Интервјуа

Интервју со М-р Горан Антевски , генерален менаџер на „Раде Кончар – ТЕП“

Силата на една компанија многу зависи од балансот на квалитетот на вработените и модерната технологија. За да се пробиеме на новите пазари и да ги задржиме постојните мораме секогаш да понудиме подобар производ или услуга од конкуренцијата.

понеделник, 02 февруари 2015

Во изминатите години имавме големи вложувања во технологија и опрема, со единствена цел да го зголемиме квалитетот и квантитетот на производството, но нашето најголемо вложување го направивме во оформувањето и обуката на млад инженерски тим составен од повеќе машински и електроинженери. Тоа е инвестиција на која најмногу се гордееме.

МАРИЛИ: Господине Антевски, кажете ни која е основната дејност на Вашето друштво „Раде Кончар – ТЕП“?

АНТЕВСКИ:
Раде Кончар-ТЕП е компанија која работи во електро и металниот сектор со широк асортиман на квалитетни производи и услуги. Најголем дел е производството на дистрибутивни трансформатори и трафостаници, мерни ормари, раставувачи, командни пултови,ПНК канали и многу други електро производи. Со инвестирањето во современата опрема за преработка на метали ни се отворија нови можности за развој и зголемување на квалитетот и капацитетот на производството. Во последните 3 години Раде Кончар -ТЕП се профилира како компанија која е доверлив партнер во изведба на електр монтажни работи на поголеми проекти како фабрики, болници , стадиони, трговски центри и др. 


МАРИЛИ: Кои се корисниците на Вашите производи – сегашни и потенцијални?
АНТЕВСКИ:
Нашата филозофија “НИЕ НЕМАМЕ КУПУВАЧИ, НИЕ ИМАМЕ ПАРТНЕРИ” која нè води во изминатите 8 години ни ги донесе како наши партнери најголемите и најреномираните компании во Македонија и Балканскиот Полуостров. Како најголеми партнери и проекти би ги издвоил ЕВН Македонија, Електродистибуција на Црна Гора, Електродистрибуција на Србија, Сити мол, Кардилогија Филип 2, ТАВ , Училиштето за пилоти, Дрибо, Хјундаи електрик, Апатор и многу др.

МАРИЛИ: Колку вложувате во развојот на компанијата последниве години и кои се плановите за 2015 година?

АНТЕВСКИ: Во изминатите години имавме големи вложувања во технологија и опрема, со единствена цел да го зголемиме квалитетот и квантитетот на производството, но нашето најголемо вложување го направивме во оформувањето и обуката на млад инженерски тим составен од повеќе машински и електроинженери. Тоа е инвестиција на која најмногу се гордееме, бидејќи силата на една компанија многу зависи од балансот на квалитетот на вработените и модерната технологија. За да се пробиеме на новите пазари и да ги задржиме постојните мораме секогаш да понудиме подобар производ или услуга од конкуренцијата. Со таа цел ние си поставивме задача на секои 3 месеци да воведуваме нов производ во нашиот асортиман или да направиме редизајн на веќепостоечкиот.

МАРИЛИ: Каков е односот кон развојот на кадровскиот потенцијал во Вашата компанија?
АНТЕВСКИ:
Како што и предходно напоменав ние најмоногу се гордееме на нашиот менаџерски и инженерски тим составен од млади, но веќе искусни инженери, кои од самиот почеток ја разбраа филозофијата на компанијата за почитување на партнерите и константно напредување и подобрување. Тренинг обуките кои ги имаа дел од менаџерите и инженерите во Јапонија и јапонските фабрики ги мотивираа да го прифатат многу полесно таквиот начин на работење, со што станавме успешен и препознатлив бренд најпрво преку високиот квалитет, почитување на роковите и прифатливата цена. Прифаќањето на јапонската култура на работење во компанијата беше голем предизвик за мене како прв човек, но сега после 8 години успешно рабитење со задоволство можам да кажам дека се исплатеше вложениот труд. Добитници сме на 2 национални први награди за етичко работење и 3 први награди од Центарот за истажување и развој.

МАРИЛИ: Дали денес има доволно квалитететен кадар од електромашинската индустрија во РМ?
АНТЕВСКИ:
Македонија во минатото беше позната како држава со развиена електро и метална индустрија, но по транзицијата големите капацитети престанаа со работа и дел од тие високо стручни кадри прекинаа да се надградуваат и да ги пратат новите трендови. Нови квалитетни кадри не е лесно да се најдат, подобро е потенцијално квалитетните да се изградат со нови подобрени вредности и да се вложува во постојано нивно надоградување и обука.

МАРИЛИ: Имате ли поддршка од финансиските институции во државава за Вашите проекти?
АНТЕВСКИ: Да, ние имаме голема поддршка. Но сметам дека тоа е пред сè поради добрите проекти и квалитетните развојни планови. Раде Кончар-ТЕП е првата македонска компанија , која во 2010 година инвестираше поголеми финансиски средства во нови и современи машини и опрема преку кредитната линија на ЕБРД и МБПР. Кога Европа и Македонија ја тресеше големата економска криза, ние решивме дека само со инвестирање во современа опрема и високостручен кадар ќе успееме да опстоиме и напредуваме. Сега после 4 години успесите се нижат поради таа храбра одлука.

МАРИЛИ: Во однос на екологијата, што сè презема Вашата компанија за заштита на животната средина?
АНТЕВСКИ:
Од самите почетоци на Раде Кончар - ТЕП бевме решени да вложуваме во заштитата на животната средина. Со вложувањето во новата опрема станавме поеколошка компанија, исто така бевме прва компанија од електро и метланиот сектор која го доби сертификатот ИСО 14001 од ТУФ Реиланд, како и престижно признание од страна на Министерството за економија во 2008 година за реконструкција на постројката за површинска заштита на металите. Со инвестицијата во постројката успеавме со новиот начин на работење да ги намалиме отпадните материи за 94 %, а да го зголемиме кванитетот и квалитетот на производите.

МАРИЛИ: Вие сте претседател на АОТС од Јапонија за Република Македонија. Со што се занимава оваа организација и каков е интересот на нашите стручњаци за усовршување во Јапонија?
АНТЕВСКИ: АОТС Македонија е Јапонско – македонска организација за техничка соработка и обука, при што со финансиска помош на јапонската Влада се усовршуваат менаџерскиот и инженерскиот кадар од Македонија во Јапонија и јапонските компании. Тренинг-обуките се изведуваат најчесто во Јапонија и ги изведуваат врвни професори и консултанти, а исто така се прават посети на јапонските компании и обучни центри. Преку АОТС Македонија досега повеќе од 170 стручни лица од Македонија имале можност да се запознаат со јапонската култура и начинот на работење. Новата агенда на нашата организација е со помош на јапонското Министерство за економија да направиме поголема и поцврста соработка помеѓу јапонските и македонските компании.

 
 МАРИЛИ: Како менаџер кој е многу ангажиран, кажете ни кои се Вашите преокупации во слободното време и како се одморате односно како ги „полните Вашите батерии“?
АНТЕВСКИ: Многу малку се наоѓа слободно време, бидејќи обврските во текот на денот се големи. Но секогаш се трудам да најдам слободно време за мојата фамилија и пријателите. Со пријатно и позитивно опкружување многу полесно се заборава напорниот ден.
 
Содржината е прочитана 1147 пати.