Култура

Маестрална изведба на „Одисеј“ за крај на „Охридско лето“

Во претставата „Одисеј“, чиј текст го напиша Горан Стефановски, а е режирана од Александар Поповски, настапија актери од театрите „Гавела“ од Загреб, „Улисис“ од Бриони, Српскиот народен театар од Нови Сад, „Драма“ од Марибор, „Ателје 212“ од Белград, Стериин театар и Театар „Навигатор“ од Скопје

среда, 21 август 2019

Онака како што му доликува на еден европски фестивал од нависок ранг, годинашното издание на „Охридско лето“ заврши синоќа со маестрална изведба на театарската претстава „Одисеј“. Фестивалот, кој секоја година ги носи најдобрите проекти од областа на класичната музика и театарската уметност, ја спушти завесата на своето 59-то издание во Античкиот театар во Охрид.

Претставата „Одисеј“, чиј текст го напиша големиот македонски драмски писател Горан Стефановски, а режирана од извонредниот Александар Поповски, остави силен впечаток врз преполниот амфитеатар. Актерите во овој копродукциски проект од театрите „Гавела“ од Загреб, „Улисис“ од Бриони, Српскиот народен театар од Нови Сад, „Драма“ од Марибор, „Ателје 212“ од Белград, Стериин театар и Театар „Навигатор“ од Скопје, на сцената покажаа врвна актерска игра, позитивна енергија и донесоа силни пораки.
„Одисеј“ е претстава што го долови враќањето дома на еден човек, во својата татковина, во својот двор, под својата маслинка.

„Желба ми беше, заради Горан, оваа претстава да ја играме во Охрид и тука, на своевиден начин тој да ја најде својата Итака. ’Охридско лето’ е нов почеток на едно ново Одисеево патување“, рече режисерот Поповски, кој заедно со драматургот Дора Делбијанко препознаа во текстот на Стефановски простор за иронично отстапување од митот, за пародијата, фарсата, па дури и за бурлеската.

„Одисеј“ е еден вид потсмев на Одисеј, кој го иронизира трагичниот писедестал, а истовремено ја задржува и драмската тензија, полемизирајќи притоа за темите на војната, геноцидот, силувањата жени во војна, поствоениот хаос и цивилизациската пропаст како последица на воените пустошења.

Годинешната драмска програма на фестивалот „Охридско лето“ беше посветена на големиот драмски писател Горан Стефановски кој почина во ноември минатата година, но остави силен печат врз македонската драма. Неговите драми имаа нешто заедничко, преку трагедијата на едно семејство, авторот ни ја предава историјата на македонскиот народ, со своите болки и рани, со социјалните неправди, политичките разијдувања, стремежот за подобро утре.
 
Содржината е прочитана 462 пати.