Интервјуа

Интервју со г-дин Валентин Андониев, дописник за Македонија од Руската новинска агенција ТАСС

За прославата на Новата година за децата на Русија се подготвува традиционален концерт со учество на Дедо Мраз и Снегурочка. Големата новогодишна прослава се одржува во централниот дел од Москва – во историскиот споменик Кремљ.

понеделник, 29 декември 2014

Многу ме радува дека македонската бизнис заедница оваа година зема учество во меѓународните специјализирани изложби, односно саеми што се одржуваа во Москва во септември и октомври. Тоа беа саеми за храна каде што Македонија организирано се претстави што е многу важно, за да можат руските компании да ги видат сите дејности со коишто се занимавате и да се остварат контакти за соработка. Ова е особено битно во овој период, кога кон нашата земја се воведени санкции од страна на Европската унија и се отвора простор и за други земји да направат пласман во делот на храната и земјоделските производи, особено овошјето и зеленчукот.

За прославата на Новата година за децата на Русија се подготвува традиционален концерт со учество на Дедо Мраз и Снегурочка. Големата новогодишна прослава се одржува во централниот дел од Москва – во историскиот споменик Кремљ. Се разбира дека не сите деца од земјата ќе можат да бидат присутни на новогодишната свеченост, ама властите на Русија најпрво мислат за оние деца, кои што живеат без родители или имаат големи проблеми со здравјето. За среќа, секојa година повеќе од руските деца имаат можности да ја посетат централната новогодишна прослава, затоа што таа вообичаено трае околу 10-11 дена, кои се неработни.

МАРИЛИ: Господине Валентин, откога сте дописник на ТАСС за Македонија и каде го научивте македонскиот јазик?
АНДОНИЕВ:
Почнав со работа во Руската новинска агенција ТАСС пред четири години. Што се однесува до јазикот, го учев во Москва кај најпозната професорка од Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет на Ломоносов, најголемиот специјалист во областа на македонистика Рина Усикова. Целосно се работеше за граматички работи, се разбира дека многу ми фалеше практика, ама за среќа не чувствував некои тешкотии со комуникација тука во Македонија. Инаку, по образование сум педагог за странски јазици, студирав на Градскиот педагошки универзитет во Москва и на Факултетот за лингвистика поврзан со странски јазици. Мој прв јазик на факултетот што го изучував беше германскиот, па англискиот, а трет јазик беше македонскиот.

МАРИЛИ: За што известувате од Македонија и каде го гледате најголемиот потенцијал за развој на руско-македонските односи?
АНДОНИЕВ:
Од Македонија известувам за сѐ што е актуелно, тоа се најчесто лесни вести поврзани со секојдневието, со историјата, културата, некои информации од политиката и економијата особено нашата билатерала, и за надворешните економски движења во РМакедонија. Русија е битен инвеститор и трговски партнер на Република Македонија. Како што покажува практиката, економската соработка помеѓу нашите земји се развива доста динамично, ама сепак сѐ уште останува нереализиран голем потенцијал во областите на енергетиката, земјоделството, регионалната соработка, малиот и средниот бизнис, а исто така и во областа на туризамот.

МАРИЛИ: Имате ли сознанија докаде се преговорите помеѓу Руската Федерација и Република Македонија за намалување на царините за македонските производи што се увезуваат во Русија?
АНДОНИЕВ:
Свесен сум дека Република Македонија е многу заинтересирана во склучењето на спогодба за слободна трговија со Русија. За жал, засега немам некои поточни информации кои што се поврзани со оваа тема. Ама лично мислам дека бизнис-заедницата на Република Македонија посебно во областа на земјоделството би можела во сегашните услови да ги искористат можности за извоз на рускиот пазар. Многу ме радува дека македонската бизнис заедница оваа година зема учество во меѓународните специјализирани изложби, односно саеми што се одржуваа во Москва во септември и октомври. Тоа беа саеми за храна каде што Македонија организирано се претстави што е многу важно, за да можат руските компании да ги видат сите дејности со коишто се занимавате и да се остварат контакти за соработка. Ова е особено битно во овој период, кога кон нашата земја се воведени санкции од страна на Европската унија и се отвора простор и за други земји да направат пласман во делот на храната и земјоделските производи, особено овошјето и зеленчукот.

МАРИЛИ: Што може да ни кажете околу пренасочувањето на инвестициите за градење на гасовод преку Турција и Грција, што би било и шанса Македонија да се снабдува со гас од поблиска дестинација?
АНДОНИЕВ:
Познато е дека пренасочувањето на инвестиции за изградба на гасоводот во Турција е присилна мерка поради блокирањето на проектот „Јужен поток“ од страна на Бугарија и Европската комисија. Ќе видеме како ќе се развива ситуацијата околу новиот проект, сѐ уште е рано. Можам да претпоставувам дека македонската страна би била заинтересирана во учество на такво нешто, заради неопходност на гасификацијата на целата земја.

МАРИЛИ: На прагот сме на новата година, како Москва се подготвува за највеселата ноќ и дали е голем бројот на странски туристи што доаѓаат за новогодишните празници?
АНДОНИЕВ:
Празникот Нова година се смета за еден од најголемите и највеселите празници во Русија. Сега, како и во Македонија, во тек се подготовки во целата земја, во сите градови и фамилии. Значи, сите ги купуваат елките за да ги стават дома и ги красат со различни убави играчки и венци. Во оваа смисла, не постои разлика помеѓу двете земји.
Со сигурност можам да кажам дека Москва е многу популарен град кај туристите од сите држави. Затоа се очекува дека за Новата година во нашата престолнина ќе дојдат многубројни странски гости. Знам дека за таа цел постојат дури и специјални аранжмани.

МАРИЛИ: Русија има своја традиција и свој ликови коишто ја симболизираат Новата година. Кажете ни нешто повеќе за куќата на Дедо Мраз, за Дедо Мраз со внуката Снегурочка и трите коњи со санка. Колкава радост се тие за децата?
АНДОНИЕВ:
Дедо Мраз и неговата внука Снегурочка се основни симболи на Новата година, како и празничната елка. Особено децата многу ги обожуваат овие херои, затоа што тие ги поврзуваат Дедо Мраз и Снегурочка со добивањето на празнични подароци. Ако секое дете во Русија има желба да добива новогодишен подарок прво тој или таа мора да биде послушен/на во текот на целата година пред празникот. Потоа, детето писмото со неговите желби може да му го прати на Дедо Мраз. Голема радост за децата е кога кај него дома лично доаѓа Дедо Мраз и им дава подароци. Рускиот Дедо Мраз и неговата внука живеат заедно во стар град Велики Устјуг, кој што се наоѓа во северно-западниот дел на Русија. Живеалиште на Дедо Мраз и Снегурочка се смета како официјална резиденција каде стигнуваат сите писма на децата од целата земја.

МАРИЛИ: Во Русија постои една долга традиција – најуспешните деца со најдобри резултати во образованието да ја дочекуваат Новата година во Кремљ. Тие патуваат од сите краишта на државата за да бидат дел од оваа величествена новогодишна забава. Што сè се подготвува за нив?
АНДОНИЕВ:
За прославата на Новата година за децата на Русија се подготвува традиционален концерт со учество на Дедо Мраз и Снегурочка. Големата новогодишна прослава се одржува во централниот дел од Москва – во историскиот споменик Кремљ. Се разбира дека не сите деца од земјата ќе можат да бидат присутни на новогодишната свеченост, ама властите на Русија најпрво мислат за оние деца, кои што живеат без родители или имаат големи проблеми со здравјето. За среќа, секојa година повеќе од руските деца имаат можности да ја посетат централната новогодишна прослава, затоа што таа вообичаено трае околу 10-11 дена, кои се неработни.

МАРИЛИ: После новогодишните празници следува детскиот распуст. Како Русија, а посебно Москва се организира за време на распустот, што сé им е достапно на децата во овој период и дали цените се симболични за посета на сите објекти (лизгалишта, театри, изложби и др.)?
АНДОНИЕВ:
Навистина, после прославата на Новата година следува детскиот распуст, кој што вообичаено почнува од 26-27 декември и трае до 10-11 јануари. Во текот на овие денови низ Москва се организираат повеќе забавни настани. Децата имаат можност со нивните родители да доаѓат во зоолошки градинки, лизгалишта, театри. Влезот не е слободен, ама цените не се многу високи, значи се достапни за повеќето фамилии. Освен тоа децата во Русија обожуваат да шетаат низ паркови, да се забавуваат на различни игралишта итн.

МАРИЛИ: Каде Вие ќе ја дочекате Новата година, што ќе им порачате на нашите читатели, која е Вашата новогодишна честитка?
АНДОНИЕВ:
Ќе ја дочекам Новата година тука во Скопје со жена ми. Сакаме да излеземе и да прошетаме низ градот за време на новогодишна ноќ и да го погледаме амбиентот и да ја почуствуваме атмосферата на празникот во убава Македонија. На мојата сопруга исто така многу ѝ се допаѓа вашата земја, гостопримливоста на вашиот народ и таа вели дека е ова најубавата земја што досега ја посетила.
На сите Ваши читатели во Новата година им посакувам пред сѐ многу здравје, среќа, различни успеси и сѐ што е најдобро за нив.

 

Содржината е прочитана 517 пати.