Интервјуа

Интервју со господин Кристијан Цуравиќ, претседател на меѓународната организација „GUWAA“

Со "GUWAA" - организацја за еколошко чистење на светското подморје, се создава еден глобален проект. Факт е дека без вода нема живот, а белото знаме е знак на водата и знак на обединување на целиот свет околу таа идеја.

вторник, 17 февруари 2015

Почетоците беа многу тешки за мене лично, затоа што во овој проект ја вложив целата своја заштеда, својата куќа, своите работи, своите финансии, своето време и здравје. Ова е животен труд што јас го вложив за да дојдеме на ова ниво на кое сме денес, а од година во година глобално растеме. Сега работиме на ниво со кралеви, принцови, претседатели, холивудски актери, кои нѐ поддржуваат. Се создава еден глобален проект - факт е дека без вода нема живот, а белото знаме е знак на водата и знак на обединување на целиот свет околу таа идеја.


МАРИЛИ: Господине Цуравиќ, организацијата GUWAA на претседателот Ѓорге Иванов на 5 октомври во Хотелот „Инекс Горица“ во Охрид му го предаде првото бело знаме, симбол за чист и еколошки третиран брег на Охридското Езеро. Како дојде до оваа соработка меѓу GUWAA и Република Македонија?
ЦУРАВИЌ:
Убаво е да се биде овде, во Македонија. Чест ми е што сум овде, а особено ми е драга причината поради која дојдов овде. Кога пред неколку години ја инициравме организацијата GUWAA, сакавме да организираме една од најголемите еколошки акции во светот. Македонија е една од првите држави со кои разговаравме заради учество во таа светска акција на чистење, а потоа стапивме во контакт со нуркачкиот клуб „Врело“, и тоа прво со Влатко, кој е еден од најискусните нуркачи. Тој нѐ поврза со Киро Гелевски кој ги води нуркачите, кого го информиравме дека организираме голема акција во 30 земји во светот и дека сакаме Македонија да се претстави на таа голема светска акција на чистење. Нуркачкиот клуб „Врело“ веднаш ја прифати таа идеја и професионално, две години по ред, организираше чистење учествувајќи во светската акција на чистење во 30 земји од светот. Претседателот Ѓоргe Иванов го доби белото знаме благодарение на трудот на нуркачите и на нуркачкиот клуб „Врело“ кои учествуваа во големата акција и во светот ја претставија Македонија во добра светлина, покажувајќи дека се еколошки освестени, што е многу важно.

МАРИЛИ: Која е основната дејност и задача на организацијата GUWAA (Глобална асоцијација за подводна свесност) чиј претседател сте вие, и што сè претходи на акцијата за еден морски, езерски или речен брег да го носи брендот „white flag international“?
ЦУРАВИЌ:
Кога ја иницирав светската организација GUWAA беше многу тешко. Денес сите знаеме дека постои ден на водите, ден на планетата, ден на океаните, и така натаму, но тоа се многу убави приказни. Кога јас тргнав да ја основам GUWAA, си кажав - ќе создадам организација што нема само еднаш годишно да се занимава со екологија, туку во текот на цела година ќе го чисти целиот свет, од земја до земја, а потоа целиот свет одеднаш, така што се иницираа многу проекти за чистење на езерата, реките и морињата во целиот свет. Исто така, знаевме – ако сакаме да ги спасиме нашите води во светот, не можеме само да ги чистиме, мораме да започнеме и нешто друго, а тоа е едукација на децата, на младината, со цел да немаме загадени води во иднина. Така, GUWAA е пионер, кој успеа да се занимава со тоа, да воведе екологија заради заштита на сите наши водни ресурси во светот, да влезе во домовите на луѓето и со тоа да се занимаваат сите, од децата до постарите генерации, секојдневно, а не само еднаш годишно. Сакавме да создадеме нешто што пред тоа не постоеше во светот и потоа од таа единствена приказна да создадеме бренд, симбол што може да ги обедини сите континенти, што може да ги избрише границите меѓу државите, меѓу религиите - тоа беше знамето, белото знаме што го добиваат сите во светот кои учествуваа во сестраното чистење на нашите водни ресурси. Значи, белото знаме не може да се купи, тоа мора да се заработи, a може да се заработи само ако луѓето влезат во вода, го исчистат тоа место, тогаш може да го добијат тоа бело знаме. Тоа е единствен еколошки бренд во моментов во светот, кој нема конкуренција и кој навистина се грижи за екологијата. Тоа што Македонија сега го добива тој симбол значи дека на локално ниво, во Охрид, луѓето сега исчистиле еден дел од езерото, а со тоа што дејствуваат локално тие размислуваат глобално. Македонија со чистењето кај себе, дејствува и да се исчисти целиот свет, а тоа е една голема чест за една земја. Мислам дека во иднина со Македонија ќе се соработува многу добро и затоа ми е особено мило да бидам тука, бидејќи ова е посебна прилика.

МАРИЛИ: Љубовта кон Јадранското Море и нуркањето Ве натера да почнете да го чистите и подводно. Колку беше тешко да ја пласирате идејата за чистење на светското подморје и да почнете да ја реализирате? Кажете ни нешто за самите почетоци.
ЦУРАВИЌ:
Нашите почетоци беа многу тешки... кога имате една идеја, во која се работи за тоа дека, во суштина, сакате да му помогнете на човештвото и сакате да работите глобално, а пред да почнете да работите глобално морате да почнете кај себе, дома... затоа почнавме од Јадранот. Ги собрав (морам да ги пофалам тие момци) моите пријатели нуркачи, со кои нуркав со години и тргнавме како мала група луѓе и на секои две недели одевме од град до град во Хрватска. Тогаш дури немавме ни спонзори, немавме финансии, така што сами го плаќавме бензинот. Кога одевме во некој град да го чистиме луѓето ни нудеа слатки, некои нѐ честеа со храна. Сè започна со една многу добра идеја, за која сакавме да се прошири глобално, но тоа беше многу тешко, бидејќи денес во светот сите се занимаваат со екологија на еден ден, но кога ќе тргнете тоа да го работите секој ден, тоа е многу напорна работа која е ризична, опасна, која чини многу пари, финансии (бензин, опрема итн). Всушност, беше многу тешко бидејќи немавме, не добивме никаква поддршка, така што фактички работевме како индивидуалци кои сакаат да го заштитат она што е најважно во Хрватска, бидејќи Хрватска живее од туризмот. Ние, всушност, сакавме да го заштитиме она од што живееме, и тоа го направивме сами. Нашата приказна, во суштина, се издигна на светско ниво откако во акцијата се вклучи лично принцот Алберт од Монако. Тогаш добивме сила поради тоа што другите сакаа да нѐ послушаат, да се приклучат, а со тоа добивме и медиумска моќ и можевме да комуницираме, да објасниме зошто го правиме тоа, во која насока се движиме. Значи, почетоците беа многу тешки за мене лично, затоа што во овој проект ја вложив целата своја заштеда, својата куќа, своите работи, своите финансии, своето време и здравје. Ова е животен труд што јас го вложив за да дојдеме на ова ниво на кое сме денес, а од година во година глобално растеме. Сега работиме на ниво со кралеви, принцови, претседатели, холивудски актери, кои нѐ поддржуваат. Се создава еден глобален проект  факт е дека без вода нема живот, а белото знаме е знак на водата и знак на обединување на целиот свет околу таа идеја.

МАРИЛИ: Дали претходно сте го посетиле Охрид и дали сте нуркале во Охридско Езеро? Дали сметате дека белото знаме на GUWAA може да му помогне на Охрид да има подобра понуда на туристичката карта на светот?
ЦУРАВИЌ: Првпат сум во Охрид. Само што дојдоа нуркачите кои учествуваа во првата светска акција на чистење и заедно ќе одиме да нуркаме првпат, така што сега ќе нуркам и ќе видам какво е подморјето на Охрид. Мислам дека белото знаме и GUWAA можат да направат многу за Охрид и за Македонија воопшто, затоа што белото знаме ќе биде презентирано во 50 – 60 земји во светот, и сè тоа оди под еден многу голем маркетиншки систем, така што Македонија секоја година ќе се презентира во целиот свет како еколошки освестена земја. Исто така, сите луѓе во светот ќе знаат дека местата што го имаат белото знаме се места кои се исчистени од крупен, ситен и од токсичен отпад како што е пластиката, ќе знаат дека животот под вода на тоа место е заштитeн. Секако, што се однесува до туризмот, белото знаме за едно две години, како што ќе расте во еден моќен светски симбол на екологијата, така ќе биде од најголема важност – oсвен природата и убавините на Охрид, ќе биде магнет за луѓето кои се еколошки освестени, еколошки магнет за сите луѓе на светот. Мислам дека белото знаме многу ќе му помогне на Охрид што се однесува до туризмот.

МАРИЛИ: Какви подготовки беа направени на охридскиот брег пред да се донесе одлука да се подигне белото знаме на организацијата GUWAA и какви се обврските и одговорноста на Охрид и на охридскиот брег во иднина поврзано со „white flag international”?
ЦУРАВИЌ:
Белото знаме не може да се купи. Белото знаме тешко се заработува. Нашите партнери (тука во Македонија, нуркачкиот клуб „Врело” и специјалниот одбор кој сега е составен од страна на нуркачкиот центар „Врело„), кои се тука веќе неколку недели спроведоа неколку акции на чистење при што го извадија целиот отпад што беше насобран под водата. Количински, тоа не беше многу, беше многу малку, што е добро, што значи дека нуркачите во Охрид и претходно се занимавале со екологија и со чистење, што значи дека тие биле освестени и порано, а тоа е многу добар знак - кога нема многу ѓубре. Денес еден наш инспектор нуркач влезе под водата и го даде последниот зелен сигнал дека е толку чисто што белото знаме може да им се додели на плажата и на хотелот „Инекс Горица“, така што мислам дека тоа подигање на белото знаме и првиот хотел што го доби знамето, секако го сместуваат Охрид во еден од петте градови во светот кои го имаат тој симбол. Тоa е еден голем ексклузивитет. Охрид е заштитен од УНЕСКО и мислам дека тоа дава една дополнителна тежина. Сметам дека некој кој е во развиток и некој кој е силен уште пред тоа секогаш мора да се труди чекор повеќе. Не смее да се случи еден град, градоначалник, држава да остане на тоа да бидат задоволни со нешто, секогаш мора да тежнеат кон повеќе. Мора да се гледа од повеќе страни, ако не е чисто, ќе се исчисти, ако е чисто се нагласува чистотата и се работи на туристичкиот маркетинг за тоа место. Очекуваме за една-две години да има толкава освестеност на луѓето во однос на белото знаме што тие ќе гледаат пред да пaтуваат, дали таа плажа во тој хотел, град, има бело знаме. Затоа што луѓето измешаа две работи, особено кај нас во Хрватска, а тоа е проблем. Кај нас во Хрватска минатата година на дневник беше објавена репортажа дека сме добиле награда за второ најчисто море во Европа, по Кипар. Да, бактериолошки чисто, проѕирно, значи прекрасно море, и втори сме по Кипар што е голема чест. Но, луѓето мешаат две работи, едно е да се биде бактериолошки чист, а друго е да се има квалитетно море што не е загадено. Исто така, друга работа е овој проблем на отпадот што со генерации, со стотици години, се таложи на морското дно, што значи во Хрватска, исто така сме втори најзагадени што се однесува до отпадот. Значи, ако сега има да кажеме, илјада плажи во Хрватска, вие можете од тие илјада плажи да видите колку морето е убаво, но земете маска и очила за пливање што секој гостин кога ќе дојде го прави, и нурнете се кон дното и ќе видите пластика, чаши, железо, значи тоа е нешто што тука го фрлила човечката рака, и по тоа сме најзагадени и затоа го инициравме чистењето на Јадранот, за да можеме да го заштитиме, да можеме да покажеме дека се грижиме, а не да го користиме морето како еден голем контејнер. Со генерации морето во цел еден регион на Балканот, во Европа, како и езерата и реките служеа како контејнер. Луѓето немаа каде да го носат ѓубрето и тоа се фрлаше таму.

МАРИЛИ: Да се преработува отпадот, денес претставува голем светски тренд, што е уште една можност отпадот да се употреби за други цели. Kако Вие гледате на ова?
ЦУРАВИЌ:
Тоа е тренд, но тоа е нешто што во секоја земја би требало да биде сосема нормално. Бидејќи ние не можеме тој отпад кој го произведуваме само да го тргнеме на друго место. Мислам дека рециклажата би требала да биде една основна работа за секој град, држава, тој отпад да се рециклира, бидејќи произведуваме големи количества, а природата не може и нема каде да ги впие.

МАРИЛИ: На кои други локации и брегови во светот GUWAA го подигна белото знаме? ЦУРАВИЌ: Првото знаме отиде кај господин Принц Алберт од Монако, тој го доби првото. Второто отиде во Хрватска, третото во Босна и четвртото, кај вас во Македонија. Петотто оди во Норвешка, ќе ѝ биде доделено на норвешката премиерка во Осло. Засега имаме 30 земји каде за една година премиери, претседатели, принцови ќе го добијат белото знаме. Така, на почетокот на 2015 година знамето ќе го добие и шведскиот крал. Всушност, за една година 30 земји службено ќе ја спроведат таа церемонија на доделување на белото знаме. Секоја земја која го добива белото знаме, практично мора повторно да организира во својата земја нешто што се вика „Aqua Day”, тоа е наш концепт, значи сега во петтиот месец ќе биде македонскиот „Aqua Day“  македонски ден на водите, каде што цела Македонија, сите места што имаат езеро, река, некоја водна површина во ист ден во исто време ќе организираат некаква акција. Тоа е едно од барањата на белото знаме кога еден претседател, една земја го добива белото знаме. За тоа зборував, да има чистење во текот на целата година, а не само еднаш.

МАРИЛИ: Целта на организацијата GUWAA не е само да го исчисти светското подморје, туку и да работи на освестувањето на луѓето за последиците од загадување на копнените води, на морињата и на океаните. Дали затоа акциите што ги презема GUWAA ги работите во соработка со државните врвови и ги вклучувате познатите личности ширум светот за да ве поддржат полесно да ги спроведете своите активности?
ЦУРАВИЌ:
Да, бидејќи имам големо искуство во маркетингот и познавам многу познати лица. Ако сакате да бидете ефективни морате да користите техника што функционира, без оглед каква е таа. Ако вие сами со своите нуркачи влезете во вода и извадите еден тон ѓубре, тоа ќе се заборави, ќе го снема. Но, кога вие тука имате крал, принц, некое познато светско лице, холивудски актер, кога тој со вас ќе се нурне во водата и ќе излезе, тогаш тоа го гледа целиот свет, а кога ќе го види целиот свет, тогаш се занимавате и со едукација и со освестување. Тоа претставува пример. Мора да користиме силни поединци, лица во светот за да ја насочиме свеста на луѓето, вниманието на луѓето кон нашиот проблем, кон тоа што ние го работиме. Бидејќи, тоа е многу важно, самата екологија, ако притоа не ги освестуваме луѓето не е доволно силна и нема да имаме резултати. Ние сакаме да создадеме визуелен резултат. Досега извадивме 364 тони смет – тоа го направија нуркачите со своите раце. Тоа е огромно количество и голем труд, кога ќе видиш дека тоа се собира со раце, а не со некоја машинерија. Ќе извадиме милион тони, тоа е визуелен резултат што можеме да им го претставиме на луѓето, но ни требаат тие силни имиња на луѓе, медиуми, да освестиме и да работиме, да се занимаваме со децата, значи да имаме едукација во училиштата, нуркачите да покажуваат снимки каде сме чистеле и на еден начин да се обидуваме и нив да ги вклучиме, не само да знаат дека сме фрлале ѓубре, туку да организираат свои еко-проекти. Тоа е суштината, за нешто сосема да запре, тоа не може да се направи со чистење (19-20 минути) тоа на еден начин е само последица. Но, ако ги едуцираме младите од прво одделение па нагоре, и постојано во целиот свет работиме со нив тогаш можеме да запреме еден тренд. Штотуку инициравме нов проект со принцот Алберт лично, а тоа е Светски ден на детска екологија, каде од 50 до 60 држави и деца од целиот свет ќе организираат еко-проекти и работилници во училиштата. Сега и тоа претставува наша цел и сега работиме на тој проект The World Children’s Aqua Day. Значи, како децата може да влијаат на природата директно и да ги едуцираме за тоа. Родителите се многу чувствителни во врска со децата и кога едно дете ќе дојде дома и ќе види дека мајката ја пуштила водата да тече детето ќе ја затвори чешмата. Семејствата имаат многу големо влијание врз децата, но и децата врз возрасните, така што на некој начин сакаме да го користиме тоа нивно внимание од родителите, па и тие некако да дејствуваат врз возрасните, а не само да ги користиме возрасните да влијаат на младите.

МАРИЛИ: Кои други форми GUWAA ги презема за развивање на еколошката свест кај луѓето и какви се плановите за блиската иднина?
ЦУРАВИЌ: Имаме многу проекти секој од тие проекти има еден специфичен тренд, сè што работиме е нешто историско. Да кажеме, сега во светот ќе ги прогласуваме светските водени феномени. Имаме седум светски чуда, како што се пирамидите итн,. но сега одиме со прогласување на светски водени чуда што ќе бидат одбележани во целиот свет и кои ќе одат под белото знаме, всушност сега ги бараме оние светски феномени што ќе бидат заштитени со белото знаме. Имаме интересни реки кои се непознати и сакаме да ги најдеме тие места во светот и тие водени феномени да ги промовираме во светот. Мислам дека тоа е еден многу интересен проект и со тоа тргнуваме во април 2015. Во Хрватска има едно модро езеро, еден светски феномен се водопадите Нијагара во Америка, реката Амазон во Бразил, така што има многу такви водени феномени на кои сакаме да им го дадеме белото знаме да ги обединиме под иста веб страница за луѓето да знаат. Секој феномен ќе има свој амбасадор, некое многу познато светско лице што ќе ги промовира. Всушност, ќе го насочиме вниманието на луѓето на нашите води. За тоа се работи - чистење на ѓубрето, едукација на младите, светски феномени, многу прокети но сите водат во иста насока луѓето да го свртат своето внимание кон водите како извор на нашиот живот.

МАРИЛИ: Имате многу работа во иднина Ве поддржуваме и Ви посакуваме успех.
ЦУРАВИЌ:
Ви благодарам многу. Сакам да истакнам дека Македонија вистински се покажа во таа светска акција на чистење и луѓето од Македонија тоа навистина сериозно го сфатија. Од нуркачкиот клуб до Киро Гелевски, кој всушност беше наш контакт и го организираше сето тоа. Многу сме задоволни од таа соработка и мислам дека само може да биде уште подобра. Мислам дека откривме формула што функционира на светско ниво, а гледам функционира и тука во Македонија. Сега ни останува многу работа и труд и ние сме подготвени да го вложиме.
 

Содржината е прочитана 558 пати.