Култура

Почнува манифестацијата „Денови на Св. Мајка Тереза“ во Скопје

Годинашната манифестација, која традиционално се одвива од 26 август до 5 септември е под знакот на 109–годишнината од раѓањето на Мајка Тереза

понеделник, 26 август 2019

Граѓанската асоцијација „Скопјанката Мајка Тереза“ по 20. пат ја организира манифестација „Денови на Св. Мајка Тереза“, која годинава е под знакот на 109 – годишнината од нејзиното раѓање и која традиционално се одвива од 26 август до 5 септември.

Манифестацијата ќе започне денеска во 10 часот, на датумот кога е родена Мајка Тереза со положување цвеќиња на спомен – плочата на местото на нејзината родна куќа во центарот на Скопје и пред нејзиниот споменик на улица „Македонија“. Активностите продолжуваат во 11 часот во Домот на АРМ, каде сликарот и хуманист Живко Поповски – Цветин ќе ја отвори изложбата на ликовни дела и фотографии посветени на Света Мајка Тереза и на фотографии на старо Скопје, по што ќе биде промовирана збирката песни „Со почит кон Мајка Тереза“ од група автори.

На 5 септември - денот на упокојувањето на Света Мајка Тереза, во Домот на АРМ со почеток во 20 часот ќе се одржи свечена академија на која ќе бидат доделени традиционалните посланија за хуманост и статуетки со ликот на Св. Мајка Тереза на истакнати хуманисти и здруженија. Годинешни добитници се: граѓанските хуманитарни здруженија „Банка за храна“ и „Еурохуман Интернационал“, Општина Центар, Месната заедница Ласкарци – Општина Сарај, Мики – Ли Мијалчиќ, заменик командир во Полициската станица Центар, Сергеј Самсоненко, бизнисмен и хуманист и Свето Стаменов, новинар на Македонското радио – Радио Скопје, публицист и хуманист.

Во музичкиот дел на манифестацијата ќе настапат Мандолинскиот оркестар при МКЦ – Скопје со солистот на обоа Вултет Назири, под диригентство на Ванчо Јовчев, оперската певица Серафина Фантаузо, а музички партитури на виолина и пијано ќе изведат Ева и Марија Богоевски. Водител на програмата ќе биде Билјана Дебарлиева.

 

Содржината е прочитана 75 пати.