МАКЕДОНИЈА

Фармерите ќе можат директно да ги продаваат своите производи и да ги избегнат откупувачите

Производителите на млеко, млечни производи, месо и производи од месо ќе можат да ги продаваат производите, но притоа ќе мора да исполнат одредени хигиенски и безбедносни критериуми согласно новиот Правилник

понеделник, 19 август 2019

Фармерите и малите производители кои произведуваат млеко, млечни производи, месо и производи од месо ќе можат да ги пласираат своите производи до крајните потрошувачи и нема да зависат од откупувачите, но притоа ќе мора да ги исполнат соодветните хигиенски и безбедносни критериуми пропишани во новиот Правилник на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

„Фармерите и малите производители ќе можат да произведуваат производи од животинско потекло согласно условите што треба да ги исполнат и нема да зависат од откупувачите, бидејќи ќе може да ги пласираат до крајните потрошувачи или да ги понудат во некој маркет. Целта е да можат директно да ги пласираат своите производи до крајниот потрошувач, но притоа мора да ги задоволат основните стандарди за безбедноста на храната и да обезбедат хигиенски услови на производство. согласно Правилникот“, рече директорот на АХВ, Зоран Атанасовгенцијата за појасни Атанасов денеска на прес-конференција во Стопанската комора на Македонија

Покрај ова производителите имаат обврска и да обезбедат соодветно пакување за производот и декларација на која ќе бидат напишани основните информации за тоа од каде потекнува производот, датумот на производство, рокот на употреба и начинот на чување на производот.

„Новини се предвидени во делот на производството на сурово млеко кое со овој подзаконски акт примарниот производител ќе може да го стави во промет преку продажба во млекомати. Во делот кој го регулира колењето животни на фармите, исто така, има новини. За оваа активност на фармите, одгледувачот на животни ќе може да користи услуга од мали мобилни кланици кои ќе треба да бидат одобрени од АХВ, а регулирано ќе биде и ставањето во промет на месото од дивеч, кое ќе може да се обработи во мали објекти за таа намена, кои ги исполнуваат минималните барања за безбедност на храната. Се доуредува и делот кој се однесува на производство и продажба на конзумна риба, производите од месо, медот, конзумните јајца“, појасни Сашко Арсов, раководител на Секторот за ветеринарно јавно здравство.

Со Правилникот се овозможува и медот како примарен производ да се пласира на целата територија на државата.

Атанасов истакна дека при изработката на Правилникот биле консултирани сите засегнати страни и оти во него се вградени поголем дел од забелешките. Правилникот ќе се презентира пред примарните одгледувачи со цел тие поблиску да се запознаат со критериумите што треба да ги исполнат за да можат да ги пласираат своите производи до крајните потрошувачи.

 

Содржината е прочитана 333 пати.