Интервјуа

Интервју со госпоѓа Марина Анчевска, генерален менаџер на Центар за Бизнис Психологија

Многумина од нас сакаат промена, но им недостасува самодисциплина, верба и мотивација. Ништо нема да се смени сè додека не дејствувате поинаку. Животот наградува дејствување.Само позитивни мисли не се доволни за промена, потребна е и акција.

среда, 11 март 2015

МАРИЛИ: Г-ѓа Марина, од кога постои Вашата компанија „Центар за Бизнис Психологија“ и со што сè се занимава?
АНЧЕВСКА:
Фирмата ја основав на 16 ноември 2007 година под името Агенција за комуникација “Ксантика”. Во 2012 ја започнав соработката со реномираниот Институт за применета психологија “Bureau Land & Partners” од Холандија и затоа Ксантика ја ребрендиравме во Центар за Бизнис Психологија – Системски НЛП – Југоисточна Европа. Центар за Бизнис Психологија организира висок квалитет на меѓународна едукација. Истата е наменета за професионалци кои долгорочно инвестираат во својот личен развој и веруваат дека само со промена на себе можат да се справат со животните предизвици и на тој начин, да креираат успех на лично и професионално поле. Во центарот одржуваме различни меѓународно сертифицирани програми:
International NLP Practitioner and Master Program HNM®
HNM® - Human Neuro Management®, е бренд на Меѓународниот Институт за применета психологија “Bureau Land & Partners” од Холандија.
International NLP Training for Trainers Program
Tailor Made 6 days Business NLP Program
Сите НЛП Програми се меѓународно сертифицирани и акредитирани од страна на светски призната НЛП асоцијација: American Board of NLP.
Покрај НЛП програмите Центарот одржува и други меѓународно сертифицирани програми:
International Systemic Work Program SCDM® - Systemic Colored Dynamics Method® ,е програма која што дава увид во фамилијарните и организациски системи.
International Total Coaching ® Programs I and II. Оваа програма е наменета и за оние кои што професионално сакаат да работат како коуч за личен и професионален развој.
Овие програми се бренд на Меѓународниот институт за применета психологија “Bureau Land & Partners” од Холандија. За потребите на компаниите одржуваме корпоративни тренинзи дизајнирани за нивните потреби, како и индивидуални коучинг програми за личен и професионален развој. Покрај овие програми ние редовно организираме тренинзи и предавања на различни теми од областа на комуникацијата, справување со стрес, лидерство, родителство и многу други актуелни теми. Јас, како основач на Центарот и тренер за личен и професиоанален развој, сум редовен гостин предавач на разни настани и манифестации. Покрај тренинзите, често гостувам во различни ТВ и радиоемисии, пишувам статии за списанија и национални весници, говорејќи на теми во врска со важноста за инвестирање во личниот и професионален развој. Активно се залагаме за подигнување на свеста кај компаниите и поединците за креирање на општествена и колективна свест.

МАРИЛИ: Што е тоа NLP и дали сте вие единствена во регионов што ги работите овие програми?
АНЧЕВСКА:
Центарот за Бизнис Психологија претставува прв НЛП центар во Македонија и претставува верен партнер на компании кои се фокусирани единствено на сигурен и долгорочен успех. Невро лингвистичкото програмирање оваа година слави 40 години постоење. Претставува прв избор на многу реномирани мултинационални компании и императив за успех на истите. НЛП техниките овозможуваат промени во корпоративната култура со кои може да се искористи целосниот потенцијал на компанијата и пред сè луѓето кои работат во неа. Исто така НЛП го користат и голем број поединци од каква било професија кои сакаат успешно да се менаџираат себеси и своите цели, полесно да соработуваат со својата околина, да се насочат кон своите потреби и идеи. НЛП е всушност наука базирана на основа на филозофија, лингвистика, антропологија, невронаука, кибернетика и психологија.
НЛП е збир на техники што ви помагаат да се ослободите од бескорисните обрасци на размислување и однесување и да преземете нови, позитивни и конструктивни пристапи кон животот што ќе ви донесат успех на секое поле, лично и професионално. Со техниките кои што се специфични за НЛП доаѓа до промена на верувањата и вредностите, се открива идентитетот, а мисијата и визијата не остануваат само запишани, туку и вистински се живеат.

МАРИЛИ: На кои сé едукации сте минале за да денес ја работите Вашата работа на вака високо ниво?
АНЧЕВСКА:
Моето прво работно искуство беше на 15-годишна возраст, кога во летниот период работев во градинарски плантажи, за да го заработам мојот летен одмор. Секогаш учев, студирав и работев, во Скопје и во соседна Грција. Чистев, чував деца, работев во ресторани и фабрики. По завршувањето на Природно-математички факултет – Етнологија, се преселив во Холандија. Таму, исто така продолжив дисциплинирано да ги следам своите цели.
Веднаш се запишав на Факултет за странски јазици и го завршив највисокиот степен на холандски јазик за странци. После две годишен престој во Холандија јас го научив јазикот и се стекнав со сертификат за судски преведувач. Во меѓувреме работев кај еден од најценетите офталмолози во светот проф. д-р Ворст, како асистент во подготовка на неговите семинари и предавања. Во неговата истражувачка група се стекнав со огромно искуство, лично и професионално. Напоредно работев како преведувач и студирав Холистичка академија, со што полека почнав да се насочувам во друг правец. Во еден момент почувствував дека е време за промена, го препознав импулсот и се пуштив во авантура. Барав и најдов нова работа. Иако беше за помала плата, чувствував дека нешто ме бутка во нов правец. 
Напуштив работа кај проф. д-р Ворст и станав личен консултант и водич на азиланти кои што престојуваа во азилантски центри. Работев со луѓе од цел свет со различни приказни, судбини и трагедии, а иста желба, да креираат подобар живот и да успеат. Токму на оваа работа осознав дека каде и да одиш се носиш себеси. Оние што вистински знаат што сакаат и преземаат целосна одговорност во оставрувањето на своите цели, имаат многу поголеми шанси да успеат, отколку оние кои што постојано бараат изговори, наместо начин како да стигнат до целта. По 4 години се случија промени во политиката на Холандија во однос на азилантите и почнаа да затвораат голем дел од азилантските центри.
Мене и уште стотици колеги не отпуштија од работа со лична отпремнина од 10.000 евра која што можев да ја потрошам само на едукација. Јас бев пресреќна, бидејќи ова за мене беше можност за ново искуство. Преку мојот личен тренер, кој што ми го посочи заводот за вработување, се запознав со невролингвистичкото програмирање и во мене се запали искра.
Следењето на НЛП програмите беше чекорење по мојата временска линија. Каде бев, каде сум сега и каде сакам да бидам. Јасно и прецизно работев на креирање на мојата животна стратегија. По здобивањето на меѓународниот сертификат за NLP Practitioner, јас ја продолжив мојата едукација и се здобив со уште еден меѓународен сертификат, NLP Coach.
Почетоците на мојата НЛП едукација беа и сè уште продолжуваат на Институтот за применета психологија “Биро Ланд & Партнери”, во Холандија. Основачот на институтот, г-ѓа Јоке Ланд, со која од 2012 година соработувам е врвен НЛП мастер тренер, организациски психолог и коуч, како и системски терапевт. Нејзината професионалност и стручност, до денешен ден за мене се инспирација и мотивација да инвестирам во доживотно учење и да се и надградувам на лично и професионално поле. Во меѓувреме посетував Јога академија и по 3-годишна едукација станав и сертифициран Јога учител. Веднаш по завршувањето на НЛП и коучинг програмата јас основав своја фирма “Монада”. Креирав уникатна коучинг програма за личен и професионален развој, во која беа вклучени невролингвистичкото програмирање, коучингот, јогата и холистички масажи. Работев со поединци и компании. Тоа беа почетоците на ова што го работам сега. После 17 години живеење и работење во Холандија, во 2007 јас се вратив во Македонија и тука ја основав Агенцијата за комуникација “Ксантика”. Во меѓувреме сè уште инвестирам во себе и посетувам разни програми од областа на НЛП, коучингот и системските консталации. Се здобив со сертификација за NLP Master Practitioner, а моментално ја завршувам мојата меѓународна сертификација за NLP Trainer. Мојот начин на работење, е всушност и мојата филозофија на живеење. Се водам по принципот дека сè е возможно и моите цели се секогаш еколошки. Тоа значи дека, остварувањето на целта е добра за мене, за моето опкружување и за целиот систем. Мисијата на компанијата е всушност и мојата лична мисија. Покрај тоа што инвестирам во моето знаење големо внимание им посветувам на моите секојдневни навики. Се хранам здраво и умерено, вежбам јога и техники на дишење, одам во теретана, возам точак и многу значаен дел од моето секојдневие е медатицијата.
По природа сум љубопитна, трудољубива и одговорна. Многу рано го разбрав принципот дека јас сум креаторот на мојот живот и затоа ниедна работа не ми била тешка. Секогаш сум имала цели и затоа мотивацијата е дел од мене. Доколку немам мотивација, знам дека целта не е доволно важна и вредна за да ѝ се посветам. Верувам дека токму храброста да се впуштам во непознатото, да работам различни професии, да се пробам на различни функции, да инвестирам во себенадградувањето, придонесоа да сеосвестам дека нашата лична стратегија на размислување и процесирање на информациите, начинот на кој што креираме однесување, освестувањето на верувањата и вредностите, се најважните сегменти во остварувањето на нашите лични и професионални цели. Успешноста во голем дел зависи од способноста да се управувате себеси. Дали тоа го правите на работа и/или дома стратегиите кои што во голем дел несвесно ги спроведувате се еден ист процес, независно каде и да сте. Да се биде во одлична ментална и физичка кондиција води кон успешност на секое поле.
Себеуправувањето е еден од најголемите предизвици и потребна е огромна доза на самокритичност и одговорност за однесувањето и начинот на комуникација, со самите себе и со другите луѓе. Не е важно колкаво е вашето знаење и што точно знаете туку што правите и како тоа знаење практично го користите. Дали сте свесни што е тоа што ве води да го правите она што го правите? Процесот на размислување е оној кој што ги креира зборовите, однесувањето, навиките, карактерот и секако реалноста. Успешноста не е надвор од нас, таа се случува или не се случува токму во нашите мисли. Многумина од нас сакаат промена, но им недостасува самодисциплина, верба и мотивација. Ништо нема да се смени сè додека не дејствувате поинаку. Животот наградува дејствување, а не намери, мудрости и разбирање.
Само позитивни мисли не се доволни за промена, потребна е и акција.

МАРИЛИ: Во тесна соработка сте и со предавачи од Холандија. Колку често тие доаѓаат во РМ да држат обуки и предавања?
АНЧЕВСКА:
Мојата соработка со Институтот за применета психологија, “Биро Ланд & Партнери” од Холандија, неофицијално започна во октомври 2011 година, кога организирав едукативен викенд “100% Успех”, во Радика, Маврово. Тогаш за првпат ја поканив г-ѓа Јоке Ланд да дојде во Македонија и да се вклучи во дел од програмата.
Јас бев пресреќна што можеше да издвои термин од нејзината пребукирана агенда и да одржи прекрасно предавање. Оттогаш па наваму ние редовно соработуваме. Покрај нејзините посети во Македонија, јас исто така редовно работам како асистент тренер во нејзиниот Институтот во Холандија и заедно со НЛП Мастер тренерот Јоке Ланд патувам во Ирска, каде што исто така Институтот организира разни програми.

МАРИЛИ: Колку кај нас луѓето се едуцирани од областа на невролингвистичкото програмирање во однос на другите европски земји, како на пример Холандија?
АНЧЕВСКА:
Кога во 2007 се вратив од Холандија, веднаш започна мојата соработка со неколку ТВ канали. Бев и сè уште сум, редовна гостинка во многу емисии. Можам да кажам дека бројот на оние кои што беа запознаени со НЛП не беше многу голем. Исто така и поимот коуч беше истоветуван само со спортски тренер, а ретко беше познат како термин за личен и професионален развој. Од мојот прв ТВ настап и сè до денес , јас говорам за тоа колку е важно да се инвестира во личниот развој и дека за компаниите, докажано е, дека вложувањето во нивните вработени е повратна инвестиција, а не трошок. Тоа кај нас сè уште е табу тема бидејќи компаниите се плашат дека ако “потрошат” средства на обучување на своите вработени , „истите ќе избегаат во друга компанија и за џабе фрлиле пари”. За жал, тоа сè уште е така и затоа голем дел од вработените не се мотивирани и воопшто не ги знаат мисијата и визијата на компанијата во која што работат. Секогаш има изговори кога ќе дојде момент на инвестиција, дали за себе или пак за вработените. Се нема пари и време, моментот е непогоден, голем број на обврски, тешки времиња и уште многу други. Но, кога ќе погледнете на што сè се трошат пари и време, тогаш ви е јасно дека едноставно станува збор само за избор на приоритети. За оној кој што сака да напредува, да се надградува како личност и да биде успешен не постојат изговори, туку само можности и предизвици. Бидејќи долги години престојував во Холандија, со сигурност можам да кажам дека таму на тренинзите само 10% од учесниците се поединци. 90% од учесниците се вработени, за кои компанијата каде што работат инвестира во нивниот личен развој! Овие разлики немаат никаква врска со стандардот. Воедно тој стандард е граден со години исксуство, инвестирање и работење на подигнување на колективна свест. Кај нив постои менталитет дека менаџерот не е оној кој што наредува, туку дефиниција за менаџер е People developer! Од 2007 година, па наваму во Македонија има голем пораст на оние кои што инвестираат во себе. Бројот на учесници на нашите програми постојано се зголемува и секако дека тоа на колективно ниво е добро за сите нас.

МАРИЛИ: Дали менаџерите од бизнис секторот кои се најмногу изложени на стрес се чести посетители на Вашите обуки и дали тоа потоа го препорачуваат и на своите вработени?
АНЧЕВСКА:
Во Македонија, полека но сигурно, се менува свеста и инвестирањето во личниот развој почнува да станува дел од секојдневието. Брзиот начин на живеење си го прави своето. Голем дел од луѓето живеат во постојан стрес и не можат да се справат со секојдневните обврски. Затоа освестувањето за тоа како се менаџираме самите себе станува многу значајно.
Себеменаџирањето е индивидуален процес, кој што искуствено го откривате и свесно знаете што е најдобро за вас. Голем број истражувања, животни филозофии и техники за себе менаџирање имаат нешто заедничко. Сите укажуваат дека себепознавањето и умешноста во креирање на баланс помеѓу потребите и можностите се клучни во креирање на успех.
Во зависност од тоа што вам ви е важно и вредно реагирате и креирате реалност, т.е. го креирате својот живот. Затоа потребата од посета на ваков тип тренинзи станува сè поголема. Сите наши учесници во програмите на Центар за Бизнис Психологија, се наша најдобра реклама. Промените што тие ги прават, нивната храброст да излезат од зоната на комфорот и да направат многу повеќе од просечното, за мене е најзначајната референца што некој може да ми ја даде.

МАРИЛИ: На почетокот на новата година, што ќе им порачате на нашите читатели за позитивен нов старт?
АНЧЕВСКА:
Сè додека нашите постапки ги гледаме како грешки никогаш нема да ја научиме лекцијата. Тоа ќе значи слепо прифаќање на ситуациите во кои сами се доведуваме, како резултат на низа постапки. Кога неуспехот или грешката ќе го воочиме како резултат на одредено наше однесување, тогаш започнува промената. Промените се суштината на животот. Развојот е опција. Бидете љубопитни и доживувајте ги предизвиците како можност за напредок. Секогаш се потсетувам дека, ако Доналд Трамп, Опра Винфри и уште многу други светски успешни професионалци, постојано инвестираат во себе, поминувајќи и НЛП тренинзи, зошто да не можам и јас да го правам истото? Инвестирајте во себе, во својот личен развој бидејќи тоа е инвестиција која што секогаш е профитабилна, независно од тоа што се случува во општеството и околината. Личниот развој е ваш личен капитал. Не се важни дипломите и признанијата, важно е искуството и што сме научиле од тоа што сме го искусиле. Дали ги повторуваме истите динамики и ги правиме истите потези, зависи од нас самите. Реалноста се случува во нашата глава. Сето тоа што го мислиме, можеме и да го реализираме. Јас верувам дека сè што правиме во животот е всушност чекорење по патот кон освестувањето. Насекаде околу нас постојано сме опкружени со знаци кои што ни укажуваат на тоа како да се движиме низ животот. Телото секогаш безгрешно и многу прецизно ни кажува кога има потреба од храна, каква и во колкава количина. Ни укажува кога има потреба од движење, а кога од одмор. Сите симптоми што ги имаме во вид на болка се всушност разговор со душата.
Но, понекогаш толку сме заслепени од нашите стравови, его и материјални потреби што забораваме дека, единственото што треба да го направиме е да ја ослободиме душата за да ги подготвиме телото и умот за нови предизвици. Животот е тоа што постојано ни се случува, додека ние растрчани, го бараме и бркаме, насекаде, освен онаму каде што е: Во самите нас!

 

Содржината е прочитана 1275 пати.