеењето, да промовираме културен живот, и да ги потсетиме луѓето дека е навистина важно да бидат насмеани и среќни. Ги „собравме“ сите интересни секојдневни теми, содржини и совети – и така настана „Живот со стил“.

МАРИЛИ: Успешно ги пронаоѓате личностите коишто се Ваши гости, а коишто се издвојуваат со својот животен стил. Колку е тешко да се пронајдат луѓе од областа на бизнисот, коишто сакаат да проговорат на темите од Вашата емисија?
СТЕФАНОВСКА:
Во денешно време и не е баш лесно да се организираат вакви теми и емисии од причина што не си сигурен како ќе помине сето тоа кај публиката. За среќа, јас немам таков проблем, меѓутоа веројатно тоа се должи на вложениот труд, упорноста, професионалниот пристап, работата на себе. На крајот на краиштата, се радувам кога бизнисмените ќе го препознаат квалитетот на таков ТВ формат на интервју, а со задоволство ќе земат учество во емисијата и кои покрај професиониалниот успех и достигнувањата ќе ни откријат и некои приватни работи за себе.

МАРИЛИ: Имате ли сознание какво е задоволството на публиката која го консумира Вашиот ТВ проект, и оттука, кои се Ваши најгледани емисии?
СТЕФАНОВСКА:
Иако сум задоволна од рејтинг-листата, која постојано ја следам, многу повеќе ми значи кога некој ќе ме застане на улица и ќе ми каже: Па тоа сте вие, водителката на „Живот со стил“. Ќе ми дадат комплимент за мојата работа, мојот пристап кон гостинот и публиката и поддршка во тоа што го работам и сакаат да се фотографираат со мене. Имам своја верна публика и тоа ме радува.
Од аспект на гледаност, посебно внимание привлекуваат гостите од странство, репортажи надвор од границите на Македонија. Забележувам дека на нашите гледачи подеднакво им се интересни познатите ѕвезди од соседството, но и помалку експонирани лица од нашата македонска бизнис фела кои имаат да споделат интересни работи. Можеби тоа се должи на самиот концепт и пристап на емисијата – гостинот да сподели дел од неговиот/ нејзиниот секојдневен живот и информации кои инаку јавноста нема можност да ги добие од „прва рака“.

МАРИЛИ: Колку време во просек Ви е потребно за подготовка и севкупна изработка на една телевизиска емисија?
СТЕФАНОВСКА:
Можеби ќе звучи неверојатно меѓутоа потребна е една цела работна недела за подготовка и севкупна изработка на една емисија. Тука е вклучено снимање на репортажи, интервјуа, советодавни прилози, потоа обработка на целиот тој материјал за на крајот да се добие еден исполнет и квалитетен триесет-минутен производ.

МАРИЛИ: Што сте по вокација, Ви останува ли доволно слободно време за приватно да си се посветите и на други активности, откријте ни некои од нив?
СТЕФАНОВСКА:
Новинар по вокација, впрочем во новинарските води и медиумите сум од мои 13 години. Со добра организација успевам да најдам слободно време за себе, и покрај тоа што приватниот живот знае да трпи покрај професионалните обврски, јас сум најобична девојка која сака да го гледа животот во боја. Се обидувам преку емисијата да усвојам здрави и квалитетни навики во мојот приватен живот. Сакам да изгледам убаво, здраво, негувано, да се хранам здраво. Секој слободен момент го користам за моите најблиски, секојдневно наоѓам време за спорт и рекреација, а најмногу енергија црпам кога ќе заминам на приватни патувања.

МАРИЛИ: До кога ќе трае оваа сезона на „Живот со стил“ и може ли да најавите некои ексклузивитети што ќе можат да ги видат ТВ гледачите?СТЕФАНОВСКА: На програмската шема на ТВ 24 Вести веќе е во тек циклусот емисии „Живот со стил“, кој ќе трае до крајот на јули. Ќе најавам возбудлива сезона со атрактивни гости на убави места, ќе има и еден ексклузивитет во месец јануари во европско познато скијалиште со многу позната ѕвезда, ама да не откриваме, сепак нека биде ексклузивно.

МАРИЛИ: Каде во иднина го гледате развојот на Вашиот телевизиски проект?
СТЕФАНОВСКА: Во еден поголем размер, со поголема ТВ екипа, со проширување на новинарска екипа во проектот, со пораки кои ќе допрат до целата македонска јавност, а можеби и пошироко. Сакам да го видам стилот на живеење на познатите европски ѕвезди и да го пренесам на македонската публика.

МАРИЛИ: Во пресрет на новогодишните празници подготвувате ли некое изненадување во Вашата емисија, почна ли да владее празнична еуфорија во „Живот со стил“?
СТЕФАНОВСКА: Сите ние се радуваме на новогодишните и божиќните празници, во нашиот ТВ проект „Живот со стил“ се трудиме да ја пренесеме еуфоријата која владее низ луѓето, со нивни новогодишни желби и пораки како да влезат во Новата година. Што се однесува до специјални новогодишни емисии - ништо поразлично од минатите, ќе има новогодишни теми, музика, забава со наши познати личности за убав старт на Новата 2015. Во соработка со нашите клиенти ќе бидеме дел од нивните новогодишни прослави. Кон крајот на годината публиката ја советуваме за тоа како најдобро да ја дочека Новата година.


 

Содржината е прочитана 1163 пати.