Бизнис вести

Формиран Македонско – швајцарски бизнис клуб

Клубот има за цел зголемување на соработката и на трговската размена преку вмрежување компании, изградба и зајакнување на врските, како и взаемна промоција

четврток, 19 септември 2019

Со поддршка на Амбасадата на Швајцарија и Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) формиран е Македонско – швајцарски бизнис клуб, чија цел е зголемување на соработката и на трговската размена преку вмрежување компании, изградба и зајакнување на врските, како и взаемна промоција.

За претседател на бизнис клубот е избранa Јасминка Талеска, директор на швајцарската компанија „Новартис“, која е убедена дека од оваа соработка ќе произлезе единствено успех.

„Креирањето на македонско швајцарскиот бизнис клуб, покрај тоа што ќе отвори безброј врати и можности за членовите, ќе придонесе и за вмрежување на илјадници компании, изградба и зајакнување на односи, взаемна промоција на истите и многу други придобивки. Како пазар треба да претставуваме цел за влез и работа на компаниите од Швајцарија, од што ќе имаат бенефит двете страни“, рече Талеска.

Претседателката на ССК, Данела Арсовска истакна дека бизнис клубот се формира како резултат на детектираната потреба и потенцијал за зголемување на деловната соработка и на бројот на компании од Швајцарија кои работат во нашата земја.

„Целта на формирањето на клубот е, пред се, да ја зголемиме соработката. Обединувајќи ги компаниите кои се со швајцарски капитал и компаниите од Сојузот кои имаат интерес за соработка, веруваме дека ќе делуваме кон зголемување на трговската размена која, според статистичките податоци минатата година изнесуваше 105 милиони евра, со остварен извоз од 40 милиони евра и увоз од 65 милиони евра“, рече Арсовска.

Заменик амбасадорот на Швајцарија, Стефан Томаџан истакна дека Амбасадата ќе се залага за јакнење на соработката меѓу двете земји со особен акцент на зголемување на трговската и економска соработка.

„Задоволство е што на денешниот настан се присустни компании од Швајцарија и компании заинтересирани да остварат деловна соработка со Швајцарија, да се здружат и да формираат деловен клуб. Ова е знак дека билатералните економски односи се добри. Убедени сме во потенцијалот за зголемена трговија и инвестиции меѓу нашите две држави. Во таа насока новиот деловен клуб ќе има корисна улога“, изјави Тoмаџан.

Во моментов над 40 компании се со 100 процентен швајцарски капитал или дистрибуираат проиводи или услуги од Швајцарија на македонскиот пазар.
 

Содржината е прочитана 79 пати.