Бизнис вести

ЕСМ поднесе писмо за намери за учество во изградба на нуклеарната централа „Белене“ во Бугарија

Меѓу 13 компании кои пројавиле интерес за учество во проектот е и македонската, која е заинтересирана за склучување договор за купување електрична енергија и за учество во малцински удел во проектот

вторник, 20 август 2019

ЕСМ е заинтересирана да учествува во изградба на нуклеарната централа „Белене“ во Бугарија, па компанијата испратила писмо за намери за учество во проектот. Оваа информација денеска ја кажа бугарската министерка за енергетика, Теменушка Петкова, а за МИА ја потврдија од кабинетот на вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Бугарската министерка Петкова денеска рече дека 13 компании пројавиле интерес за учество во проектот, а меѓу нив е и ЕСМ на Северна Македонија за добивање малцински дел и долгорочно купување на енергија.

Како што јавуваат бугарските медиуми, македонското ЕСМ е една од компаниите што се пријавиле на повикот што беше објавен во Службениот весник на Европската унија во мај годинава. Седум од пријавените компании сакаат да учествуваат како стратешки инвеститори во изградбата на нуклерката „Белене“: руската компанија „Росатом“, кинеската „ЦННЦ“, корејската хидро – атомска корпорација, потоа конзорциумот АЕЦ „Белене“, конзорциумот „Електроцентрала Белене“, германската „Бектрон Карлсруе“ и бугарските „ИПК“ и „УП ЕООД Бугарија“.

Петкова потврди дека две други апликации биле доставени од „Џенерал електрик“ и „Фраматом“ за обезбедување опрема за идната нуклеарна централа, додека четири писма за намери биле испратени за склучување договори за купување електрична енергија и за учество во малцински удел во проектот и тоа од македонската „ЕСМ“, „European trade of energy Bulgaria“, „Energy distribution“ и „Енергомонт“.

Листата на заинтересирани компании за учество во изградбата на нуклеарната централа „Белене“ треба да биде готова во рок од 90 дена, по што ќе биде распишан официјалниот тендер за поднесување понуди. Целокупниот проект ќе треба да се гради по пазарен принцип, без државна гаранција и без долгорочно купување електрична енергија. Бугарската држава ќе учествува во проектот „Белене“ преку Националната компанија за електрична енергија.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев по објавувањето на повикот во Службен весник на ЕУ рече дека бугарската страна објавила повик во кој, практично, бара партнери на тој проект. Тој смета дека најбрз, наједноставдн и најевт начин Македонија да обезбеди базна енергија на подолг рок е преку бугарската нуклеарна централа „Белене“ и вклучување во нејзината изградба.

 

Содржината е прочитана 41 пати.