Интервјуа

Интервју со г-ѓа Олгица Манева-Илоска, генерален менаџер на хотелот „Инекс Горица“

Во моментов сме преокупирани со новиот проект "7 КОНТИНЕНТИ" кој се однесува на осмислување туристички комплекс со космополитска идеја на поврзување на традицијата, гастрономијата, културното наследство, науката, технологијата и заштитата на човековата средина.

вторник, 03 март 2015

Марили: Г-ѓа Манева-Илоска, хотелот „Инекс Горица“ со години го гради својот бренд, а денес е препознатлив по сите свои суперлативи, кажете ни како менаџер како се постигнува ваквиот резултат?
Манева-Илоска:
Инекс Горица веќе половина деценија е препознатлив бренд,но на мое задоволство можам да кажам дека со преземањето на управувањето пред тринаесет години,тој бренд стана уште попрепознатлив.Тоа се должи на големата упорност и ентузијазам на менаџерскиот тим поткрепени со поставување на високи стандарди во сите сегменти на хотелското работење.
Дополнително за краткорочните и долгорочните планирања, потребни се флексибилност, брзо одлучување, прилагодување кон непредвидени ситуации и соодветни реакции. Моја основна задача секако е задоволство од сработеното од една страна, и задоволство од квалитетот на услугата од другата страна.

Марили: 

Ќе се согласите дека убавините на Охридското Езеро го прават посебно атрактивен, но што сѐ треба да поседува еден угостителски објект за да го создаде и зачува своето реноме во континуитет?
Манева-Илоска:
За еден хотелски објект да го сочува своето реноме потребно е постојано да се стреми кон приближување до светските стандарди, како и следење на новите трендови во креирањето на врвната услуга, пријатен амбиент и вкусна храна. Но секако улогата на менаџерскиот тим е многу голема, особено во постојана едукација и доедукација на целиот персонал. Со расположивите фондови, низ годините успеавме да донесеме бројни експерти од Европа и Америка со кои заедно работевме во подобрување на квалитетот на услугите.

Марили: Многу делегации и светски лидери, конференции и дипломатски кор минале низ Вашите простории, како секогаш успевате да бидете најдобри и да ги веете знамињата на многу земји?
Манева-Илоска:
Последните неколку години во „Инекс Горица“ се одржаа настани кои достојно ја промовираа Македонија во светот: Нато самит, Светски конгрес дијалог на религиите, Самит на осумнаесет претседатели на Југоисточна Европа, Меѓународни конгреси од областа на медицината, фармацијата, културата. Освен перфектната локација пред која никој не останал рамнодушен, гостопримливоста и професионалноста на целиот персонал е она што најчесто се нагласува од сите наши гости. А како што се вели добриот глас надалеку се слуша.

Марили: Сметате ли дека Хотел Горица со својата посебност може да понуди нешто специфично за градот Охрид и туризмот во РМакедонија? Кои се Вашите размислувања и планови во оваа насока?
Манева-Илоска:
Хотел „Инекс Горица“ постојано се гледа како една целина со градот Охрид и е активен учесник во напорите за унапредување на градот и Република Македонија како туристичка дестинација. Во моментов комплетно сме преокупирани со новиот мултидисциплинарен проект "7 КОНТИНЕНТИ" кој се однесува на осмислување туристички комплекс со космополитска идеја на поврзување на традицијата, гастрономијата, културното наследство, науката, технологијата и заштитата на човековата средина, со можност за поединечно збогатување на секоја од споменатите содржини. Реализацијата на овој проект ќе значи подигнување на нивото на туристичката понуда не само на градот Охрид, туку и пошироко.

Марили: Што градот Охрид најитно треба да направи за претстојната сезона, особено во однос на странските гости?
Манева-Илоска:
Навремено да се подготви за новата туристичка сезона во насока на хортикултурно уредување, а секако во континуитет да работи со сите чинители во креирање на стратегија за развој на туризмот и нејзина имплементација, на мерки кои ќе ја подобрат целосната клима во овој сектор и континуирана промоција во земјата и светот што сметам дека е од особена важност.

Марили: Според Вас што е она што РМакедонија мора да го стори во наредниот период за ин-каминг туризмот вистински да се развива?
Манева-Илоска
: Република Македонија треба цврсто да стои зад започнатата стратегија за развој на туризмот и нејзина имплементација. Успехот во туризмот се должи на заеднички настап, каде заложбите на сите интегрирани страни треба да бидат максимални, со што би се избориле во џунглата на туристичката понуда на нашите конкуренти. Како една од најбрзо растечките гранки во светски размери туризмот во игра ги внесе сите континенти. Да се освои еден дел од пазарот бара голема умешност и национално единство. За жал, нашите компании сѐ уште не го сфаќаат значењето на здружувањето, па тука би ја нагласила потребата од поддршката која треба да се даде на здружувања како туристички кластери кои ги обединуваат сите сегменти од туризмот во една целина. Она што мора да се постигне е хоризонтална и вертикална координираност во овој сектор. Паралелно, треба да се продолжи со уште поинтензивна кампања за меѓународна промоција на Македонија, при што соодветно треба да се поврзе понудата со соодветните пазари.

Марили: Присутна сте на многу светски саеми за туризам. Каде го гледате развојот на туризмот на градот Охрид во рамките на светската туристичка мапа?
Манева-Илоска:
Oваа година Њујорк тајмс ја вброи Македонија на 10 место од 52 топ дестинации во светот. Се најавува дека Балканот станува 6 топ дестинација во светот. Туристите бараат постојано нови и неоткриени дестинации. Македонија мора да го искористи овој момент и од "непозната" да стане "незаборавна" дестинација.

Марили: Како една од најуспешните жени менаџери во туризмот и хотелиерството, сметате ли дека многу се вложивте и задоволна ли сте од постигнатото? Кои се Вашите желби во блиска иднина на професионален и приватен план?
 
Манева-Илоска: Мојот успех е триумф на мојата упорност. Животот ми дал многу: да го почуствувам мајчинството, љубовта, истовремено да бидам, сопруга, мајка, домаќинка, пријателка... Моја цел е да го одржам стекнатиот авторитет и кредибилитет, а притоа секако да не се откажам од упорноста и ентузијазмот кои се типични за мене.
 
Содржината е прочитана 578 пати.