Бизнис вести

Лозарите и винарниците не се договорија за откупната цена на грозјето

Додека лозарите бараат 16 денари за килограм „смедеревка“ и 17 денари за килограм „кратошија“, винарските визби ги нудат ланските пониски откупни цени

петок, 16 август 2019

Лозарите и винарниците не се договорија околу откупната цена на грозјето. Од здружението „Напредни лозари“ информираат дека тие барале 16 денари за килограм „смедеревка“ и 17 денари за килограм „кратошија“, но оти винарските визби нуделе пониски откупни цени на грозјето.

„Преработувачите на грозје останаа на нивните позиции кои беа однапред познати, минатогодишните цени, но со изместени вредности по однос на границата на шеќерните единици под која нема да се откупува грозјето, што всушност значи и намалување на откупната цена на грозјето. На пример, ако лани ’вранецот’ се откупуваше по 13 денари за 19 шеќерни единици се до над 16 денари за над 23 шеќерни единици, оваа година ќе се откупувал пак по 13 денари, но не за 19, туку за 21 шеќерна единица, што е автоматски помалку за речиси 2 денара по килограм. Слично е и со ’смедеревката’“, велат од Здружението.

Оттаму потенцираат дека не се согласуваат со ваквата, како што ја нарекуваат поразителна откупна политика на преработувачите на грозје. Најавуваат дека ќе ги користат сите расположливи демократски средства за постигање на целта, а велат дека се можни и протести.
 

Содржината е прочитана 47 пати.