Бизнис вести

На Табановце почна заедничкото гранично управување меѓу Македонија и Србија

Премиерите на двете држави Зоран Заев и Ана Брнабиќ нагласија дека ваковот поврзување е значајно не само за економската соработка меѓу двете земји, туку и за регионалната соработка и развој на целиот регион

понеделник, 26 август 2019

Премиерите на Северна Македонија и на Србија, Зоран Заев и Ана Брнабиќ денеска, на граничниот премин Табановце - Прешево го означија стартот на заедничкото гранично управување „Оне стоп шоп“

Двајцата премиери нагласија дека поврзувањето преку интегрираниот граничен премин е значајно не само за економската соработка меѓу двете земји, туку и за регионалната соработка и развој на целиот регион. Порачаа дека двете држави со новината го забрзуваат протокот на патници и стока, времето на чекање се намалува двојно, а се отвора и можност за подобра соработка на бизнис заедницата и интеграција на регионот.

„Заедничката гранично царинска контрола е круната на добрососедството и пријателството меѓу двете земји. Со новиот концепт ќе се забрза протокот на патници, стоки и превозни средства, ќе се зголеми бројот на туристи во двете држави, како и бројот на транзитните туристи. Контролите ќе се вршат на едно место. Ќе има меѓусебно признавање на меѓуграничните сертификати, а со тоа ќе има помалку царински измами. Ќе се зголеми нивото на доверба, ќе се зголеми трговијата, ќе се намали корупцијата“, рече премиерот Заев.

Српската премиерка Брнабиќ посочи дека ова е прв заеднички граничен премин во овој дел на Европа.

„Ова е потенцијално нов почеток за економска и регионална соработка на Западен Балкан. За ова ни е потребна политичка храброст и визија, а не кратковиди политички политики. Регионалната соработка се наоѓа пред големи предизвици поради, практично директната суспензија на ЦЕФТА договорот од страна на Приштина. Оваа одлука не е одлука која беше само против трговија со Централна Србија и БиХ. Оваа одлука ги раздрма сите регионални договори. Поради тоа е потребна храброст и политичка одговорност, да се фокусираме на тоа што се интереси на регионот. Политички паметно е да се поврзуваме, а не да се блокираме“, рече Брнабиќ.

 

Содржината е прочитана 50 пати.