Интервјуа

Интервју со господин Алпер Ерсој, заменик-генерален директор за Oперации на ТАВ Македонија

ТАВ Македонија постојано комуницира со потенцијални и постоечки авиокомпании за нивните идни планови со цел да ги убеди да почнат да летаат од Скопје и Охрид и да ги прошират нивните постоечки операции.

петок, 23 јануари 2015

ТАВ Македонија постојано комуницира со потенцијални и постоечки авиокомпании за нивните идни планови со цел да ги убеди да почнат да летаат од Скопје и Охрид и да ги прошират нивните постоечки операции. Покрај ова, посетуваме и интернационални саеми за авијација и туризам, конференции и состаноци за да ја промовираме Македонија и македонските аеродроми. Исто така соработуваме и со Владата како наш партнер, со цел да го подобриме и развиеме авиосообраќајот во Република Македонија.


МАРИЛИ: Господине Ерсој, ТАВ Македонија имаше значајна пресвртница – еден милион патници на годишно ниво во првите 10 месеци од годината 2014. Што доведе до ова достигнување и што покажуваат бројките за сообраќајот?
ЕРСОЈ:
Ја поминавме оваа значајна пресвртница – милионитиот патник, за првпат минатата година. Главни двигатели на овој успех се нашата маркетинг стратегија, вмрежувањето, знаењето, поддршката од Владата на Македонија, соработката со Агенцијата за цивилно воздухопловство, Македоска навигација (МНАВ), како и со авиокомпаниите. Порастот на бројот на патници почна во 2010 и за пет години, од 2009 до првите 10 месеци од 2014 година, бројот на патници порасна за 66%.
Според сообраќајот на патници на Скопскиот аеродром „Александар Велики“ во 2014 година, Истанбул беше најфрекфентната дестинација со 15,7% пазарен удел. Потоа, на листата топ пет дестинации беа Виена, Цирих, Лондон и Базел. Топ пет авиокомпании, според сообраќајот на патници се Визер, Туркиш Ерлајнс, Аустријан Ерлајнс, Ер Србија и Пегасус. Најголем број на патници пренесе Визер со 45,2% пазарен удел во првите девет месеци и најголем пораст во однос на претходната година од 56%. Следи Туркиш Ерлајнс со 11,1%, Аустријан Ерлајнс со 8,4%, Ер Србија со 5,3%, Пегасус Ерлајнс со 5%. Многу важен факт е дека Македонија со пораст на бројот на патници за 21%, е над европскиот просек, кој е 7% на годишно ниво.


МАРИЛИ: Коja e визиjaта на менаџментот на ТАВ Македонија за 2015 година, од аспект на нови дестинации и зголемување на бројот на патници на скопскиот и на охридскиот аеродром?
ЕРСОЈ:
Нашата долгорочна визија е Скопскиот аеродром „Александар Велики“ да стане регионален центар за авиосообраќај кој ќе ги поврзува не само македонските патници туку и патниците од целиот регион, со Европа и со светот. Со цел да ја постигнеме оваа цел, ние секогаш работиме на воспоставување нови дестинации од двата аеродрома во Македонија. Во оваа насока, тесно соработуваме со Владата на Македонија, како наш партнер и со другите инволвирани институции.
Како што веќе знаете, според најавите на Министерството за транспорт, Владата ќе продолжи со својата политика на субвенционирање и оваа година, така што до септември 2015 година очекуваме да бидат воспоставени нови директни линии до европските градови. За да го постигнеме ова, покрај соработката со Владата, ТАВ Македонија постојано комуницира со потенцијалните и постоечките авиокомпании, за да ги убеди да почнат да летаат од Скопје и да ги зголеми нивните фрекфенции. Покрај ова, посетуваме меѓународни саеми за авијација и туризам, конференции и состаноци за ја промовираме Македонија и македонските аеродроми. Во однос на бројот на патници, се разбира дека очекуваме порастот да продолжи.

МАРИЛИ: Скопје има генерален проблем со маглата како резултат на високата загаденост во градот. Овие лоши временски услови некогаш предизвикуваат одложувања и откажувања на летовите. Патниците ги упатуваат нивните жалби кон аеродромот, но всушност има различни нивоа на одговорни институции. Можете ли да објасните што прави ТАВ Македонија и што треба да се направи, со цел да се намали штетата која маглата ја предизвикува?


ЕРСОЈ: Ова е многу техничко прашање бидејќи безбедноста има приоритет во авиоиндустријата. Македонска навигација (МНАВ) и Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) се компетентните институции кои можат да обезбедат детални информации. Ние секогаш соработуваме со двете институции од самиот почеток, со цел да го подобриме авиосообраќајот во Македонија. Она што знаеме е дека двете институции само што го завршија проектот за минимизирање на ефектите од маглата. Навигациските системи и опремата се под контрола и менаџмент на МНАВ. Тие дизајнираа нова процедура за намалување на границите на видливост во услови на магла. Одобрена е од АЦВ и стапува на сила од 11 декември 2014 година. Границите на видливоста ќе бидат намалени и летовите многу помалку погодени.

МАРИЛИ: Кои се плановите на ТАВ Македонија за развој и експанзија на неавијациските услуги на двата аеродроми, што може да го зголеми задоволството на клиентите за време на нивното присуство во терминалните згради?
ЕРСОЈ:
Има голем број на различни неавијациски услуги кои ги нудиме заедно со нашите ќерќи фирми и парнер компании на сите аеродроми каде што ТАВ холдингот работи. Станува збор за развиен бизнис модел кој го имплементираме на секој пазар и вклучува услуги со храна и пијалаци, фришоп услуги, услуги како што се ЦИП и ВИП бизнис-салоните, како и други услуги на основа на соработката со многу популарни регионални и глобални франшизи и брендови.
Се разбира, секој пазар е различен, од аспект на волуменот на сообраќај и навиките на патниците. Во оваа насока ние ги прилагодуваме нашите услуги врз основа на потребите и нивото на зрелост на пазарот. Во Македонија на патниците им нудиме храна и пијалаци во Cakes and Bakes во халата за пристигнувања во терминалната зграда, додека на заминувања им нудиме освежување во Café Inn. И двете се оперирани од нашата ќерќа фирма БТА. Кога храната е во прашање, во делот заминувања на Скопскиот аеродром има и ресторан на „Бургер Кинг“, каде што патниците можат да јадат додека чекаат да се качат во авион. БТА планира да ги прошири своите услуги во 2015 година со дополнителни концепти на храна и пијалаци.
Покрај ова, на приземјето, на патниците им нудиме купување во продавница за сувенири, киоск за весници, магазини, цигари итн. На заминувања се наоѓа фришопот на ATU, каде патниците можат да најдат различни добра кои се вообичаени за овие продавници, како и ЦИП бизнис-салоните каде што патниците од категоријата ЦИП/ Бизнис може мирно да се одморат пред нивниот лет.
Исто така, воведовме автобуска линија за патниците од центарот на Скопје до аеродромот, а ги подобривме и такси-услугите.
Во моментов работиме на неколку проекти со цел да го зголемиме нивото на задоволство на клиентите, со овие неавијациски услуги. Ќе ја најавиме секоја нова услуга, кога проектите ќе бидат финализирани. Веруваме дека нашите патници ќе бидат среќни со овие услуги и дека квалитетот на нашата услуга ќе биде подобрен.




 
Содржината е прочитана 488 пати.