Бизнис вести

Косово да даде аргументирано објаснување за забраната за увоз на компири и мед од земјава

Македонските власти не се согласуваат со ставот на Косово може да воведат забрана според ЦЕФТА договорот, или по други меѓународни стандарди

понеделник, 19 август 2019

Косово со аргументи да објасни врз основа на кои меѓународни стандарди е донесена мерката за забрана на увоз на компир и мед од нашата земја, ќе побараат македонските власти откако косовскиот министер за трговија и индустрија, Ендрит Шаља во петокот наложи забрана на увоз на овие производи од Северна Македонија.
Косовските власти ја воведоа мерката како одговор на забраната што Скопје ја воведе за увоз на риба за порибување од Косово.

„Ќе побараме од косовските власти во текот на утрешниот ден со аргументи да ни објаснат врз основа на кои меѓународни стандарди ја воведуваат забраната. Не држи изјавата на Косово дека со ЦЕФТА договорот, или по други меѓународни стандарди може да ни воведат забрана“, рече директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов

Министерот за трговија и индустрија на Косово, Ендрит Шаља во петокот рече дека забраната за увоз на компири и мед од Северна Македонија „ќе остане во сила се додека органите во Северна Македонија не ја преразгледаат одлуката за увозот на риба за порибување“.

Утре министерот за економија, крешник Бектеши и директорот на АХВ, зоран Атанасов треба да заминат во Приштина и да се обидат да ги убедат косовските власти да ја тргнат забраната за увоз на македонски компири и мед.

 

Содржината е прочитана 68 пати.