Македонија

СОНК најавува штрајк, неизвесен е почетокот на учебната година

Синдикатот незадоволен од најавеното зголемување на платите за 5 отсто и дава рок на Владата за преговори до 1 септември и доколку нема договор, наставниците и професорите ќе стапат во предупредувачки штрајк на 2 септември

понеделник, 26 август 2019

Една недела пред почетокот на учебната година Синдикатот за образование (СОНК) се заканува со штрајк, со што станува неизвесено дали првото училишно ѕвонче ќе заѕвони на 2 септември.

Наставниците се незадоволни од најавеното зголемување на платите од пет отсто. Претседателот на СОНК, Јаким Неделковски ѝ дава рок на Владата од уште една недела и бара Синдикатот да биде активен учесник во креирањето на буџетот за образованието за 2020 година.

Синдикалцте велат дека до 1 септември ќе преговараат, а доколку нема договор, тогаш наставниците и професорите ќе стапат во предупредувачки штрајк на 2 септември, кога треба да почне новата учебна година.

„Општа констатација е дека членството на СОНК од дејноста образование е апсолутно незадоволно од висината на зголемување на платите. За таа цел ние денеска разговаравме со министерот. Се надеваме дека ќе ги прифати забелешките“, рече Неделков.

Министерот за образование и наука Арбр Адеми вели Министерството е заинтересирано за квалитетен социјален дијалог со Синдикатот и со сите други вработени во образовниот сектор. Појаснува дека платите во образованието се зголемени за повеќе од 10 проценти и смета дека во буџетот за следната година ќе има дополнително покачување.

„Штрајк се организира кога нема решение. Ние нудиме решение. Кога ќе имаме јасни параметри за буџетот ќе објавиме ново покачување на платите. Досега имаме пораст на плата од по пет проценти во 2018 година и во 2019 година и ова е зголемување од над 10 отсто во однос на платите што ги добија наставниците во август минатата година“, изјави Адеми.

 

Содржината е прочитана 52 пати.